Граѓанскиот сектор алармира: Законот за полиција не смее да остане без членот за еднаквост

Платформата за родова еднаквост StellaNetwork силно реагираше на новите предложени измени на Законот за полиција, со кои, како што алармираат, се укинува единствениот член што експлицитно гарантира еднаквост при вработување во полициските структури.

Станува збор за членот 96 од важечкиот закон, кој јасно ја дефинира обврската на полицијата да го почитува принципот на еднаквост. Со неговото бришење, Платформата предупредува дека се отвора простор за дискриминација и маргинализација, особено на жените и ранливите категории, во институција која треба да биде пример за правичност и инклузивност.

„Ова не е само законска измена – ова е порака. Порака дека еднаквоста и родовата застапеност се третираат како небитни“, стои во нивната реакција. Според нив, предложената измена директно се коси со домашното законодавство, но и со меѓународните обврски на земјата, вклучувајќи ја и Истанбулската конвенција.

Платформата бара итно повлекување на спорниот предлог и цврста гаранција од институциите дека принципите на еднаквост и родова инклузивност ќе останат основа во секоја реформа, особено во безбедносниот сектор.

Засега, не е познато кога законот ќе се најде на дневен ред во Собранието, но граѓанскиот сектор веќе најавува засилено следење и притисок врз пратениците да не дозволат ваков, како што го нарекуваат, „регресивен чекор“.

Зачлени се на нашиот е-билтен