Христијанот Христијан

„Оној родител кој ме навредуваше, му простувам тоа е специфична ситуација во која не би можел да замислам како се чувствува човекот“, рече Мицкоски.

Леон Бакрачески

Авторот е преживеан од експлозија, кој помина неброени месеци рехабилитација додека беше само прва година во средно училиште под кислороден чадор со 30 проценти изгоренци по целото тело. Па белким знае што зборува, кога зборува на оваа тема.

Најновата евангелска поука од Илинденска број два – „прости, па ќе ти биде простено“ – ни ја соопшти самиот премиер Христијан Мицкоски, човекот кој се рашири во кожата на Христос и удобно се смести во улогата на великодушен спасител. Во прајм- тајм, пред очите на нацијата, тој му „опрости“ на таткото кој во очај го навреди, бидејќи, замислете си, му изгоре синот во дискотеката „Пулс“.

Величествен чин на добрина, во режија на човек чија емпатија е мерлива само со брзината на македонските институции – односно, со брзината на полжав на асфалт во жежок јулски ден.

Осум месеци по трагедијата, истрагата уште се крши меѓу работни групи, подгрупи и координациски тела, како маратонец што трча место, се бара просто проширено кој се е крив. Родителите маршираат секоја недела низ Кочани, но државниот апарат маршира само низ сопствената бирократија. А Мицкоски? Тој гордо набројува „што сè направил“: прва, па втора група во рехабилитација, телефонски разговори, „континуирана комуникација“ од кабинетот. Во превод: листа од активности за кои нормална влада би се срамела да ги истакне како подвиг; тука се продаваат како херојство.

И додека семејствата чекорат во тага, премиерот делува вознемирен само од дискредитирањето на сопствениот лик. Неговото величе­ствено опростување, кажано со тон на надмоќен благородник, звучи како да ни соопштил дека им подарил дрво на сиромашните, а тие, неблагодарници, му го згаснале цигарето врз него. Тоа што станува збор за луѓе унажани од сопствената држава – од безбедносни инспекции што спиеле, од здравствен систем што крпи, од обвинителство што пребира – останува декор во неговата самопромотивна сценографија.

Колку чини едно „простувам“ изречено пред камерите? Толку колку што чини целата наша традиционална државна борба со моралната одговорност – лепенка врз отворена рана, со надеж дека јавноста ќе се задоволи со шоу, наместо со резултати. Во земја каде што статистиката секогаш доаѓа порано од правдата, премиерот пресметува политички поени во реално време, а институциите меркаат протокол по протокол, стандард по стандард, сè додека јавноста не се умори.

Но јавноста не се уморува. Разговорите меѓу луѓето се погласни од секој извештај: „Како можеше клубот да работи без дозвола?“, „Зошто обвинител ниот акт нема клучни фигури?“, „Каде се инспекциите?“. Секое прашање го брише слаткоречието на „сочувствувам“ и го разобличува она што недостига – чувството за лична и институционална вина.

Затоа, кога премиерот великодушно ги „ослободува“ родителите од вина за навредите, тој, всушност, се ослободува себеси од обврската за вистинско извинување. Бавноста на системот, безобразноста на јавниот настап, немоќта да се покаже искрена човечка болка – тоа се трите коњаници на нашата домашна апокалипса.

И така останува Христијанот Христијан, новиот светец на политичката самодоволност, да простува од студиото, додека таткото, мајката, сестрата и братот, бабата, дедото, ги бројат деновите без своите деца. Со таа слика ќе го мериме моралниот температурен столб на државата: дали ќе остане замрзнат во цинизмот на „јас простив“, или конечно ќе се стопи во вистински, правичен чин – кривична одговорност, брза судска постапка, темелна институционална реформа.

Ако на Христијанот сè уште нешто му е нејасно, нека го праша сопственото име: емпатијата не се покажува со опрост, туку со брза правда и тивка, искрена грижа. Сè останато е само PR-пироефект – и таа иста искра што ја запали кровната изолација во „Пулс“, сега запалува друг вид гнев. Овој пат, во срцата на живите.

Зачлени се на нашиот е-билтен