Олдос Хаксли: Писателот кој ја предвиде иднината и замина со ЛСД

ОЛДУС Леонард Хаксли беше англиски писател и филозоф, запишан во историјата како автор на некои од највлијателните дела на 20 век. Роден во познатото семејство Хаксли, тој студирал англиска книжевност на Универзитетот Оксфорд и оставил зад себе богата книжевна кариера со речиси 50 книги — романи, есеи и поезија.

Почетоци и книжевен подем

Хаксли започнал како уредник на списанието Оксфорд Поети, а подоцна објавувал кратки раскази, патеписи, сатири и сценарија. Во 1920-тите напишал неколку сатирични романи кои ја критикуваа општествената елита, меѓу кои се „Кром Жолт“, „Античко сено“ и „Поинт Контрапоинт“.

Светската слава ја стекнува со романот Храбриот нов свет (1932), визионерско дело кое ја прикажува дехуманизираната иднина на технолошка контрола и манипулација. Денес, ова дело се смета за еден од најважните дистописки романи во светската литература.

Филозофски траги и експериментирање

Во подоцнежниот период од животот, Хаксли се преселил во Лос Анџелес, каде живеел до својата смрт. Тој се интересирал за мистика, источна филозофија и свесност, што резултирало со дела како Вечната филозофија и Вратите на перцепцијата, во кои ги опишува своите искуства со халуциногени супстанции, особено мескалинот.

Во 1962 година станал член на Кралското друштво за литература, а девет пати бил номиниран за Нобелова награда за литература.

Личен живот и крајот

Хаксли бил оженет двапати. Прво со белгиската Марија Нис во 1925 година, со која го поминал поголемиот дел од животот, и подоцна со американската писателка Лора Арчер.

Неговата фасцинација со променетите состојби на свеста го следела до крајот на животот. На 22 ноември 1963 година, додека умирал од рак на гркланот, 69-годишниот Хаксли побарал да му се даде доза ЛСД – по негово лично барање, дадено во писмена форма. Починал мирно, истиот ден кога светот ги загуби и Ц. С. Луис и американскиот претседател Џон Ф. Кенеди.

Алдос Хаксли останува запаметен како визионер, чија мисла и денес нè предупредува за опасностите од технолошкиот напредок без човечка длабочина.

Зачлени се на нашиот е-билтен