Политичките партии се суверени; секоја има свои сопствени убедувања и сосема е легитимно партиите да ги имаат во предвид убедувањата на своите избирачи. Мислам дека ако се придржуваме до конкретната содржина на различните текстови што беа преговарани, а потоа и на оние за кои треба да се преговара во иднина, секој ќе биде во можност подобро да разбере за што станува збор. Мојата препорака е да бидете прагматични; да се придржувате до фактите, до она што е конкретно напишано, и на крајот, да размислувате за конкретните последици од идните одлуки, а не за претпоставки, вели во интервју за „Локално“ францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер за предвидените условни измени кои треба да го продолжат европскиот пат на државата.
Во однос на отпорот во македонската јавност за она што го добивме како европски предлог за старт на преговорите со ЕУ, Бомгартнер вели дека многу луѓе имаат мислење за овој предлог, но на крајот на краиштата прашува, колкумина од нив се сигурни дека го разбрале целосно неговото значење.
-Има еден француски израз кој вели: „Не треба од дрвото да не се гледа шумата“. Двете први заслуги на ова решение се, од една страна, фактот дека го отвори патот кон европската интеграција на земјата што беше блокиран повеќе од 15 години, а од друга страна, дека го почитува македонскиот идентитет за што сведочи неодамнешното потпишување на Спогодбата со Фронтекс, вклучително и македонската верзија, рече Бомгартнер.
Во однос на тоа дали Франција гарантира дека ќе запрат бугарските барања за нашата земја, францускиот амабсадор истакнува дека од почетокот на минатата година, има уште посилна волја за политиката на проширување од страна на целата Европска унија, нејзините институции и државите-членки.
-Затоа, често слушате за актуелниот европски моментум. Во овие тешки времиња низ кои минуваме, постои историска можност што треба да се искористи, а тоа се однесува на вашата земја, која направи многу напори во текот на изминатите години и денес се наоѓа во една навистина завидна позиција во поглед на усогласеноста со европското законодавство, порачува францускиот амбасадор.
Минатото лето го добивме европскиот (француски) предлог, кој стана нова преговарачка рамка на Македонија со ЕУ. Тој предлог предизвика бројни и силни, но и негативни реакции во земјата. Владата смета дека е добар и го прифати, но опозицијата не го гласаше во Собрание и го отфрли. Дали ЕУ и посебно Франција очекуваше ваков отпор во македонската јавност за она што го доби како предлог за старт на преговорите?
-Формулата што беше преговарана за време на Француското претседателство со Советот на ЕУ е компромисно решение. Таа е правно сложена, бидејќи содржи елементи од различна природа. Има дел исклучиво европски (рамката за преговори и заклучоците на Советот на ЕУ), а покрај тоа, паралелно, има билатерален дел, македонско-бугарски, кој беше преговаран директно помеѓу двете страни: тоа е протоколот за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Оваа правна сложеност, кога станува збор за многу чувствителна тема, мислам дека придонела да се појави загриженост помеѓу дел од населението. Многу луѓе имаат мислење за овој предлог, но на крајот на краиштата, колкумина од нив се сигурни дека го разбрале целосно неговото значење? Има еден француски израз кој вели: „Не треба од дрвото да не се гледа шумата“. Двете први заслуги на ова решение се, од една страна, фактот дека го отвори патот кон европската интеграција на земјата што беше блокиран повеќе од 15 години, а од друга страна, дека го почитува македонскиот идентитет за што сведочи неодамнешното потпишување на Спогодбата со Фронтекс, вклучително и македонската верзија!
Мнозинството граѓани тука се прашуваат дали постојат некакви гаранции дека бугарските барања ќе сопрат со прифаќањето на овој предлог, или само ќе продолжат под „чадорот“ на ЕУ? Има ли некакви гаранции од Франција дека ова ќе сопре?
