Рацин.мк, во оваа епизода од серијата „Имаме неколку прашања за вас“ оствари интервју со академик Таки Фити. Како што е познато, негова специјалност е економскиот развој на земјите во развој, претприемништвото, економијата на земји во транзиција и модерните макроекономски концепции и политики.
Неговите познавања за модерните макроекономски концепции и политики, како и тркалезната маса “Геополитичкиот пејзаж и проширувањето на Европската Унија”, што ја организираше Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ заедно со Регионалниот институт за развојни студии и со Дипломатскиот клуб од Скопје, беше непосреден повод за овој разговор.
Академик Фити е ма мислење дека Со царинските политики на Трамп светот се врати во 1995 година, пред формирањето на Светската трговска организација. Тој смета дека Кина сака да „освојува територии“ преку економски мерки, додека пак, иако Русија е фокусирана на војната во Украина, не треба да се занемарат влијанијата и од оваа земја.
Во однос на Северна Македонија академи Фити смета дека „ние не можеме да се развиваме надвор од Европската Унија. И нашиот пат е пред сè таму“.
Сепак, негово лично мислење е дека уште децении нема да се реши проблемот со Бугарија и дека таа земја нема да попушти, но дека тоа не треба да не спречи да го завршиме процесот за членство во ЕУ, а во меѓувреме да ги решиме сериозни внатрешни проблеми кои не се малку.
Со академик Таки Фити разговараше Зоран Бојаровски
Господине Фити, ви благодарам многу за можноста да го направиме овој интервју со Вас. Ќе започнеме со еден настан кој неодамна го организираше Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Бобоев”, кој го раководите Вие, во МАНУ.
Беше организирана тркалезна маса на тема: “Геополитичкиот пејзаж и проширувањето на Европската Унија”. Исклучително важна тема, од двата аспекти, и од аспектот на геополитиката и од аспектот на проширувањето на Европската унија, за да видиме, а веројатно тоа беше и целта на тркалезната маса, каде се наоѓа Македонија во таа ситуација.
Дали со оваа тркалезна маса сакавте да ги разјасните работите и да биде појасно за македонската јавност со што се соочува Македонија кога е во прашање проширувањето, нашите аспирации за членство во Европската Унија и со геополитичките предизвици во светот.
Таки Фити: Да, нашата цел најпрвин беше да дадеме научна експликација на сите овие крупни, би рекол, да не речам, радикални промени во доменот на геополитиката, и поради тоа, на советувањето, односно на тркалезната маса, беа поканети академици и професори од универзитетот, токму заради тој научен аспект на елаборација на материјата.
Меѓутоа, исто така направивме една добра, би рекол, комбинација со емпиријата, бидејќи поканивме и членови на Дипломатскиот клуб Скопје. Тоа се поранешни дипломати, коишто сè уште ја следат оваа проблематика, имаат искуство, и тоа е една добра комбинација меѓу науката и емпиријата.
Покрај нашиот Центар и Дипломатскиот клуб од Скопје, дел од организаторите беше и Регионалниот институт за развојни студии што го раководи проф. д-р Никола Попоски. Така да двете компоненти и научната и емпиристичката, беа едноставно обезбедени.
Ние сакавме да дадеме порака за сè она што се случува, да дадеме наше видување за она што се случува, бидејќи јас лично поаѓам од поставката дека Македонија е мала земја, со мала економска, со мала политичка моќ.
Таа не е фактор во геополитиката. Меѓутоа, ние мораме да ги следиме тие работи, бидејќи тие работи носат силни импликации врз македонската економија, исто така и врз агендата за интеграција и проширување на Европската Унија, и да се прилагодуваме благовремено толку колку што е можно на новонастанатата ситуација.
Се согласуваме дека Македонија е мала земја, не може да влијае посериозно во тие геополитички ситуации, но на неа влијаат овие ситуации.
Да, една од причините зошто ова го организиравме беше моето размислување дека геополитиката како термин во модерниот дискурс обично претставува еден вид на субституција за меѓународните односи.
А меѓународните односи, а јадрото на меѓународните односи го чинат и политички и економски фактори. Тие доминираат во меѓународните односи. И втората работа или мотив беше затоа што според мое мислење, за неполни четири години се случија страшни промени во доменот на геополитиката.
Се случија геополитички настани од особена природа, кои што комплетно го менуваат окружувањето, окружувањето во кое што живееме и работиме. Окружувањето во кое што функционираат економиите и главно со негативни импликации.
