Присвојувањето на туѓите заслуги и достигнувања најчесто претпоставува дека на народот, кому му е наменета таа во случајот реторичка маневра е како бонбона која треба да биде завиткана во некаква конфета, која пак, треба да го зголемува прикривањето на лагата (грабежот, буквално речено), а да им се допадне како додатна уверливост на слушателите на таквите махинации.
Љубомир КОСТОВСКИ
Задачата на партиските штабови секако би била првенствено насочена кон пронаоѓањето на таа додатна мирудија која ќе го олесни прифаќањето на лагата кај плебсот, бидејќи, масовноста е сѐ поважен елемент во сите политички прагми.
Крадеме, ама и градиме
Актуелната власт во изминатите година дена од владеењето по одржаните парламентарни избори, се обиде да ја одржи формулата на успех која ВМРО-ДПМНЕ макотрпно ја градеше по поразот на одржливоста на масовната хипноза што груевизмот ја имаше врз гласачите во земјава и што го одржа на власт 11 години. Имено, познатите „бомби“ кои ги открија – до самото дно – моралните хаварии на екипата на Груевски и пред финансиските махинации, се одржуваше со измислениот балансер од типот „ние крадевме ама и градевме“. Оваа максима кај народот со многу низок коефицент на интелигенција (под неопходнодниот коефицеиент од 81,9) и со ниска техничка култура (во таа категорија влегуваа 60 отсто од населението) просто некако легна, особено откако медиумите останаа под суверена контрола на вмровското сидро.
Христијан Мицковски како наследник на Груевски се обидува да „лови риба“ на истиот мамец, односно на тој лозунг „можете да ни замерувате за многу работи, ама не и за тоа дека ние, сепак, многу градиме“ и тоа треба да се награди. Јасно, и статистичките податоци што се јавно објавени покажуваат дека оваа власт во првите шест месеци од своето владеење (до Новата година) просто имала голема одбивност кон капиталните инвестиции, токму оние со кои сега се кити!
Според истражувањето на Порталб.мк, капитални расходи, за половина година (втората половина од 2024 година) има реализација од само 26,2%. Седум министерства за половина година потрошиле помалку од 10% од годишната сума за капитални расходи. Највисока реализација од 99,5% има во Министерството за односи меѓу заедниците, но се работи за буџет од околу 9.000 евра, пишува Порталб.мк.
„Моторот“ на јавните инвестиции се ресорите кои располагаат со милионски буџети за оваа намена – само еден ресор од оваа група успеал да оствари над 50% од планот, а другите не успеале да реализираат ниту третина.
Па ако не се издвојуваат веќе издвоени пари од каде пари за тако користење на ножичките на пригодни и на толку датуми од страна на Мицковски и братијата?
Да почнеме со фалбите
Првата фалба од посочениот тип се случи уште на почетокот на оваа година на последната делница од автопатот, поточно експресниот пат (нема трета лента и други карактеристики на автопат) Ранковце – Крива Паланка. Тоа е секвел од Коридорот 8 и го изведуваше со години претходната власт. Остана навистина само малку за да се доврши задачата на оваа релација (ова секако не ја оправдува токму таа екипа која не умее да си ги довршува своите започнати задачи!), но ете дојде Мицкоски и се обиде да го си го приграби првиот „трофеј“.
Ако реално изградил 2 километри, тој ќе си стави во своето портфолио 22-те километри! Навистина, во својот говор, внимавајте, беше – условно земено – малку претпазлив и рече дека „ова не е автопат ниту на ВМРО, ниту на СДСМ, туку на народот“. Аха, значи прерано е да се тврди дека со шест месеци власт може реално да се направи и половина километар вистинска автострада. Но затоа направи поголем грев – му ја одзеде славата на СДСМ за сторениот успех, немој случајно (ама со право) да му текне од Бихачка да ги издвои своите заслуги. Добро, тоа и се случи, секако пост фестум, како што е вообичаен ритам на кој работи пропагандата од истата адреса.
Инаку реалноста е следна – во 2017 година, Владата преку план за поддршка на североисточниот регион, реализираше огромен број на проекти, меѓу кои целосно рехабилитирање и обнова на целата патна инфраструктура од Скопје до Деве Баир, се реализираа многу проекти за обнова на сите регионални патишта, но во Крива Паланка се инвестираше и во други сегменти. Од 2018 година започна и реализацијата на овој нов капитален проект, за изградба на новиот експресен пат. До крајот на мандатот, преку многу состаноци, многу труд, енергија, координации на сите институции, успешно беа завршени над 90% од работите на овој значаен проект за граѓаните од целиот регион.
