Сиљановска Давкова разочарана од Брисел

Европскиот парламент се подготвува идната недела да изгласа амандман со кој од годишниот извештај за напредокот на Северна Македонија се бришат сите директни споменици на „македонски јазик“ и „македонски идентитет“. Договорот – постигнат зад затворени врати меѓу најголемите политички групи на иницијатива на бугарски пратеници – сведочи колку лесно билатералните опструкции можат да го диктираат европското законодавно пенкало.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова признава „длабока разочараност“, но не и изненадување: во истата пленарна сала, нагласува таа, седат и пратеници „коишто се против самата ЕУ“. Амандманите, вели таа, се огледало на „демократскиот дефицит“ на Унијата и доказ дека Европскиот парламент не е имунизира н од национал-популистички агенди. Потсетува и дека сличен притисок Австрија никогаш не го применила врз Словенија, иако во словенечкиот Устав не фигурира посебно признание за Австријците – споредба што ја разголува двојниот аршин во европската куќа.

Сиљановска ја поврза дебатата и со повикот на новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, за темелни институционални реформи, особено околу правото на вето. Според неа, сегашните правила ја претвораат ЕУ во заложник на најниските политички страсти токму во момент кога континентот се соочува со геополитичко прегрупирање и закана од мултиполарна нестабилност.

Амандманот со кој бугарските европратеници успеаја да ги избришат „македонскиот јазик“ и „македонскиот идентитет“ од извештајот на Европскиот парламент не е само уште една епизода од долгата серија блокади на патот кон ЕУ; тој е гласна опомена дека македонската дипломатија живее во паралелна реалност. И додека во Скопје се менуваат влади, министри и пи-ар стратегии, главниот надворешнополитички инструмент – активна и професионална дипломатија – останува со изветвена боја и скратен домет.

Зачлени се на нашиот е-билтен