Ќе споменам само неколку од тие геополитички настани. Една работа се заборава, а мислам дека е многу битна. Во 2021 година, на почетокот започна енергетската криза, односно започна енормен пораст на цената на природниот газ и се разбива и на другите енергиенси, бидејќи сите енергиенси се комплементарно поврзани меѓу себе.
Со царинските политики на Трамп светот се врати во 1995 година, пред формирањето на Светската трговска организација.

Растот на цените беше навистина многу брз, и во една таква ситуација, тоа што беше чудно, Русија реши да ги намали испораките на природен гас кон Европа, а Европа во тоа време четириесет четири посто од потребите за природен гас ги задоволуваше од Русија.
Нешто што нема никаква економска логика, бидејќи ако расте цената, вие треба да испорачувате повеќе, да продавате повеќе. Меѓутоа, очевидно беше дека тука геополитиката замешала прсти. Фактички целта на Русија што беше? Да ја принуди, да ја натера Европската Унија да се комплетира документацијата за Северен тек 2, којшто беше готов, изграден, вие тоа знаете што после тоа се случи.
Едновремено Соединетите Американски Држави, односно администрацијата на Бајден ја притискаше Европската Унија да изврши преориентација во набавките со природен гас, да се ослободи од таа голема зависност од Русија.
И тоа, горе долу, се случи, меѓутоа, тоа направи тензии, особено меѓу земјите членки на Европската Унија, коишто се многу зависни од гас, Германија на прво место, па Италија и Холандија и така натаму. И тоа направи тензии на релација со Европската Унија, тоа е едната работа.
Втората работа се случи после тоа, знаете вие, израелско-палестинската војна, па уследи и новата војната со Иран или судир и она што е посебно значаен момент што има силно геополитичко, така да речем влијание, тоа е оно што се случи со најавата на Трамп дека сака енормно да ги зголеми царините, и тоа не само спрема Кина, којашто на еден и друг начин е најзначаен партнер, туку и спрема Европската унија, којашто инаку е традиционално извозно подрачје на Америка.
Тоа се традиционални пријатели. Исто така во однос на Англија, којашто не е повеќе членка на Европската Унија, меѓутоа традиционално е многу поврзана со Америка и така натаму. Фактички со тие најави, знаете вие како наеднаш реагираа берзите, како реагираше претседателот на ФЕД, односно на Централната банка на Америка, којшто предупреди дека може и да се случи рецесија и така натаму.
Фактички со тие предлози на Трамп се случи една страшна работа. Светот во поглед на протекционизмот, заштитата со царини и нецарински бариери при увоз извоз на производи се врати пред 1995 година пред формирањето на Свеската трговска организација, а од 95-та до денес толку многу се либерализираше таа трговија со страшни ефекти врз сите земји, позитивни ефекти, бидејќи надворешната трговија е еден од лозовите на економскиот раст и развој.
И сега тука пак има едно многу суштинско геополитичко прашање. Некој од моите колеги ми го поставуваа прашањето добро зошто Трамп вака постапува? Па знаете, односот меѓу економски најсилните економии ќе ни во светот се менува.
Економската моќ, релативната економска моќ се менува. САД остануваат највисоко, најразвиената економија во светот, мерено според бруто домашен производ по тековни цени, она што ние го викаме номинален бруто домашен производ и пер капита исто така.
Меѓутоа, ако гледате бруто домашниот производ по паритет на куповна моќ, што можете со тие пари со коишто располагате де факто да купите, тогаш ќе видите дека Кина избива на прво место со преку триесет трилиони бруто домашен производ мерен со паритетна куповна моќ, а сад паѓа на второ место со дваесет и пет трилиони. Индија истисна Јапонија…
Станува збор за едно ново прераспоредување на моќта…
Така е, на моќта, на економската моќ и тоа има силни импликации. Трамп е свесен дека Кина оди многу брзо напред и не случајно согласно со неговото мото „Да ја направиме повторно силна Америка“, тој пред сè удри на Кина, но тоа се покажа дека нема да оди така лесно, бидејќи, во определена Америка ги губи позициите.
Ние не можеме да се развиваме надвор од Европската Унија. Нашиот пат е пред сè таму.

Да ја разгледаме сега ситуацијата на Европската Унија, на Европа, на Европската Унија како економска и политичка заедница, во таа, во тоа одмерување или позиционирање на силите во ова ново геополитичко прераспоредување.