ВМРО ДПМНЕ како блокатор
Поранешниот министер Љупчо Николовски по овој повод на крадени заслуги, изјави: „Додека ние правевме сѐ да ја забрзаме работата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ја блокираше токму изградбата на овој значаен проект за граѓаните. Да не беа блокадите од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, овој проект ќе беше завршен уште во 2024 година. За жал само заради личните политички цели пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш го блокираа проектот преку Комисијата за финансирање и буџет кој со месеци го кочеше новиот предлогот за законот за грант вреден 14 милиони евра.“
Патот, што официјално е пуштен на стартот на годинава е во должина од 25,5 километри и е дел од Коридорот 8. Вкупната инвестиција е 93,7 милиони евра од кои 80,20 милиони евра се средства од Светска Банка, а останатите се грант во висина од 13,50 милиони евра. Колку добро довршувале од актуелната власт за кусото време од шест месеци покажува фактот дека патот нема употребна дозвола (!) туку за привремено допуштање за сообраќај (како резултат на настаните од Србија со настрешницата на железничката станица во Нови Сад!), а дека само по неколку дена по пуштањето на последната делница на тоа место се случија две сообраќајки, една по друга со смртен исход и шест тешко повредени лица, од кои 4 полицајци.
Опасно, тука е убиен Пере Тошев!
Доколку се слушаа говорите што владината елита ги кажуваше на свеченоста по повод пуштањето на дел од автопатот Охрид – Кичево пред малку повеќе од една недела, секако можеше да се забележи дека некој од партиските пишувачи на говорите веќе бил заминат на одмор. Практично е веројатно користен друг автор кој бил инспириран од историјата, но онаа поблиската, што не својствено за оваа партија. Просто, конкретниот автор, кој како да растел во кабинетот на некој, да речеме, функционер на некогашниот Социјалистички сојуз на работниот народ! Врската меѓу два временски и идеолошки оддалечени периоди просто е фрапантна, освен ако не се оди кон она дека ВМРО-ДПМНЕ веќе станала партија за сите периоди!
Имено, за да појасниме, да се вратиме малку наназад во времето, на 14 јануари годинава (после Божик доаѓа и православна Нова година, нели) и мора да има свеченост, што побрзо, толку подобро за власта) оној кој го пишувал говорот на првиот функционер од јавното претпријатие за државните патишта Коце Трајановски за време на пуштањето на патот Градско – Дреново, дошол на идеја дека на публиката и јавноста пошироко од некоја причина би ѝ се допаднал фактот што во Дреновската клисура некогаш бил убиен Пере Тошев, еден од раководителите на ВМРО на времето. Еве го и насловот во еден од провладините текстови објавени по тој повод: „Пуштен патот Фариш – Дреново, многу опасен пат, кај што загинал војводата Пере Тошев, рече Коце Трајановски“. Насловот, веројатно „зададен“, бидејќи во целата вест потоа не е споменато, уредниците од дел од пишуваните медиуми не го ставиле ниту во поднасловот, ама во сите ТВ вести тоа парче од говорот доби значајно место! Пере Тошев, кој навистина бил убиен некаде во клисурата во 1904 година бил класичен пример на многу талкања кај видните револуционери од она време, а го убила турската власт и го сосекла на парчиња неговото тело. Медиумските наслови главно од тој факт влечат заклучок дека „Дреновската клисура е опасна“(!), што навистина е еден доста наивен и не сосема инвентивен начин да се приближи до публиката која ужива во историски крвопролевања.
А таа клисура, инаку позната по многу други личности, да речеме по легендарната „Паца дреновчанка“ која ги излудувала момчињата кога се создавале градските народни песни. За неа има кажувано доста и Спиро Џумерко од Прилепскиот театар за еден навистина прекрасен документарец на бугарската авторка Пеева. Или, пак, да споменеме еден сосема друг повод – некаде на тоа место загина во сообраќајка првиот свештеник на МПЦ во она време Ангелариј, инаку втор архиепископ во поновата историја на цркавата (1986 година). Клисурата е опасна, а особено ако врне дожд и видливоста е намалена.
Зошто Пере Тошев, навистина? Којаа е врската на тој нов пат, башка откраднат од целината која е дело на претходната влада (!) со убиената историска личност? И Тошев крадел идеи и градби? Или можеби дошол на идеја дека политиката претпоставува дека постојано нешто треба да се отвора, да се користат ножичките, па дури и ако е поводот вистински или само манипулативен, да му заличи на плебсот дека, како што веќе сме споменале дека според едно последно објавено истражување од 2009 година (кога официјално почнаа антиквизацијата во земјава и повикувањето на тоа дека сме наследници на Македонците од времето на големиот војсководец Александар), што покажа дека барем етничките Македонци својот идентитет го врзуваат за крајот на 19 век.
