Марта е Кос, а ние сме си криви

Фото: МИА
Фото: МИА

Наместо појаснување, добивме вадење од контекст, а тоа не однесе во кујната на пропагандата. Наместо целата изјава, се фатија за пинџурот, за тавче-гравчето и, сè останато – контекстот, пораката, почитта – исчезна во шумата од потсмев.

Андреја СТОЈКОВСКИ

„Идентитетот не е музеј. Тој е жив, противречен, комплексен и личен.“
„Во Мадрид сум дома. Таму не ме прашаа од каде сум, туку како се чувствувам.“

Идентитетот, велат, е нешто со што се раѓаш, ама и нешто со што живееш. А јас растев со сложувалка – понекогаш расфрлана, понекогаш совршено сложена, но секогаш моја.

Во сложувалката од страната на татко ми, имав баба родена во село Давидовац, Србија. Баба ми говореше „врањански“. Како добра снаа готвеше кумановски, а до последниот ден се чувствуваше како Србинка. Нејзиниот сопруг – мојот дедо – инаку роден во Куманово имал такво потекло кое ја надминувало козјачијата и длабоко навлегувало на север во Србија. Од страната на мајка ми, дедо ми бил роден во Велес, во семејство на Морови, но во животот носел повеќе презимиња отколку државни устави – Панчевски, Панчетовиќ, Пенев… и повторно Панчевски. Мојата баба, беше од Струмица. Од нејзините родители, мојот прадедо дедо бил Влав од Крушево, додека прабаба ми – бегалка од Кукуш, една од многуте „бежанки“ што го понеле своето достоинство преку границите што никогаш не ги признале.

И покрај сето тоа – или можеби токму поради тоа – мојот татко никогаш не се чувствуваше како ништо друго освен Македонец. Мајка ми и денес го носи тоа чувство. А нејзиниот татко, и покрај сите обиди да му се менува „идентитетот“, се роди и почина како Македонец. Тоа сум и јас. Тоа сме многумина од нас. Не составени од една гранка или нитка, туку израснати со љубов низ повеќе приказни, дијалекти, рецепти и сеќавања – кои не нè разделуваат, туку нè спојуваат во нешто што го чувствуваме како наше. Токму затоа не ме чуди што иако немам потекло од Шпанија, таа земја ја чувствувам блиска. Ја сакам, ја почитувам, уживам во нејзиниот јазик, музика, литература, вино и начин на живот. Можеби формално не сум дел од неа, но кога сум во Мадрид – јас сум дома. За појаснување, таму живеев една година, благодарение на стипендијата што ми ја додели шпанската влада. Во тие 12 месеци, Шпанија не ми беше само место за учење – таа ми стана дел од идентитетот. Нејзините луѓе ме прифатија, ми отворија врати и срца, некои од нив и денес ги нарекувам свое семејство. На крајот заминав со одличјето „El más Español del Máster“ (најголемиот Шпанец во групата на студиите), тоа не беше само симпатична диплома или почесно признание – тоа беше потврда на чувство што сè уште ме одредува во огромна мерка.

Оттаму, со идентитетот се раѓаме, но ако се чувствува искрено идентитетот може да го избереме, да го стекнеме, дури и да го изградиме или ако така повеќе милувате, да го надградиме.

Изминатите два дена во Скопје беше Марта Кос, Словенка по државјанство и комесарка за проширување во новата Европска комисија. На заедничката конференција за печатот, г-ѓата Кос кажа:

Членството во Европската Унија е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, затоа што Европската Унија е изградена на принципот на разноликост.
Во таа насока, идентитетот никогаш не може да биде предмет на политичко одлучување, туку е нешто што го носиме во душите и срцата.
Идентитетот е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина и како се грижиме за нашата традиција.
На пример, манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки, како ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик.
Никој не може да ви го одземе ова на вас, Македонци.“

Изјавата на Марта Кос дојде во момент на длабока чувствителност – во време кога од државата се очекува клучната уставна промена, договорена како предуслов за напредок во европските интеграции. Намерата, беше да појасни, да ги ублажи стравовите и да пренесе порака дека членството во ЕУ значи прифаќање и гаранција за македонскиот идентитет. Дека тој е дел, или има свое место во европскиот мозаик. Дека идентитетот никогаш не може да биде предмет на политички преговори, бидејќи личното чувство не може никој да ни го одземе. Наместо појаснување, добивме вадење од контекст, а тоа не однесе во кујната на пропагандата. Наместо целата изјава, се фатија за пинџурот, за тавче-гравчето и, сè останато – контекстот, пораката, почитта – исчезна во шумата од потсмев.

Во шумата или во шумот кој следуваше се изгубија четирите клучни поенти: Членството во Европската Унија е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонцитеидентитетот никогаш не може да биде предмет на политичко одлучување… Идентитетот е како се чувствуваме… Никој не може да ви го одземе ова на вас, Македонци.“

Во таква атмосфера, каде што чувствата секогаш победуваат над разумот, рационалниот разговор станува невозможен. Наместо да се обидеме да ја разбереме пораката зад зборовите, ние се фаќаме за симболите кои најлесно може да ги искористиме за потсмев или поделба. Овде не се работи за гравот, туку за тоа дека ние сами се плашиме да бидеме признаени. Затоа што признавањето бара зрелост, а зрелоста бара одговорност. И тука доаѓаме до суштината. Проблемот не е во Марта Кос. Проблемот е што ние не знаеме што да правиме кога некој ќе нè признае.

Ние, кои цело време бараме Европа да нè разбере, кога конечно ќе ни каже: „Вие сте важни, вие сте различни, вашиот идентитет е вредност“ – ние не запираме, продолжуваме со истото себе сожалување, со плукање кон другиот, со исмевање. Едноставно, полесно ни е да живееме во наративот дека сме жртви, отколку да преземеме одговорност за себе. Изјавата на Марта Кос не беше ни смешна, ни навредлива. Таа беше вистинита. А нашата реакција – самопонижувачка.

И кога веќе ни пречи тоа што некој нè потсетил на нашиот јазик, манастири, обичаи, носии и храна – тогаш мораме искрено да се запрашаме: Дали проблемот е признавањето? Или она што сме биле некогаш, не знаеме што сме денес, ниту што сакаме да бидеме утре?

Дали навистина треба некој да ми го признае идентитетот? Или тој е нешто што јас треба да го создавам, да вложувам во него, да го изградувам – или, подобро кажано, постојано да го надградувам? Зошто очекуваме потврда однадвор, кога вистинската сила на идентитетот доаѓа однатре?

Со други зборови – дали Македонецот денес, е помалку Македонец од оној на почетокот на минатиот век бидејќи денес не носи носија, ниту пак ја негува чалгијата или традиционалната фолклорна музика?
Дали во нашето општество немаат право да се нарекуваат Mакедонци, со сопствен, посебен идентитет, оние што слушаат српски турбо-фолк? Дали можат да се нарекуваат Македонци оние што го читаат Буковски, а не Попоски? Дали е помалку Македонец оној кој го навредува Конески, или помалку патриот оној кој нема да го стави Делчев на профилната фотографија, без воопшто да ја разбира и следи неговата мисла?

Идентитетот не е музеј. Тој е жив, противречен, комплексен и личен. Тој е во изборите што ги правиме секој ден – дали ќе градиме, дали ќе почитуваме, дали ќе се поврзуваме. Нашата задача не е само да се повикуваме на минатото. Нашата обврска е да му дадеме смисла – преку сегашноста што ја живееме и иднината што ја создаваме.

Оттаму, Марта можеби е Кос, ама ние сме си самите криви.

Зачлени се на нашиот е-билтен