Тоа е многу интересно прашање и многу комплексно прашање. Точно Европската Унија е најсилната економска интеграција во светот. Пазар од близу петсто милиони луѓе со неверојатна куповна апсорпциона моќ, со значајни позиции во вкупниот извоз и увоз во меѓународната трговија, со значајни позиции во развојот на нови технологии и така натаму.
Меѓутоа, и нејзината економска моќ во определена смисла се намалува и таа е соочена со сериозни проблеми. Да речеме, преориентацијата, мое мислење, со набавка на природен гас од Америка ги кошташе многу на економски план.
Германија е втора-трета година во стагнација, односно во рецесија, а тоа е моторот на економијата на Европската Унија во целина. Тоа се стагнатни стапки на економски раст и од тој аспект тоа има силно влијание исто така и врз нејзините надворешно трговски партнери.
Да не заборавиме дека најголем надворешно трговски партнер на Македонија е точно Германија. И воопшто, Македонија ако ја гледате Европската Унија, е наше релевантно, како што велиме во економијата, извозно подрачје.
Преку осумдесет отсто од нашиот увоз-извоз се одвива со Европската Унија. Значи доаѓа и до определено слабеење на економската моќ заради ова што се случи на един и друг начин со Германија, заради излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, заради проблемите што ги имаа своевремено Грција, Италија, Португалија, Шпанија, коишто сега се опоравија.
Тоа се големи преврирања, а и внатре во Европската Унија се јавуваат проблеми од политичка природа. Тешко се постигнува консензус за некои работи, особено за агендата на проширување.
Добро што го споменавте тој термин проширувањето на ЕУ и според мое мислење, ако можем вие ќе кажете дали е тоа така и ќе се обидам да ве испровоцирам да го образложите това.
Постојат две, две мислења или два концепта за тоа како Европската Унија во оваа ситуација да оди понатаму. Едната е да остане во овие рамки и да се обиде консолидацијата да ја направи во овие рамки во смисла на постоечките земји членки.
Додека пак другата вели не напротив, треба да одиме понатаму во проширување, да го зајакнуваме овој капацитет со вклучување на новите земји.
Точна е таа констатација што ја давате вие Зоран, апсолутно е точна. Има две струи, да речеме. Поделени се погледите, сфаќањата, мислењата… Има проблеми со агендата и особено кога го гледаме процесот на интегрирање на Република Северна Македонија има два типа на прашања, јас би рекол. Едните се да се искористи моментумот на овие ова тешка геополитичка ситуација и руско-украинската војна и брзо да влезат земјите член, земјите на Западен Балкан коишто се со статус кандидат за влез во Европската Унија.
Тој моментум лично мислам дека треба да се искористи, меѓутоа сега ние имаме еден проблем со Бугарија. Ќе кажам после нешто повеќе за тоа. А другиот проблем се комплицират она што вие го викате внатре, односите во Европската Унија, особено се комплицираат покрај овие различни погледи и сфаќања на земјите членки и со фактот што сега агендата на проширување има еден таргет со тек на време или што е можно побрзо да се примат и Украина, коешто е огромна земја и да се прими и Молдавија. И тоа може страшно да ги комплицира относите во врска со примање на други нови членки, а исто така тоа значи и некакво нарушување на основните принципи и критериуми за прием во Европската Унија, бидејќи Украина не ги исполнува условите, Мастришките критериуми и така натаму. Меѓутоа, сега тој моментум е геополитика дали ние да ја примиме бидејќи Русија води агресивна политика и така натаму, така да тоа мислам дека ќе ги комплицира нашите работи.
Мое лично мислење е дека уште децении нема да се реши проблемот со Бугарија, нема да попушти.

Во однос на геостратешките позиции на Македонија и на напорите да си го најдеме местото во таа ситуација во поглед на проширувањето на ЕУ, некако се дозволи во тие прашања да се вметнат и прашањата на билатералните односи меѓу земјите од Западен Балкан. Ова особено, кога е во прашање Македонија и нашите односи со Бугарија. Ќе ве замолам за една ваша елаборација во однос на ова прашање.
Да. Честопати размислувам и луѓето ме прашуваат, добро што станува со Македонија сега? Има, да речеме, едно мислење дека полека ние како да сакаме да се оддалечиме од нашата, нашето настојување да се интегрираме во Европската Унија, како да целиме повеќе кон Соединетите Американски Држави и така натаму.
