Потпретседателот УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев вработен во М-НАВ

Потпретседателот на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев, е вработен во М-НАВ – институција која треба да биде пример за стручност и безбедност.

Кога многу млади луѓе со соодветно образование не успеваат да најдат работа поради ограничен пристап до јавните огласи и конкурси, партиските кадри си добиваат се на тацна, реагираат младите од Левица.

„Додека стотици млади, квалификувани луѓе без партиска книшка ја напуштаат државата поради тоа што не можат да бидат примени на наместените конкурси за вработување, потпретдедателот на УМС Филип Ѓорѓиев штотуку беше вработен во М-НАВ. УМС на ДПМНЕ, уште еднаш покажува дека не е ништо повеќе од организација што служи за партиски да ги вработува децата на вмровските функционери и нивните партиски лепачи на плакати. Во меѓувреме, други млади луѓе, иако со завршено образование и подготвеност за работа, биле одбиени на овој конкурс, за да може да се вработи уште еден вмровски кадар кој ќе прима плата од државниот буџет, и да продолжи децениското вмровско паразитирање врз државата“, реагираат младите од Левица.

Според нив дел од огласот бил дури и реобјавен на 16 јули, откако постоела опасност да бидат избрани непартиски кандидати. Интервјуата биле спроведени само од директори на Управниот одбор на М-НАВ, без никакви независни набљудувачи или претставници од синдикатот.

„Институција како М-НАВ, каде што безбедноста, стручноста и одговорноста треба да се темел, се претвора во место за вработување на УМС. Ова е навреда за секој млад човек кој верува дека образованието и вложениот труд се доволни компетенции за вработување, и уште еден потег кој ќе придонесе младите луѓе да продолжат забрзано да се селат од Македонија“, реагираат младите.

Во објавата на Црвена Младина тие бараат:

-Јавно објавување на комплетната документација и постапка, поврзана со спорниот оглас.

-Кривична и институционална одговорност за злоупотреба на службена положба.

-Итна транспарентност, департизација и јавна контрола врз сите државни институции.

Од Црвената Младина посочуваат дека М-НАВ не е ничија партиска филијала, туку институција од витално значење за јавната безбедност.

Зачлени се на нашиот е-билтен