Публиката на фестивалот „Охридско лето“ синоќа имаше привилегија да ужива во импресивниот настап на пијанистката Данае Доркен, која настапи во рамки на Грчката вечер поддржана од Амбасадата на Грција. Оваа млада, но веќе докажана уметница со грчко-германско потекло приреди вечер исполнета со длабоки емоции и врвна музичка интерпретација.
Концертот го отвори со „Фантастична пиеса“ од Роберт Шуман – едно од нејзините омилени дела, што веднаш создаде интимна и возвишена атмосфера во салата. Доркен понатаму ги изненади присутните со богата и разновидна програма, во која беа вклучени и дела од славниот грчки композитор Микис Теодоракис, како и „Црна земја“ од турскиот композитор Фазил Сај – дело што се изведува со интервенции директно во внатрешноста на пијаното, имитирајќи ориентални инструменти.
„Особена чест ми е што настапувам тука, на овој прекрасен фестивал, и тоа како уметник со грчки корени“, изјави пијанистката, која настапи и со композиции од Менделсон и Лист.
Доркен е препознатлива по својата техничка супериорност и сценска присутност. Својата кариера ја започнува уште на седум години, поддржана од прочуениот Јехуди Мењухин, а студирала кај Карл-Хајнц Кемерлинг и Ларс Вогт. Денес соработува со водечки европски оркестри и е една од најангажираните уметници од нејзината генерација.
Во 2025 година, по повод стогодишнината од раѓањето на Микис Теодоракис, таа ќе издаде албум посветен на неговите пијанистички дела. Минатата година го издаде албумот „Аполо и Дионисиј“ заедно со нејзината сестра, а сними и неколку изданија со обоистот Филип Тондре. Нејзиниот аудиозапис на Моцартовиот концерт бр. 21 и Вториот концерт од Менделсон, во соработка со Симфонискиот оркестар од Њукасл, е пречекан со пофални критики, а соло албумот „Одисеја“ е номиниран за меѓународни признанија.
Bottom of Form