И тоа беше една тема што беше и тогаш дискутирана…
Има ли основи во тоа? Има ли таква опасност? И дали е тоа опасност всушност?
Не, јас мислам дека во оваа ситуација станува збор за една лажна дихотомија.
Бидејќи пазете, Америка е наш стратегиски партнер. Апсолутно. Со години наназад не поддржува и она што е посебно битно, САД воопшто немаат проблем ние да одиме и да се приближиме кон Европската Унија. Дури не помагаат, не форсираат и кажуваат дека вашето место е таму, што ништо не смета за натамоѓно проширување на односите со САД.
Меѓутоа, од чисто економски план, нашиот извоз во Соединетите Американски Држави е минимален. Како што кажав, Европската Унија е нашето релевантно подрачје. Ние не можеме да се развиваме надвор од Европската Унија. И нашиот пат е пред сè таму, а тоа воопшто не смета и понатаму да се одржуваат добри односи.
Меѓутоа, сега тука е проблемот со Бугарија од една страна, па и со Европската Унија, бидејќи навистина влегоа билатерални прашања во агендата и во критериумите. Она што е надвор од принципите на Европската Унија.
Јас ја познавам добро ситуацијата во Бугарија, затоа што во последните пет-шест години Македонската академија на науките и уметностите имаше силна соработка со Бугарската академија на науките (БАН). И ги знам ставовите и на академиците и на професорите по институтите во рамките на БАН околу ова прашање. Има една релативно група, помлада генерација на луѓе, коишто сметаат дека оваа политика на Бугарија е погрешна, дека тоа е политика од времето на Живков.
Меѓутоа, тие се уште во малцинство, додека овие постарите научни работници се многу потврди, со мали исклучоци, во поглед на тоа прашање. Мое лично мислење е дека уште децении нема да се реши проблемот и Бугарија нема тука, тука да попушти.
Меѓутоа, ние мораме моментумот да го искористиме. За мене што е битно? Битно е, да речеме, Бугарија да даде, да се принуди да даде определени гаранции дека нема да поставува пречки од билатерална природа.
Тоа е битно. Не можеме ние да бараме гаранција дека нема да не блокира. Може по сите тие подрачја да те блокира, бидејќи таа е полноправна членка на Европската Унија и има таа политичка моќ што ние ја немаме. Меѓутоа, кога се во прашање билатерални прашања, да се обврзаат дека нема тоа да го прават, а Европската Унија исто така да даде некои гаранции дека тие нема повеќе да бидат во игра во, во оваа ситуација.
Оти пазете кај нас, иако ние велиме добро е уште, луѓето се свртени и мислат дека приоритет е Европската Унија. Сепак, тој евроскептицизам, полека но сигурно расте. Ние плативме висока цена за евроатлантските интеграции.
Го сменивме името за влез во НАТО. Еве сега гледате наметнуваат други барања, други обврски и така натаму. Меѓутоа, ако ги добиеме тие гаранции и ако Европската Унија застане цврсто на тоа дека не може да се блокира земја во преговорите врз база на нерешени билатерални прашања, спорови и така натаму, треба едноставно да тргнеме со промена на Уставот и да ги отвориме преговорите.
Мислам дека тоа прашање нема да се реши до октомври. До изборите. После тоа најверојатно ќе има, да речеме, малку намалување на тензијата и дека владата, барем декларативно велат дека главен приоритет е Европската Унија, дека работите ќе тргнат тука.
Ние имаме други сериозни внатрешни проблеми и ако не ги решиме до отворање на преговорите ќе се соочиме со нови блокади

Да, но во последните изјави на бугарскиот премиер, па и на министерот за надворешни работи, рекоа дека нема повеќе да има нови условувања. Од наша страна, па ние понатаму сме скептични…
Да ние уште сме скептични, затоа викам треба тензите тука да се намалат. Не знам што ќе се случи понатаму. Да речеме, тензите можат да се зголемат дури, ако Европскиот парламент ја усвои декларацијата каде што не стои современ македонски јазик.
Тоа ќе предизвика проблеми и хистерија меѓу бугарските интелектуалци. Тоа е добро за нас да се случи, бидејќи во тој случај се покажува дека Европската Унија де факто го признава јазикот, идентитетот и така натаму, а тензите полека ќе спласнат.