Таа навистина блиска „граница“ со минатото укажува до каде стигнува реално колективната меморија, а се совпаѓа, веројатно и неслучајно со основањето на онаа организација која требало да го потсети светот дека одринскиот крај и Македонија сѐ уште се под турската окупација. Патем, ова истражување го негираше врзувањето на народот со Александар Македонски како свој претходник (како што го прави и официјалната историографија во светот) од времето пред 23 века.
Едно истражување, како паралела, на њујоршки „Тајмс“ објавено кај нас од „Македонска книга“ во 1972 година под наслов „Византија“, покажа дека идентитетот на Грците, исто така, е далеку од врзувањето за својата антика, колку и Британците да држат до таа опсесија, туку нивната колективна свест и идентитетот се врзани само за Византија која почнува од Елена и Константин или поконкретно е врзана само за христијанството!
Ако немаш свое дело, земи си туѓо
За една година од своето владеење, власта на премиерот Мицкоски не успеа да изгради нешто што е комплетно нивен „производ“ – да го започне и заврши од почеток до крај. Затоа и после сечењето на лентата во Дреновската клисура СДСМ со задоволство го одбележува завршувањето на експресниот пат низ овој дел на патот Градско-Прилеп како капитален инфраструктурен проект кој беше над 90% реализиран во времето на нивната владата, соопштија од сега опозициската партија, откако што премиерот Мицкоски со министри и директори го објави пуштањето во употреба.
Од таму велат дека „овој патен правец, долг 10,2 километри и вреден над 33 милиони евра, е еден од најсложените проекти на оваа траса, со изградба на два тунели, 21 мост, вијадукт, галерија и други клучни конструкции – сите завршени со над 90% во мандатот на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ, по цела година власт, се слика на отворање на пат за кој само санираа едно свлечиште, поставија сигнализација и неколку огради. Толку. Но, најважно од сè – граѓаните од Прилеп, Битола, Ресен и целиот Пелагониски регион конечно добиваат современ и безбеден патен правец, важен за транспортот, економијата и секојдневниот живот. СДСМ, како одговорна партија, инвестираше сериозно во патната инфраструктура: експресниот пат Градско – Дреново, реконструкцијата на Плетвар, патот Прилеп – езерото, автопатот Прилеп – Битола како дел од Коридорот 10д. Тоа се реални резултати од нашата посветена политика за подобра инфраструктура и подобар животен стандард за сите“, велат од СДСМ.
И оваа делница нема употребна дозвола туку само привремена, јавија некои медиуми, а непосредно по пуштањето се случија тешки сообраќајки.
А сега малку партизанска лексика
Говорот при отворањето на секвелот од автопатот Охрид – Кичево, односно речиси 20-те километри на потегот Сливово-Ботун помина на друг, на свој начин говор врзан за историјата, поврзан со социјалистичката политичка лексика. Пишувачот на поздравниот говор на Коце Трајановски одлучи да говори за самопрегорот на работниците кои работеле и под дожд, ветер и снег, како и под сонце, кога тоа ќе запечело. Ова пледоаје доста се разликуваше од говорите на претходниците кои, стандардно говореа како да излегле од афоризмот на Вип („пред војната немавме ништо, а потоа дојдоа Германците, па уништија сѐ“), само што овој пат го обвинија дека СДСМ дека ништо не направил на автопатот, иако владееле седум години, а тие небаре само една (последнава) и ете одеднаш пуштиле една третина од автопатот!
Коце Трајановски како трет говорник, односно авторот на текстот проценил дека треба да проговори за некои други актери, освен за постојните кадри на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи автопатот не се градел, на крајот на краиштата сам, преку реториката на црвено-црните и нивните самофалби. Имал мал маневарски простор за да не се повторува, а да не го спомене СДСМ, на пример, а ниту првите градители, поточно „родителите“ на моделот на градење вакви проекти во профитабилен смисол, двоецот Груевски и Миле ми текна Јанакиески. Или поточно нивните размислување дали на Кинезите како инвеститори да има земат 3 или 5 отсто (што е малку, а што многу – беше дилемата). Па затоа, ако во Дреновска клисура се сети на Пере Тошев, тој тука требаше да се сети на славна партизанска Дебарца, ама да не спомене директно, туку да го земе пропагандниот речник на пролетерските бригади!