-Решението што беше прифатено предвидува, откако ќе се пристапи кон уставните амандмани, во согласност со билатералниот Протокол од 2022 година, Северна Македонија да влезе автоматски во следната фаза од нејзината постапка за пристапување. Потоа, ритамот на преговорите за пристапување ќе зависи главно од капацитетот и брзината со кои извршната власт ќе ги спроведува потребните реформи во однос на европското законодавство и низ примената на новата методологија. Ова се истите услови што се применуваат за секоја земја кандидат. Да додадам дека од почетокот на минатата година, со Француското претседателство и почетокот на војната во Украина, има уште посилна волја за политиката на проширување од страна на целата Европска унија, нејзините институции и државите-членки. Затоа, често слушате за актуелниот европски моментум. Во овие тешки времиња низ кои минуваме, постои историска можност што треба да се искористи, а тоа се однесува на вашата земја, која направи многу напори во текот на изминатите години и денес се наоѓа во една навистина завидна позиција во поглед на усогласеноста со европското законодавство.
Скринингот почна, но продолжувањето на преговорите со ЕУ е условено од промени во Уставот, односно од внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Што би значело евентуалното неусвојување на уставните измени? Дали тоа ќе значи дека запираат фазите од преговорите?
-Во тоа е суштината на билатералната обврска што беше преземена со Протоколот што го спомнав пред малку; според него, спроведувањето на уставните амандмани ќе овозможи автоматски премин во новата фаза од постапката за пристапувањето. Прашањето уставните амандмани е суверен избор на Северна Македонија, но таа суверена одлука ќе има последици, што и да се случи, врз ритамот на преговорите на земјата. Треба да се има предвид она што јавно го предочи Високиот претставник Борел и други високи европски претставници, тука во Скопје; компромисната формула што беше преговарана минатата година е најдобрата што може да се постигне и не би било разумно да се мисли дека е можно да се дојде до друга таква формула.
Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица се децидни дека нема да гласаат за уставните измени, иако двете партии се декларираат како про-ЕУ и се за европска перспектива на Македонија. Како го коментирате ваквиот нивен став? Сметате ли дека партиите со ова ставаат „кочница“ на европската иднина на земјата?
-Политичките партии се суверени; секоја има свои сопствени убедувања и сосема е легитимно партиите да ги имаат во предвид убедувањата на своите избирачи. Сепак, мислам дека е потребно да се продолжи со дебатата на оваа тема, на разумен начин. Мислам дека ако се придржуваме до конкретната содржина на различните текстови што беа преговарани, а потоа и на оние за кои треба да се преговара во иднина, секој ќе биде во можност подобро да разбере за што станува збор. Мојата препорака е да бидете прагматични; да се придржувате до фактите, до она што е конкретно напишано, и на крајот, да размислувате за конкретните последици од идните одлуки, а не за претпоставки. Се работи за европската иднина на земјата, за иднината на новите македонски генерации. Дали тоа заслужува сериозна и длабока дебата, која на секого ќе му ја разјасни конкретната содржина на предлозите и ќе ги предочи последиците, повторувам конкретни, а не теоретски, при одлуките што треба да се донесат.
Расте евроскептицизмот меѓу македонските граѓани поради забавените евроинтеграции. Како да ги убедиме граѓаните дека проширувањето со земјите од Западен Балкан е се уште на агендата на ЕУ?
-Проширувањето кон Западен Балкан не само што е сè уште на дневниот ред на ЕУ, туку денес е на уште повисоко место. Од политички и геостратешки причини, европскиот консензус за проширување можеби никогаш не бил толку силен како денес. Проблемот навистина е што граѓаните не се толку убедени во тоа, и ова важи, со одредени нијанси, во целиот Западен Балкан. Постои скептицизам кој е посебно изразен во оваа актуелна фаза. Тоа е по мое мислење прашање на перцепција. За да им помогнеме на Македонците да го променат својот поглед кон ЕУ и своите европски перспективи, мислам дека треба да бидеме многу појасни за тоа што е ЕУ, што Унијата веќе прави за вашата земја и за конкретните предности што се поврзани со пристапувањето. Но мислам дека пред сè, граѓаните имаат потреба да веруваат и тоа на опиплив начин во своите сопствени европски перспективи. А за тоа, треба земјата да напредува, за да го надомести изгубеното време и да покаже дека хоризонтот се приближува. Затоа идните одлуки се толку важни.
