Македонското еколошко друштво го одбележува 16 јули, Светскиот ден на змиите, со цел подигнување на јавната свест за нивната витална улога во екосистемот. Иако средбите со овие влекачи се често проследени со страв и недоразбирање, тие се неопходни за одржување на еколошката рамнотежа и имаат голема важност за луѓето (како што е на пример контролата на популациите на глодари и следствено на тоа – заштита на земјоделските посеви).
Во светот постојат околу 3,600 различни видови на змии, додека пак на територијата на Македонија се среќаваат 16 видови од кои само три се отровни. И покрај нивната разновидност и прилагодливост, многу видови змии се соочуваат со закани од губење на живеалиштата под влијание на антропогени и климатски фактори.
Светскиот ден на змиите е можност да научиме нешто повеќе за овие фасцинантни суштества и да ги поддржиме напорите за нивна заштита. Преку редовни истражувачки кампањи, Македонско еколошко друштво е целосно посветено на истражувањето и заштитата на змиите и нивните живеалишта.
Такви беа и нивните неодамнешни активности за мониторинг на популацијата на змии-рибарки (Natrix tessellata) на островот Мал Град во албанскиот дел на Преспа, спроведени заедно со нивните партнери и соработници од Protection and Preservation of Natural Environment in Albania и Society for the Protection of Prespa (SPP) во рамки на прекуграничната мрежа на еколошки организации ПреспаНет, потпомогнати од стручни лица од Биолошкиот факултет во Белград.