Коцевски предупредува: Без еден милион евра од државата, под ризик е ИПА-грант од 6 милиони за дигитализација на обвинителството

Доколку државата не обезбеди еден милион евра за кофинансирање, во сериозна опасност е да пропадне проектот за дигитализација на Јавното обвинителство, вреден шест милиони евра и финансиран од Европската Унија преку ИПА 3 програмата. Вака предупреди Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски на седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Коцевски посочи дека средствата од ЕУ се наменети за воспоставување на модерен систем за електронско управување со предметите, кој треба да го замени постојниот – стар, нефункционален и недоволен за потребите на обвинителствата. Тој истакна дека македонската страна веќе ги завршила сите подготовки со меѓународни експерти, вклучувајќи и детално дефинирани технички спецификации за јавната набавка.

„Целосно сме подготвени да распишеме меѓународен тендер. Но, без потребното државно кофинансирање од еден милион евра – средства што не се предвидени во актуелниот ребаланс – целиот проект е под ризик“, рече Коцевски.

Освен за дигитализацијата, јавниот обвинител предупреди дека сегашниот буџет од околу 14,5 милиони евра е недоволен дури и за основното функционирање на институцијата, а камоли за исполнување на обврските од реформската агенда за евроинтеграции. Како сериозен проблем го наведе и значителното зголемување на трошоците за вештачења, особено кога се изведуваат во странство.

„Предметот за Онкологија и трагедијата во Кочани веќе ја исцрпија институцијата – вештачењата во странство чинат околу 400.000 евра, а странските експерти бараат претходни гаранции за исплата. Без тоа, не би учествувале во судски постапки, што може да ги доведе случаите во прашање“, додаде тој.

Дополнително, Коцевски алармираше и за хроничниот недостиг на стручни кадри и други ресурси неопходни за ефикасно гонење на криминалот, потенцирајќи дека останатите земји од регионот покажуваат далеку поголема подготвеност да инвестираат во обвинителските органи.

Зачлени се на нашиот е-билтен