Основниот суд во Куманово со пресуда донесена на 1 јули го отфрли обвинението против градоначалникот Максим Димитриевски, откако јавниот обвинител формално се откажа од кривичното гонење. Судот соопшти дека постапил по член 402, став 1, точка 3 од Законот за кривична постапка и дека предметот со ознака К-115/24 е затворен.
Димитриевски беше обвинет во април 2024 година за злоупотреба на службената положба, поради суспензијата на детален урбанистички план што ја изгласа општинскиот совет. Во досегашните рочишта, сопственици на градежни компании тврдеа дека претрпеле штета поради времено запирање на проектот, кој предвидуваше комплекс згради во центарот на Куманово, меѓу гимназијата и школската амбуланта.
Градоначалникот досега аргументираше дека ја бранел јавната добробит и квалитетот на живеење на кумановци, оценувајќи дека планираната градба „значително ќе го наруши хуманото опкружување“. Завршните зборови беа закажани за утре, но со повлекувањето на обвинението постапката официјално заврши.