Ја скратиле работната недела: Пробниот период донел раст на профитот и помалку денови за боледување

Преминувањето кон четиридневна работна недела би можело да има позитивно влијание врз бизнисот, според резултатите од новата пилот-програма во Велика Британија.

Во текот на шест месеци, од ноември до април, речиси 1.000 вработени од 17 компании и организации работеле скратена работна недела, со исто ниво на плата и обем на работа.

По завршувањето на пробниот период, сите 17 учесници ја задржале четиридневната работна недела наместо да се вратат на петдневниот режим, според Фондацијата „Четиридневна недела“, која ја организирала студијата.

Скратено работно време не им користело само на вработените, некои компании забележале зголемување на приходите и намален број денови за боледување во споредба со истиот период од претходната година. На пример, софтверската компанија BrandPipe со седиште во Лондон забележала скок на приходите за речиси 130 проценти, според извештај подготвен од Фондацијата „Четиридневна недела“ и Бостонскиот колеџ.

„Тестирањето беше огромен успех за BrandPipe“, рече ко-основачот и извршен директор Џеф Слотер, додавајќи дека четиридневната работна недела е „одлична работа што компаниите треба да ја испробаат“.

Од четирите фирми што обезбедија податоци за приходите, три имаа зголемување, додека една забележа намалување, но во споредба со друг временски период, поточно шесте месеци пред почетокот на пилот-програмата.

Исто така, четири организации пријавија помал број на денови за боледување и отсуства поради лични причини, додека две пријавија зголемување. Авторите на извештајот признаваат дека примерокот е ограничен и истакнуваат: „Затоа, наодите се чисто описни и даваат ограничен увид во ефектите од пилот-програмата врз поединечните организации“.

Од 17-те организации учеснички, осум беа добротворни, невладини и волонтерски организации. Повеќето се одлучија за четиридневна работна недела, додека пет од нив воведоа модел со девет работни дена за две недели.

Резултатите од ова истражување доаѓаат по слични успешни експерименти во САД, Велика Британија и Германија, каде што вработените пријавија дека се посреќни и поздрави. По голема студија во Велика Британија во 2022 година, во која учествуваа 61 организација, повеќето од нив сè уште ја задржаа скратената работна недела. Пробните периоди во САД и Канада во текот на 2022 и 2023 година исто така поминаа слично.

Сепак, не се согласуваат сите со овие наоди. Професорот по јавна политика од Кингс колеџ во Лондон, Мајкл Сандерс, посочува дека ваквите студии се базираат на самоселекција, бидејќи компаниите учеснички се веќе отворени за промени и мотивирани да ги испробаат. Ова, вели тој, не мора да значи дека истите резултати би се случиле и кај други компании.

Џо Рил, директор на кампањата на Фондацијата „Четиридневна недела“, одговори велејќи дека во текот на изминатите неколку години, ваквите пилот-програми вклучиле стотици компании од различни сектори, со различен степен на ентузијазам и подготвеност.

Тој додаде дека во иднина би сакале да воведат елементи на случајна контрола, секогаш кога е можно, со цел да се зголеми научната валидност на наодите. Без оглед на методологијата, еден учесник во најновата пилот-програма е оптимист за иднината.

„Очекувам повеќето организации да го имплементираат ова во следната деценија или приближно толку“, рече Алан Брант, извршен директор на здружението за домување Брон Афон со седиште во Велс.

Зачлени се на нашиот е-билтен