Британскиот премиер Кир Стармер денеска во Лондон ќе го пречека германскиот канцелар Фридрих Мерц, каде ќе го потпишат најзначајниот билатерален договор меѓу Обединетото Кралство и Германија од крајот на Втората светска војна.
Војната во Украина и неизвесната иднина на улогата на Соединетите Американски Држави под лидерството на Доналд Трамп ги поттикнаа Лондон и Берлин да го продлабочат својот одбранбен сојуз. Двајцата лидери го споделуваат стремежот да им обезбедат на Европа воено водство во време кога американското присуство на континентот се намалува, а на Украина ѝ е потребна итна и обемна западна поддршка.
Заеднички ракетен и безбедносен сојуз
Иако доаѓаат од различни политички лаги — центристот Стармер и конзервативниот Мерц — ги спојува амбицијата за заедничко водство на европската безбедност. На денешната средба ќе се потпише сеопфатен одбранбен договор, кој предвидува развој на нов ракетен систем со долг дострел и клаузула за заемна одбрана, според која нападот врз една земја ќе биде третирана како напад врз другата, како што првично објави „Политико“.
Посетата на Мерц во Лондон доби дополнително значење по најавата на американскиот претседател Трамп за зголемување на испораките на оружје за Украина. Лондон и Берлин ќе ја потврдат и соработката во области како квантната технологија, вештачката интелигенција и низа долгорочни инфраструктурни проекти, меѓу кои енергетски врски во Северното Море и нови железнички коридори.
Разлики во стилот, но слични интереси
И двата лидери се соочуваат со внатрешни притисоци поради нелегалната миграција, но на меѓународната сцена сакаат да демонстрираат решителност. Стармер и Мерц изненадија со зголемување на воените буџети, особено во време на американско повлекување од Европа. Според германски функционери, нивниот однос е „одличен“, а Мерц е впечатлен од способноста на Стармер за прецизна комуникација, особено во односите со САД.
Британската влада ја обновува соработката со Германија и Европската Унија, а уште пред да стане премиер, Стармер најави билатерален одбранбен договор со Берлин.
Нова „европска тројка“ и заеднички воен извоз
Посетата на Мерц следи по државната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Обединетото Кралство, со што се оформува неформална европска „тројка“ во поддршката на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Заедно, Германија и Велика Британија ќе го развиваат новиот ракетен систем со дострел над 2.000 километри, чија испорака се очекува во следната деценија. Оваа соработка е продолжение на минатогодишниот договор од Тринити Хаус за заеднички извоз на воени средства.
Трамп ја забрзува помошта за Украина
Посетата на Мерц е и прилика за разговори за новата иницијатива на Доналд Трамп за побрзо испраќање американско оружје во Украина. Британските дипломати се „исклучително задоволни“ од договорот постигнат со Франција, Германија и НАТО на последниот самит во Хаг, и ја поддржуваат забрзаната помош.
Мерц и Стармер ќе ги разгледаат деталите за финансирањето и логистиката, вклучувајќи и дали европските земји ќе купуваат оружје директно од САД или ќе го префрлаат од сопствените залихи, кои потоа ќе бидат дополнети од американскиот извоз.
Ограничен напредок во миграцијата и мобилноста
И покрај напредокот во одбранбената соработка, прашањата за миграцијата и мобилноста сè уште остануваат предизвик. Стармер инсистира на засилување на борбата против нелегалната миграција во разговорите со Мерц и Макрон, но досегашните резултати се ограничени.
Велика Британија очекува Германија да ги заостри законите против шверцот, при што измените во германското законодавство се очекуваат да бидат завршени до крајот на годината.