Мислам дека и кај нас ќе спласнат тензите после локалните избори. Знаете, секогаш тоа е врзано со политика, со политички размислувања, политички поени и така натаму, но стратегиски интерес на Македонија и приоритет е Европската Унија.
Ние не можеме да се приклониме кон друга интеграција. БРИКС да речеме.
Би сакал и за тоа да ве прашам, иако еве го гледам, го читам вашиот став дека нема потреба да се приклонуваме кон некакви нови стратегиски сојузи. Но, само уште малку на ова прашање. Европската Унија досега неколкупати ја гарантираше македонскиот идентитет. Ма пример Фронтекс го потпиша договорот на македонски јазик. Претседателката на Европската Комисија Фон дер Лајен во македонскиот парламент, рече дека тие немаат никаков проблем со македонскиот јазик и со македонскиот идентитет.
Дали мислите дека сега прашањето е на формата? Што треба да се донесе… уште една декларација или некаков документ?
Видете, ние како што ќе ги отвораме преговорите, откако во иднина ќе станеме членка, македонскиот јазик ќе влезе во официјална употреба во Европската Унија. Дури и со тој „француски предлог“ во основа е заштитен македонскиот јазик. Нели имаат издвоено мислење Бугарите најверојатно и сега со парламентот ќе издвојат тие мислења…
Видете, мислам дека „грото“ членки на Европската Унија не ни прават проблем околу идентитетот и македонскиот јазик, бидејќи за нив е тоа е прашање кое што нема основа.
Идентитетските прашања се прашања на чувство на луѓето. На слободи, човекеви права и така натаму. И тука нема, нема шо ние многу многу да бараме од Европската Унија. Меѓутоа, исто така не можиме да чекаме дека за брзо време со Бугарите ќе го решиме тој проблем.
Тие опструкции ќе останат и понатаму, но ние да ги отвориме преговорите, да ја засилиме соработката на економски и политички план со Бугарија, со Грција и така натаму. И работите да тргнат напред.
Додека да го решиме тоа прашање, се надевам дека ќе биде многу брзо, а не престануваат влијанијата од Русија, од Кина, другите странски влијанија. Постои ли тука некаква реална опасност? Во секој случај тие делуваат, влијаат врз свеста, врз мислењето на луѓето, врз јавното мислење. Но, може ли да има некој посериозно отстапување?
Во право стее. Знаете Западен Балкан отсекогаш било невралгично подрачје. Темпирана бомба, како што честопати се вели, буре барут и така натаму, историски гледано дури.
Денес има тука испреплетување на влијание на две големи сили, Кина и Русија, па донекаде и на Турција, да кажеме, како регионална сила. Меѓутоа, кога станува збор за Русија, не гледам јас некоја посебна опасност, бидејќи Русија не може на економски план многу да делува.
Поголема опасност по мене доаѓа од Кина, која што покажува вонредно агресивна политика во смисла на зголемување на странските директни инвестиции, пенетрација во многу значајни региони, во Африка, во југоисточна Азија. Тие влегоа и во Грција, влегоа и во Србија со инвестиции. Тука треба да бидеме малку попрепазливи, бидејќи тие сакаат да освојуваат територии преку економски мерки, односно преку странски директни инвестиции, а странските директни инвестиции, знаете, на странските инвеститори им носат големи привилегии, бидејќи по дефиниција странските директни инвестиции претставуваат мајоритет на странецот во управувањето со фирмите.
Тука мислам дека треба да бидеме малку попретпазливи, но јас не гледам некоја посебна опасност околу тие прашања. Барем не засега.
Кина сака да „освојува територии“ преку економски мерки

Да го завршиме интервјуто со едно прашање кое се однесува на нашите, на домашните задачи што ние треба да ги исполниме дома.
Во едно претходно, во едно друго, малку пораношен настан, како што беше овој трклезната маса во МАНУ, вие укажавте на одредени слабости внатре во земјата, пре сѐ во однос на институциите, капацитетите на институциите, во образованието, на стандардите во економијата и на усогласувањето со Европската Унија. Дали се тоа насоките за да си ги завршиме работите дома?
Ние имаме сериозни проблеми внатре. Еве да претпоставиме дека ќе се реши прашањето и така натаму, ќе се отворат преговорите, ние ќе имаме проблеми и можни блокади, ако внатре не ги разрешуваме прашањата.
Едно од најтешките и најболни се така наречените фундаменти, а тоа е владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Во оваа сфера ние имаме многу слаби резултати. Не само што се слаби резултатите, ами со тек на време тие дури и се влошуваат.
