Главниот извор за водоснабдување на Скопје – Рашче – работи со максимален капацитет и е на раб на колапс, но половина од градот и понатаму останува без вода.
Ситуацијата е критична, предупредија од ЈП „Водовод и канализација“ на денешната седница на Советот на Град Скопје, барајќи итна свест и од институциите и од граѓаните.
На изворот Рашче толку му е капацитетот, повеќе од ова не може да даде, работиме со максимален број вклучени бунари, од технички аспект тоа може да доведе до колабирање на бунарите, до уривање. Рашче исто така се празни максимално, не дај боже да се случи нешто, ќе останеме без пивка вода, алармираше Зоран Стојанов, оперативен директор во јавното претпријатие на денешната седница на Советот на Град Скопје.
И покрај апелите за рационално користење на водата, претпријатието се соочува со недостиг од правни механизми да ги санкционира оние што ја трошат водата неодговорно, особено во пониските делови од градот каде што има континуирано снабдување. Инспекторите можат само да поднесат претставки, но немаат овластување за директно санкционирање.
Советниците побараа информации зошто доаѓа до недостиг, и што се презема за да се намалат загубите на вода. Советничката Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ истакна дека не е доволно да се апелира на совест, туку мора да се обезбедат правни основи за рационална потрошувачка.
Податоците се загрижувачки: техничките загуби на вода се околу 33%, а вкупните – речиси 50% од произведената количина. Дополнително, над 240 стопански субјекти користат вода од градската мрежа, а за техничка употреба се троши пивка вода.
Основата на водоснабдувањето е Рашче и двете бунарски подрачја, Лепенец и Нерези. Во моментов од Рашче добиваме 3000 литри во секунда и повеќе не може затоа што каптираната вода во Рашче е на висинско ниво што е под 70 сантиметри. Тоа е природен извор што ние, за да ги задоволиме потребите за пивка вода на Скопје, максимално го форсираме. Сите други пет бунари дополнуваат 1000 метри во секунда. Што значи дека во овој момент Скопје троши 4000 литри вода во секунда и во одредени делови има намален притисок – посочи Дејан Димевски од „Водовод и канализација“.
Граѓаните од засегнатите населби постојано повикуваат во дежурниот центар, а цистерните на „Водовод и канализација“ и на „Комунална хигиена“ се ставени во функција според побарувачката.
Претпријатието, велат, не може самостојно да инвестира во нови капацитети – тоа е обврска на општините. Иако се градат нови населби, системот останува ист, без паралелна инвестиција во водоводната мрежа.
Инвестирањето во нови водоснабдителни системи и подобрување на системите се инвестиции на самите општини. Генерирањето на ДУП не значи само изградба на нови населби и згради, претходно треба да се финансира и во водоводна и канализациска мрежа. Тоа не го прави јавното претпријатие. Кое било решение што општината ќе го направи според стандардите за водоснабдување, ЈП „Водовод и канализација“ го прима како дел од системот и го одржува со наплатата на вода – вели Димевски.
Извор: Слободен печат