Можно ли е ВМРО ДПМНЕ и Владата да ја „заглават” Македонија на патот кон ЕУ барајќи гаранции за „вистината” за Македонија? Барањето „гаранции за вистината” е можеби политички валидна позиција – но практично неодржлива.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Зошто сега пак се отвораат стари рани? Зошто бараме потврда на веќе потврденото, а не се држиме до она што е фиксно-македонскиот јазик во фиксната преговарачка рамка. Тоа е најчистата етничка определба на еден народ. Сѐ дргуго може да е предмет на дебата: дали тоа ќе биде пинџурот од лути пиперки или Јордан Пиперката, гунчето на Ѓорѓи Сугарев или кубурот на Јане, „Тешкото“ наспроти „Т`га за југ“ на Миладиновци, и има уште многу што друго од македонското културно-историско наследство да се набројува.
Ако продолжиме вака на патот кон ЕУ ќе се загубиме во релативизирање на сопствениот идентитет.
Ако ВМРО ДПМНЕ веќе тргнало да бара нова содржина во дефинирање на односите со ЕУ, треба да каже дали е тоа сосема нова преговарачка рамка или пак нешто надвор од неа, некаков анкес во протоколите со кој би се елиминирал волунтаризмот во нивното толкување од бугарска страна, како пречка во напредокот на преговорите.
Но и да е така, би било фер кон сопствените граѓани да се произнесе еднаш јасно и гласно, колку долго тоа ќе трае!
Ако СДСМ веруваше дека ЕУ-членството мора да се постигне по секоја цена, ВМРО-ДПМНЕ моментално делува како да не сака да го постигне по никоја цена, бидејќи не нуди сопствен модел за компромис, ниту иницира процес што би водел напред. Не нуди алтернатива за излез од ќорсокакот. На пример, не предлага правен или политички модел што би ги амортизирал уставните измени, туку целосно го префрла товарот врз ЕУ (и Бугарија), што реално нема да донесе резултат во Советот на ЕУ.
Се враќаме на прашањето дали Владата на ВМРО ДПМНЕ има временска рамка до кога ќе бара подобра преговарачка позиција, и кои и се всушност нејзините позиции во отпочнивање на преговори со ЕУ.
Досега Владата предводена од Христијан Мицкоски не објави конкретна временска рамка до кога би се обидувала да издејствува „подобра“ преговарачка рамка.
Во неколку настапи, Мицкоски рече дека нема намера да го прифати отворањето на Уставот под сегашните услови. Се инсистира на „европски предлог“ кој нема да навлегува во идентитетски и историски прашања, без дефинирање рок.
Тоа создава перцепција на политичко „чекање“ без јасен рок.
Оттаму прашањето, има ли Владата волја за ЕУ? Формално – да, но со голема доза на условеност. Постои перцепција (и во Брисел) дека Владата го користи процесот како средство за домашна политичка консолидација, а не како приоритет.
Овој пристап може да се оцени како ризичен бидејќи, ЕУ нема намера да ја менува рамката. Одлагањето носи ризик од губење на кредибилитетот и губење на поддршката од клучни земји-членки.
„Пимплањето“ со времето, односно одложување без јасен рок и стратегија, носи сериозни стратешки ризици, не само за Македонија туку и за општиот европски ентузијазам за проширување. Земјите-членки ја очекуваат сериозноста на кандидатите – не трпеливост во бесконечност.
Германија, Франција, Австрија, Полска, Чешка, Хрватска, Италија – се дел од земјите што веќе јавно рекоа: „Ние сме подготвени за проширување до 2030 – ако кандидатите се подготвени.“
Маричиќ има право кога вели: „Некои земји ќе изгубат трпение и поддршката ќе се намали, ако ние самите покажеме дека немаме јасна волја.“
Тие бараат: сериозност, институционална стабилност, правна предвидливост, но и политичка волја да се исполнат зацртаните чекори – вклучително и непопуларните. Ако некоја земја, во случајот Македонија покажува дека „игра на време“, поддршката за неа може да премине во „заситеност“ или „замор“.
Ако сега новата влада на Македонија не дава сигнал дека ќе го искористи прозорецот, тогаш некои европски влади може да речат: “Ако тие не сакаат – зошто да инсистираме ние?”
Па можно ли е ВМРО ДПМНЕ и Владата да ја “заглават” Македонија на патот кон ЕУ барајќи гаранции за “вистината” за Македонија? Барањето “гаранции за вистината” е можеби политички валидна позиција – но практично неодржлива.
Проблемот е што ЕУ како механизам нема капацитет да гарантира историска „вистина“, особено кога една земја-членка (Бугарија) тврди спротивно.
Ова барање носи ризик од политичко самозаглавување. Наместо да ги користи веќе постоечките европски формулации како: „македонски јазик без придавки“, Владата отвора нова дипломатска битка, со неизвесен исход. Во меѓувреме не се вршат уставни измени, не се отвораат кластери, се губи темпо, и ЕУ-поддршката полека слабее.
Бугарските амандмани беа отфрлени, но и нови се најавуваат (како оној на Михаел Галер за „современ македонски јазик“).
Ако Македонија инсистира само на „заштита од амандмани“ без реална активност – тогаш се појавува слика дека се жали, но не делува. А со тоа се засилува перцепцијата дека Македонија е проблем, а не жртва.
Инаку можно е да се заглавиме ако продолжиме да бараме апсолутни „вистини“ или „гаранции“ во домен каде што ЕУ не гарантира историја. Ако само чекаме „идеален предлог“, можеме да изгубиме сè.
Европа не чека вечно – и како што кажа Филипче: „Може ли целиот мандат да помине во чекање?“ – тоа е вистинското прашање.