Барем нему му стана јасно, бидејќи сега е најдиректно вклучен во градењето на патишта, што би рекла Данела Арсовска е „директно во медот“, дека говорите се за народот, а за неговите функционери се само патерица која помага да се стигне до она што се нарекува личен бенефит од задолжувањето на Македонецот. Впрочем, по неговиот говор се дозна дека за овој автопат ќе се мора да има ново задолжување, по кој знае кој пат, бидејќи никој не е толку мудар како Кинезите кои веќе ги банкротираа Црногорците – им зедоа еден цел едногодишен БДП за да изградат пат од 40 километри, познатиот „од ниџе за ниџе“. После тоа, домаќините ниту метар не изградија ни напред ни назад, за патот да добие смисол. Па со што – кусо би коментирале тие.
Да се потсетиме дека разговорот меѓу Груевски и Миле за процентите биле на стартот на преговорите со Кинезите кога падна договор овој автопат да се заврши до 2018 година. Од опозициската СДСМ реагираа дека во 2018 и 2019 година, по комплетно ре-проектирање, продолжиле со работа и до 2024 година, како што велат, автопатот го предале 83% завршен.
„Кога СДСМ го презеде проектот во 2017 година, на терен затекнавме само околу 30% прогрес на работите, нерешена експропријација, свлечишта на косините, без изработени клучки и со куп сериозни проблеми“, велат од СДСМ. Тие сметаат дека автопатот не е заслуга на ВМРО-ДПМНЕ, туку дека СДСМ го спасиле проектот од комплетно пропаѓање. Поради грешките на ВМРО-ДПМНЕ, трасата дури поминуваше преку резервоар за вода за пиење на Кичево, па моравме да ја дислоцираме и да ја заштитиме безбедноста и здравјето на граѓаните.
Кичево-Охрид е симбол на погрешен избор на модел на изградба од страна на ВМРО-ДПМНЕ – проект започнат од Груевски само за политичко сликање, без геомеханички испитувања, без комплетен основен проект и со штетни последици за граѓаните. СДСМ покажа дека со одговорност, со работа и со законски измени во 2023 година може да се воведе најдобра меѓународна практика за големи инфраструктурни проекти преку ФИДИК моделот (design & build). Со ова денес можеме да се пофалиме со одличен прогрес и на Коридорите 8 и 10д. СДСМ го спаси проектот од целосен колапс и го донесе до финална фаза, со трајни и безбедни решенија за граѓаните и за државата.
СДСМ на граѓаните им порача: Аавтопатот Кичево–Охрид не е заслуга на ВМРО-ДПМНЕ туку на работата, одговорноста и решителноста на СДСМ да го спаси нивниот фушерај и да го заврши во интерес на сите.
Од Владата изгледа го заборавија настапот на Трајановски на „360 степени“ каде тој многу искрено призна дека проектот Охрид (Струга) – Кичево е напросто за никаде. Имено, да скратиме, на делницата низ теснецот на реката Сатеска меѓу Ботун и охридското поле (мислам дека се тоа 4,4 километри), има толку свлечишта што ќе треба доста работа на тој план со рок кој не беше назначен. Потоа, пред влезот на теснецот на Сатеска од правец на Охрид мора да се прави сериозна крстосница, бидејќи е предвидено да постои брз пат кој би водел до Ќафасан преку селото Климештани, без да се оди кон аеродромот Свети Павле, туку просто речено направо кон албанската граница. Тоа секако е повеќе од сериозен зафат, а да не размислуваме за тоа дали се расчистени имотно-правните односи низ полето полно со сајбии. Говориме веќе за една третина од автопатот Охрид-Кичево или за некаде околу 21 километар.
Потоа, ниту пуштената секвенца од тој проект не може да се смета за завршена и покрај ножичките во рацете на Мицкоски, бидејќи најмалку три села се комплетно отсечени од приодот од асфалтот до нив на било каков начин, освен можеби со магариња (!). Се работи за славната Црвена Вода (не беше спомената во говорот на Трајановски, ама се подразбира), потоа нам извесниот Поточан и Ново село. Значи, се брзало да се има нешто за пуштање на Петровден (забележувате ли дека сите три „пуштени автопати“ се врзуваат за верски датуми!) со сите малери што потоа следуваат.
Останува да се прави (во СДСМ секако би рекле да се доправи) делот од новиот пат од Сливово, преку превојот Превалец, па низ проширувањето кај селото Извор (изворот на Треска) кон Кичево, каде има едно свлечиште кое е навистина тешко да се реши, еве сите овие години наназад. Најтешкиот сегмент од оваа делница подолга од 20 километри е надвисната со моќни бетонски столбови кои се најтешки за изведба, ама се готови, каде нема ниту свлечишта, ниту нерешени имотни односи. Од аспект на премиерот Мицкоски, сето ова се сведува на прашањето – колку само нови говори следуваат…