Не е точно дека нападот врз Данела го осудиле само СДСМ и бугарски политичари, како што се обидуваат да наметнат наратив провладините медиуми и главната партијата на власт. Напротив листата со реакции е огромна и говори не само за осудата на нападаот врз градоначалничката на Скопје, туку и за тоа дека граѓаните се згрозени.
Вистината, всушност, е дека семо ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се едни од ретките што не го осудија нападот и продолжуваат да хушкаат, а познато е дека говорот на омраза многу често завршува со насилство.
СДСМ најостро го осуди нападот врз официјални лица од Градот Скопје. Од таму истакнаа дека овој брутален напад е последица на атмосферата на страв и беззаконие што ја создава оваа власт.
ДУИ во својата реакција предупреди дека актите на насилство, вербалните напади и обидите за попречување на институционалните претставници во извршувањето на нивните обврски претставуваат директен напад врз демократскиот поредок и функционирањето на правната држава.
Дури и Градската организација на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија – Скопје, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, најостро го осуди насилството и нагласија дека се за осуда сите закани и притисоци врз избрани функционери, без разлика на политичката припадност.
Во реакцијата на Форумот на жени на ЛДП се вели „насилството врз жените во политиката има штетно влијание не само врз поедини жени и нивната благосостојба, туку и врз општата мотивација на жените активно да се вклучат во политичкиот и општествениот живот“.
Од ДОМ за нападот врз Арсовска порачаа: Насилството и дивоградбите не смеат да ја урнат демократијата.
Алијанса за Албанците излезе исто така со осуда за нападот врз Данела Арсовска, а осуда имаше и од Општина Чаир од каде порачаа: „Ваквите дејствија се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество“.
Покрај осудата, НСДП – Нова социјалдемократска партија ги повикува МВР и Јавното обвинителство веднаш да постапат и насилниците да ги процесуираат.
Од Зелен Хуман Град укажуваат дека со насилството врз Данела Арсовска се појажа дека „државата ни стана дива лига, дива депонија и див запад каде што законот е само декларација на хартија, а институциите се евтина сценографија од стиропор“. Напади се случуваат (без разлика дали жртвата е функционер или не) пред очите на полицијата, која претпочита да „не зазема страна“ без да добие директива од партиски штаб, порачаа од ЗХД.
Хелсиншкиот комитет бара истрага за полицајците што не го спречиле нападот врз градоначалничката Арсовска.
Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство најостро го осуди срамниот и недозволив физички и вербален напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, кој се случи за време на нејзиното извршување на службени обврски при увид на локација со дивоградба.
Со најостра осуда реагираме на бруталниот напад врз градоначалничката Данела Арсовска и нејзиниот тим од жени вработени во Град Скопје. Овој чин на насилство не е само физички напад врз индивидуи, туку е и напад врз сите жени кои се активни во јавниот и политичкиот живот, се вели во реакцијата на Националнио совет за родова рамноправност (СОЖМ).
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски прашува: Ќе дозволиме ли утре некој да нè шутне сите? Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок. Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство, реагираше Јакимовски.
Оба се само дел од реакциите за насилството врз градоначалничката на Скопје. Огромен број реакции низ социјалните мрежи има и од многубројни граѓани, новинари и активисти кои најостро го осудија насилството и бараат одговорност од министерот Панче Тошковски.