Спорниот закон за игри на среќа кој беше изгласан од Владата, според достапните податоци од индустријата, става во опасност 10 илјади работни места.
Во овој сектор директно се вработени околу 10.000 македонски граѓани од чие вработување зависат и членови на потесното семејство.
Се проценува дека над 50.000 работни места се индиректно поврзани со оваа легална и целосно контролирана дејност, земајќи предвид дека дополнително, уште неколку десетици илјади граѓани работат во компании што се тесно поврзани со техничката, логистичката и ИТ поддршка на приредувачите на игрите на среќа.
Предлог-законот, кој предвидува ригорозни ограничувања за локациите на уплатните места, не поблиску од 500 метри од училишни објекти, не нуди никакви алтернативи за вработените кои ќе останат без работа, а коишто се директно загрозени од ова ограничување кое ќе значи затворање на многу објекти и нивно останување на улица. Законската рамка, како што е предложена, не содржи ниту економска анализа за социјалниот и фискалниот ефект што би го предизвикал законот во локалната економија.
„Дали целта е да се монополизира индустријата од страна на поединци во Владата на сметка на приватниот сектор, со што ќе страдаат илјадници вработени?“, прашаа од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) во својата прва реакција и повикаа на преиспитување на предлог-законското решение и дијалог со сите засегнати страни.
Заканата не е само врз бројот на работни места за македонските граѓани, туку и врз регулираноста на пазарот. Според досегашното искуство во регионот, вакви мерки доведуваат до пораст на нерегулираниот сектор и онлајн нелегални приредувачи кои не вработуваат луѓе, не плаќаат даноци и не се предмет на државна контрола. Таквите активности, во отсуство на соодветна контрола, би можеле да земат замав и во Македонија.
Регулацијата на приредувачите на игрите на среќа според предлог-законот може само да има обратен ефект и наместо зголемена контрола, државата да изгуби милионски приходи во буџетот, а граѓаните да бидат изложени на нерегулирани и диви приредувачи на игри на среќа кои постои потенцијална опасност да се појават во многу поголем број.
Доколку законот биде усвоен во предложената форма, Македонија би можела да се соочи со масовна загуба на работни места и значаен фискален удар врз Буџетот. Сѐ погласни се повиците до законодавците за отворање на широка дебата, вклучувајќи ги сите економски и социјални чинители.
ПР Објава