Ќе добие ли Македонија писмо за царините од Трамп и што ќе има во него?

Претседателот на САД, Доналд Трамп разговара со членовите на Кабинетот и други присутни по потпишувањето на „Еден голем прекрасен Закон“ во Белата куќа, петок, 4 јули 2025 година | Фото: Белата куќа, Моли Рајли (The White House), јавен домејн, Викимедија комонс
Претседателот на САД, Доналд Трамп разговара со членовите на Кабинетот и други присутни по потпишувањето на „Еден голем прекрасен Закон“ во Белата куќа, петок, 4 јули 2025 година | Фото: Белата куќа, Моли Рајли (The White House), јавен домејн, Викимедија комонс

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата се закани со нови увозни царини за секоја земја што ќе ги поддржи, како што ги нарече, „антиамериканските политики“ на групата на земји во развој БРИКС, во време кога неговата администрација започнува со испраќање царински писма до десетици држави ширум светот, пишува Си-Ен-Ен.

Во објава на платформата Truth Social, Трамп најави дека САД ќе воведат дополнителна царина од 10 отсто за секоја земја што ќе се усогласи со политиките на БРИКС, без никакви исклучоци. Тој не прецизираше кои политики се сметаат за „антиамерикански“.

БРИКС, која ги вклучува Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, одамна се залага за „мултиполарен“ светски поредок, како алтернатива на доминантниот западен поредок. Во последниот период групата се прошири со членството на Египет, Етиопија, Индонезија, Иран и Обединетите Арапски Емирати, а има и десет држави-партнери на понизок ниво, меѓу кои се Белорусија, Нигерија, Тајланд и Виетнам.

Во заедничката декларација од самитот во Рио де Жанеиро на 6 јули, лидерите на БРИКС изразија „сериозна загриженост“ за „сè поголемата примена на еднострани царински и нецарински мерки“ што се смета за индиректна критика на трговската политика на Трамп.

Трамп потврди дека од денеска, 7 јули, САД ќе започнат со испраќање на т.н. „царински писма“ до десетици земји, пред истекот на 90-дневниот прекин на царинските мерки на 9 јули. Тој додаде дека писмата ќе продолжат да се испраќаат и во вторник и среда, и очекува до 9 јули да бидат покриени повеќето земји или со договор или со писмо.

„Писмата, и/или договорите, со разни земји од целиот свет ќе започнат да се испраќаат од понеделник на пладне“, напиша Трамп на Truth Social.

Секретарот за финансии на САД Скот Бесент предупреди дека царините ќе се вратат на нивото од април, доколку земјите не склучат договори. Тој додаде дека администрацијата ќе примени „максимален притисок“ за постигнување договори.

Бесент истакна дека околу 100 писма ќе бидат испратени до „мали земји со кои немаме голема трговија“, каде што основната царинска стапка од 10 отсто веќе важи. Тој нагласи дека нема да бидат воведени царини од 70 отсто за големите трговски партнери.

Досега, САД имаат постигнато три трговски договори: со Обединетото Кралство (10 отсто царина), со Кина (привремено намалување на царините од 145 на 30 отсто) и со Виетнам (минимум 20 отсто царина).

За Македонија на 2 април, односно „Денот на ослободувањето“ според Трамп, беше најавена една од највисоките царински стапки во регионот на Западен Балкан. Покрај основните 10 отсто беа најавени уште 23 отсто реципрочни царини, што вкупната стапка ја зголеми на 33 отсто. Премиерот Христијан Мицкоски најавата за царини од 33 отсто за Македонија ја окарактеризира како резултат на грешка или погрешна информација. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, потоа имаше состанок со државниот секретар на САД, Марко Рубио во Вашингтон, на кој наводно се разговарало и се постигнал напредок во однос на царините за Македонија. Македонската Влада донесе одлука за укинување на давачките за увозот на сите производи од САД. Нејасно е дали македонската влада сега ќе добие писмо од Трамп.

Во однос на трговските преговори со БРИКС, посебно со Индија, не е јасно дали најновите закани на Трамп ќе влијаат на нивниот тек.

Претходно годинава, Трамп се закани со 100 отсто царини за земјите-членки што би поддржале заедничка валута на БРИКС, идеја што беше промовирана од бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, но досега не добила значителна поддршка во групата.

На самитот во Рио, лидерите на БРИКС ја поддржаа иницијативата за прекуграничен систем на плаќање меѓу земјите-членки и ја осудија бомбардирањето на ирански цивилни и нуклеарни објекти, не наведувајќи ги директно САД или Израел.

Во економски план, експерти предупредуваат дека трговската војна на Трамп ќе доведе до зголемување на трошоците за потрошувачите, особено поради високите царини за увоз од Кина. Компании како Walmart веќе најавија зголемување на цените.

И покрај тоа, Бесент изјави дека „нема инфлација“ и ги нарече таквите предвидувања „дезинформации“ и „тарифен синдром на заблуда“. Тој и други претставници на администрацијата тврдат дека товарот од царините го носат земјите-извозници, а не американските потрошувачи.

Поранешниот министер за финансии Лери Самерс изјави дека царините „можеби ќе донесат приходи“, но ќе ја намалат конкурентноста на американските производители и ќе предизвикаат инфлација.

Иако некои податоци покажуваат благ пораст на цените во мај, Белата куќа тврди дека царинските мерки немаат значително влијание врз економијата и оти вработеноста останува силна.

Извор: Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен