ЦУК соопшти дека се активни пожарите во Василево кај с. Нивичино каде гори нискостеблеста шума, во Македонски Брод кај с. Грешница каде се зафатени мешана шума и ниска вегетација, во Прилеп – помеѓу с. Царевиќ и с. Смолани исто така мешана шума и ниска вегетација. Во Прилеп/Кавадарци кај с. Никодин, с. Ракле, с. Фариш гори ниска вегетација и ретка шума, во Липково кај с. Виштица ниска вегетација и стрниште, во Битола кај населба Довлеџик е реактивиран пожарот со зафатена ниска вегетација, во Росоман кај с. Трстеник горат напуштени ниви и во Илинден кај Индустриска зона Илинден каде горат ниска вегетација, слама и објект.
Од Министерството за внатрешни работи попладнево соопштија дека полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствувал на пожарот во општина Василево, с. Нивичино, струмичко, при што во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода. Пожарот се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гаснење.
Под контрола се ставени пожарите во Велес – кај с. Џидимирци, с. Крушје и с. Иванковци каде горела мешана шума, во Дојран – с. Николич, нискостеблеста шума, во Демир Хисар на градската депонија, во Македонски Брод кај с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа, дабова шума и ниска вегетација и во Делчево кај с. Стар Истевник, каде горела борова шума.
Изгаснати се пожарите во Ранковце на местата викани Иваница, Десетак и Коп, во Куманово со селата Четирце и Пчиња, во Јагуновце – с. Јагуновце, во Свети Николе – местото викано Кантонче, во Битола – населба Довлеџик, во Карбинци – с. Долни Балван, во Штип гореше градска депонија, во Аеродром на ул. „Гаврил Константиновиќ“ и во Гази Баба кај стрелиште Камник.