Владеењето на правото е исклучително значајно и Европската Унија на тоа ќе обрне посебно внимание, а ние самите мораме тука посебно да се ангажираме, бидејќи обичните луѓе, па понекогаш дури и луѓе од струката не можат да сфатат колку е значајно владеењето на правото не само за демократијата, човечките права и така натаму, ами и за економијата.
Извонредно силно влијание има врз економијата, оти од тоа зависат сопственичките права, да речеме, квалитетот на институциите, транспарентноста на институциите и така натаму. Тука мораме продор да направиме. Корупцијата станува пандемска болест.
Стално декларативно зборуваме за тоа дека треба да се бориме. Дури ќе слушнете од политиката, ние сме за нулта корупција. Нема нулта корупција, тоа е флоскула, меѓутоа има, има методи, начини и алатки како и на кој начин таа да се намали.
Еве, ние имаме четириесет забелешки во поглед на Судскиот совет, коишто треба да се имплементираат и коишто можат значајно да ја подобрат ситуацијата. Сега, новиот закон во којшто верувам дека се имплементирани тие, е, горе долу, колку што имам информации, е готов.
Значи, тој домен е исклучително значаен. Значајни се и други домени. Квалитетот на институциите, кредитабилитетот на институциите е во голема мера врзан со владеење на правото, но тоа зависи исто така и од други фактори. Да речеме, зависи од образованието. Ние имаме проблеми со образованието години наназад. Особено во високото образование, каде што паѓа нашиот рејтингот на нашите универзитети, за жал и на онаа листа од 2000 веќе не е повеќе најстариот Универзитет „Св. Кирил и Методи”. Тука треба многу да се влијае. Зошто го спомнувам образованието? Институциите го чинат луѓето. Млади. образовани луѓе можат да придонесат за поголема ефикасност на институциите и тоа на сите типови на институции, и економските и политичките. А во економските се најбитни оние регулаторни институции, да речеме антимонополска контрола, заштита на конкуренцијата, регулација на другите сектори, домени и така натаму. И имаме исто така, некои домени во кој што ние остапуваме, да кажеме, од стандардите на развиени пазарни економии.
Да речеме, еден од тие домени се субвенциите. Премногу субвенции имаме, и во економијата. Тие субвенции ќе останат и понатаму. Тие ги има и во Европската Унија. Но тие субвенции треба со тек на време да се преобликуваат и да добијат во економска логика.
Земете ги субвенциите во земјоделството…
Имаме ставки за истражување и развој од 0,2, 0,3 посто, што е недозволиво
Кај нас имаат само политичка логика…
Ние имаме субвенионирање во земјоделството врз база на посеани површини, во основа. Тоа е недозволливо. Треба да се гледа аутпутот, треба да се гледа производството, но така е.
Земјоделците се гласачко тело и ниедна влада не сака радикално да го промени тој систем. Да не бидам погрешно сфатен, нас субвенции во земјоделството ни треба. Земјоделството е наш значаен приоритет. Имаме компаритивни предности и влегува долгорочно во тие приоритети.
Меѓутоа, субвенциите треба да ја следат логиката во Европската Унија, да добијат и некоја посилна економска логика, а не вака само да се даваат пари без, без посебни ефекти. И се разбира, имаме ние и други, други подрачја тука, да речеме, во иновациите и иновативната политика сме многу слаби.
А тоа предизвикува слабости во продуктивност, продуктивноста по вработен. Годишниот продукт на еден вработен во Македонија во некои случаи е пет пати пониска од онаа на високоразвиените земји, а два-три пати пониска од просекот на Европската Унија.
Исто е со конкуренциската способност. Имаме слаба иновативна активност. Имаме маргинални ставки на издвојување во истражување и развој нула два нула три посто, нешто што е недозволливо.
Бизнис секторот во тие издвојувања скоро и да не учествува. А тука е моќта на економијата, да се подобри економијата, да се зголеми конкурентноста, да се зголеми продуктивноста на македонската економија, бидејќи утре, како што ќе се доближуваме кон Европската Унија и кога ќе станеме членки, еден од критериумите за да ве примат, е да имате моќ да се справите со конкуренцискиот притисок внатре во Европската Унија, тоа е со критериумите во Мастрихт.
Со ваква економија ние не можиме да се справиме. Според тоа имаме многу домашни задачи и тука треба да се работи многу.