Жителите на општина Карпош утре излегуваат на протест против одлуката на Владата со која спортската сала „Партизан“ им се одзема на локалните власти. Под мотото „Партизан не го даваме“, протестниот собир ќе започне во 19:30 часот пред салата „Наум Наумовски – Борче“, добро позната меѓу карпошани како „Партизан“.
Причина за револтот е владина одлука донесена на 17 јуни, со која се укинува трајното користење на салата од страна на Општина Карпош, а управувањето се префрла на Министерството за спорт. Општината била известена дури на почетокот на јули, што дополнително ја разгневи локалната заедница.
„Не е само зграда – симбол е“
Организаторите го повикуваат целото население, спортски клубови, ученици, родители и поранешни спортисти да се приклучат, нагласувајќи дека „Партизан“ не е само бетонска конструкција, туку дел од колективната меморија на Карпош и синоним за спортски дух и младост.
На протестот ќе говорат претставници од Советот на општината, спортски здруженија, активисти и граѓани кои со години се залагале за обнова и зачувување на салата.
Историја на ангажман и вложувања
Салата е донација од Француската Република по земјотресот во 1963 година и со децении претставува важен објект за заедницата. По низа иницијативи и граѓански акции – вклучително и оние на здружението „Културно Ехо“ – салата доби втор живот во 2019 година, кога беше предадена на трајно користење на Општина Карпош.
Иако по реконструкцијата од страна на Агенцијата за млади и спорт салата беше празна и нефункционална, Општината инвестираше околу 4 милиони денари во 2025 година за целосно опремување – со што објектот повторно беше отворен и ставен во функција, пред сè за младински спортски настани и натпревари.
Министерството: „Не се користела“
Од Министерството за спорт ја правдаат одлуката со наводи дека салата подолго време не била во употреба – тврдење кое Општината го демантира со документирани настани и активности од март наваму.
Протестот е најавен како мирен, но со јасна порака до институциите: граѓаните на Карпош нема лесно да се откажат од „Партизан“.