Вирално видео на социјалните мрежи предизвика лавина реакции откако беше објавена снимка на која се гледа колона од околу дваесет возила како ја минуваат наплатната станица кај Гостивар – без видливо запирање и без плаќање патарина.
Објавувачот на видеото, со саркастична забелешка „За едни мајка, за други маќеа“, директно посочи на перцепцијата за нееднаквост во спроведувањето на законите.
ЈПДП: Контролата покажа неправилности
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) реагираше со официјално соопштение, наведувајќи дека веднаш по објавата на видеото била извршена внатрешна проверка. Според нив, првото возило во колоната платило патарина и за неколку возила зад него, но биле идентификувани и возила кои поминале без да платат.
„По налог на директорот, веднаш беше спроведена внатрешна контрола. Утврдено е дека неколку возила ја поминале наплатната рампа без евидентирано плаќање. По комплетна анализа на случајот, ќе бидат преземени соодветни дисциплински мерки“, стои во соопштението.
Јавноста бара одговорност
И покрај објаснувањето на институцијата, дел од јавноста останува скептична. Во коментарите на социјалните мрежи доминираат прашања за (не)еднаквоста пред законот и за тоа дали би следеле казни доколку се работеше за „обични“ возачи.
Многумина реагираа на тоа што, според нив, досега не е идентификуван или санкциониран ниту еден учесник во инцидентот, додека граѓаните секојдневно се соочуваат со казни за многу помали прекршоци.