Советникот во Град Скопје, Стефан Кирков, објави дека пред четири до пет дена во скопската Зоолошка градина угинале две лами, а според неговите тврдења, раководството се обидува да го сокрие случајот. Тој потсетува дека пред малку повеќе од еден месец угинале уште две лами со истата клиничка слика, па бројот на загубени единки од овој вид се искачува најмалку на четири во рок од шест недели.
Во својата објава Кирков предупредува дека животните подолго време покажувале симптоми на туберкулоза, но, како што вели, вработените биле принудени без заштитна опрема да влегуваат во нивното живеалиште. Кирков тврди и дека од директорскиот тим било наредено смртта на ламите да не се пријави во надлежната Агенција за храна и ветеринарство.
Опишувајќи ја градината како „куќа на стравот“, советникот обвинува дека од доаѓањето на Данела Арсовска на функција градоначалничка, во ЗОО-Скопје угинале повеќе од 40 егзотични животни, дел под сомнителни околности. Тој бара институционална одговорност од актуелниот директор Горан Попов, од „директорот во сенка“ Петар Стаменов и од самата Арсовска.
Случајот доаѓа три месеци по официјално потврдениот пример на туберкулоза кај ламите во градината, кога инспекциски надзор наложи биосигурносни мерки и дополнителни тестирања. Засега од Зоолошката градина, Град Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство нема официјална реакција.