„За да постојат, на Македонците не им треба ничија дозвола; за да го признаете тоа, вам ви требаат чесност, интегритет и храброст.“ Со оваа порака, изговорена на македонски јазик, словенечката европратеничка со македонско потекло Ирена Јовева вчера му се обрати на Европскиот парламент за време на дебатата по извештајот на известувачот Томас Вајц за напредокот на Северна Македонија. Таа јасно најави дека нема да поддржи никакви амандмани што би избришале или релативизирале македонски јазик и идентитет, нарекувајќи ги обидите за нивно потиснување „модерна фикција“.
Настапот на Јовева уследи по серијата зборувања на бугарските европратеници. Андреј Ковачев обвини дека властите во Скопје, како што рече, „систематски го саботираат“ европскиот пат, користeјќи националистичка реторика и претставувајќи ја Бугарија како непријател. Според него, стагнацијата произлегува од тоа што Скопје не ги исполнува преземените обврски, додека македонските Бугари, како што тврди, трпат притисоци и дискриминација.
И неговиот партиски колега Ивајло Валчев истакна дека „македонските власти треба да ги напуштат своите господари од Белград и Будимпешта“ и да ги бранат човековите права, особено на „страдалната бугарска заедница“. Тој порача дека премиерот Христијан Мицкоски ги лаже граѓаните кога тврди дека усогласувањето со Договорот од 2017 година и внесувањето на Бугарите во Уставот ќе го загрози македонскиот идентитет.
Во завршницата на расправата, европратеникот Томас Вајц потсети дека Северна Македонија две децении се наоѓа на европскиот пристапен пат и веќе има усвоено значаен дел од европското законодавство, но формално преговорите сè уште не се отворени. Според него, Владата во Скопје сега има „историска можност“ да го искористи моментумот и да направи решителен чекор кон Европската унија.
Гласањето по резолуцијата е закажано за денеска, а исходот ќе покаже дали Европскиот парламент ќе ја испрати јасната порака на поддршка која Јовева ја побара од колегите – поддршка што, како што нагласи, мора да вклучи безусловно признание на македонскиот јазик и идентитет.