Искуството покажува дека кога легалните приредувачи се потиснуваат преку рестрикции, пазарот на игри на среќа не исчезнува, туку се преместува во илегални објекти. Со тоа, се ограничува способноста на државата за реална и ефикасна контрола и се зголемува опасноста до нерегулираните места пристап да имаат и малолетниците кои сега се целосно заштитени поради нивниот строго забранет влез во легалните објекти на игри на среќа.
Покрај тоа, сивата економија ќе нема контрола, а со тоа и прибирањето на приходи во буџетот од страна на државата. Со затворање на лиценцирани објекти, државата губи милиони евра од даноци и такси, а работните места се уништуваат.
Новиот предлог-закон за игрите на среќа, усвоен од Владата, според познавачите е целосно рестриктивен за лиценцираните приредувачи. Наместо да ги таргетира нелегалните оператори, тој предвидува сериозни ограничувања за оние што работат транспарентно и под строг надзор на државните институции. Забрани за рекламирање, ограничување на близина до училишта, повисоки лиценци се само дел од мерките што, според експертите, не се базираат на анализа на ризиците, туку креираат услови за непланирани последици.
Опасноста да се случи нов „Детонатор“ повторно се наметнува токму во вакви услови. Се создава амбиент во кој, како и пред 13 години, сивиот пазар на игри на среќа би можел повторно да земе замав, овојпат поттикнат од самата држава преку нефункционални регулативи.
Подзаборавената полициска акција „Детонатор“, што започна од источна Македонија, но се прошири низ целата држава, откри мрежа на локали што нелегално приредувале игри на среќа и криминална група вмешана во лихварство, изнуда, па дури и организирање на убиства.
Во таа акција беа пронајдени и запленети околу 1.000 покер апарати, флипер апарати, маси за рулет и други средства за коцкање, поставени во над 30 нелегални локали кои биле целосно невидливи за институциите. Акцијата заврши со разрешување на 13 полициски началници и го разобличи системот кој тогаш дозволувал криминалот да оперира паралелно со државата.
Секој чекор што ја ограничува легалната индустрија е можност за сивата економија да го заземе нејзиното место од што последиците ќе ги платат сите: и државата, и граѓаните, и бизнисот.