Анализира: Леон БАКРАЧЕСКИ
Првичниот дипломатски капитал, со кој Владата се пофали дома, а кој се градеше цела декада со пристојна реторика и со формирање партнерства наместо со создавање на непријатели и со борба со ветерници се стопи во рок од две седмици. Наместо тивко лобирање за стабилно мнозинство, Скопје ја подигна реторичката температура и го насочи вниманието кон симболичните прашања, оставајќи им простор на противниците да ги претворат симболите во услов.
На 24 јуни, комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го усвои извештајот за напредокот на Македонија со четири експлицитни споменувања на „македонскиот јазик и идентитет“. Владата веднаш ја претстави оваа формулација како дипломатска победа и ја постави во центарот на домашната политичка сцена.
Само неколку дена подоцна, трите најголеми политички групации во Европскиот парламент – предводени од матичната партија на ВМРО-ДПМНЕ – Европската народна партија– поднесоа заеднички амандмани со кои целосно ги бришат термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од текстот што ќе оди на пленарно гласање на 7 јули. Образложението е дека така се избегнува „натамошна политизација“, формула зад која стои бугарското несогласување етно-јазични одредници да влезат во официјален документ на ЕУ.
Со истите амандмани се трансформира и параграфот што повикуваше на „недвосмислено признавање и почитување“: остана само генерален апел за почитување на јазичниот, културниот и националниот идентитет – без географска или етничка ознака. Обидот на известувачот Томас Вајц да внесе баланс со формулација дека „постои повеќе од едно толкување за потеклото на јазикот и идентитетот“ дополнително ја релативизираше позицијата што Скопје ја сметаше за загарантирана.
Паралелно пристигнаа 28 нови амандмани, главно од бугарски и грчки европратеници, со барања да се избрише гласањето со квалификувано мнозинство за проширување, да се вметнат културните клубови како прашање за човекови права и да се замени придавката „македонски“ со „на Северна Македонија“ каде и да се појавува. Некои дури предвидуваат Европскиот парламент да „признае заедничка историја“ со Бугарија или да констатира дека „Македонија никогаш нема да стане членка на Унијата“.
Првичниот дипломатски капитал, со кој Владата се пофали дома, а кој се градеше цела декада со пристојна реторика и со формирање партнерства наместо со создавање на непријатели и со борба со ветерници се стопи во рок од две седмици. Наместо тивко лобирање за стабилно мнозинство, Скопје ја подигна реторичката температура и го насочи вниманието кон симболичните прашања, оставајќи им простор на противниците да ги претворат симболите во услов. Ако на пленарното гласање на 7 јули поминат амандманите на „големата тројка“, Македонија ќе продолжи без експлицитна текстуална заштита на јазикот и идентитетот – и со таа празнина ќе мора да објаснува како дипломатскиот „трофеј“ се претвори во крвав пир.