Преговорите со ЕУ се почнати и во тек е првата фаза. Како ги оценувате административно реформските капацитети на македонската Влада во однос на преговорите со Брисел?
-Многу позитивно. Сите повратни информации што ги имаме од Брисел за тековната фаза на скрининг-процесот се пофални. Македонските тимови се добро подготвени, добро координирани, професионални и совесни. Скрининг-процесот се одвива на оптимален начин и тоа не е изненадување, бидејќи знаеме дека македонските тимови се подготвуваа долго време и дека постои силна политичка волја во оваа земја да се напредува.
Правосудниот систем, кој ужива најниска доверба меѓу граѓаните, во последно време го тресат скандали. Во однос на тоа реагираше и американската амбасадорка Агелер со писмо кое стигна на адреса на Министерството за правда и судските институции. Евроамбасадорот Гир изјави дека ЕУ микроскопски ги следи случувањата во правосудството. Дали Македонија може да „заглави“ кај судството на патот кон ЕУ?
-Прашањето за судскиот систем и пошироко, за владеењето на правото е во средиштето на процесот на пристапување кон ЕУ. Ова прашање се смета за прв приоритет, што значи дека на крајот, ако состојбата во една земја кандидат не се смета за соодветна, односно што одговара на високите стандарди на ЕУ во таа област, нејзината кандидатура нема да може да успее. Тука во Северна Македонија, веќе се спроведени значајни реформи, и ова беше препознаено во извештаите на Европската комисија. Но и покрај тоа, „нешто недостасува“; во последно време сме сведоци на развој на настани од различна природа кои поттикнуваат на размислување. Во овој контекст, има потреба од охрабрувачки сигнали во тековната фаза, и без сомнение има потреба од вложување големи напори. ЕУ нема да прави компромиси на овие теми, и мислам дека и самите македонски граѓани ја споделуваат големата потреба да ја повратат довербата во својот правен систем.
Дали препознавате недоволна борба и можеби отпор кон владеењето на правото и борбата против корупцијата во земјава? Гледате ли политичка волја за справување со овие горчливи проблеми во македонското општество?
-Мислам дека постои отпор, но сметам дека паралелно постои и јасна политичка свест за потребата да се продолжи оваа борба и да се зголемат напорите. Тоа е, впрочем, позитивен елемент; никој не одрекува, сите се сложуваат со тој заклучок. Од таму, треба да се идентификуваат блокадите, да се дефинираат најдобрите решенија и да се спроведат. А во меѓувреме, мислам дека е потребно да се промовира, активно и систематски, концептот на примерност, со промовирање на оние кои пред сѐ преку своите дела, а помалку преку своите говори, покажуваат дека ја споделуваат оваа борба и нејзините вредности.
Вашиот претходник на амбасадорското место, Кристијан Тимоние во една прилика имаше изјавено дека во земјава има недоволно реформи. Како вие гледате на оваа тема? До каде е С. Македонија во поглед на реформите?
-Мислам дека по таа изјава, земјата целосно продолжи да напредува. Видете го, на пример, последниот меѓународен извештај за слободата на медиумите; во него се препознава дека состојбата во тој поглед се подобрила значително во Северна Македонија, со национална позиција што значително напредувала во текот на изминатата година. На поширок план, на глобално ниво имаше позитивни случувања и како што ви реков претходно, овие моменти се препознаени и се нотирани во извештаите на Европската комисија за напредокот. Но, сè уште сме на средината од патот. Сè уште има многу да се постигне и да се напредува, пред сѐ во приоритетната област на „фундаментите“. Политичката волја треба да остане целосна и сите напори треба да бидат мобилизирани во тој правец, на конкретен начин и на терен.
Н.П.