Поради зголемениот притисок од САД, либанската влада се соочува со опасен избор: дали сака војна со Израел или војна на домашен терен, со Хезболах?
Во последните неколку недели, САД ја притискаат либанската влада да го разоружа Хезболах. Владата веќе се движеше во тој правец, но не со темпото што го очекуваа САД. Либанските медиуми се исполнија со предупредувања од анонимни извори дека, ако оружјето на Хезболах не биде конфискувано наскоро, можно е да избие нова војна со Израел.
Во вторникот, владата попушти и објави дека либанската армија ќе изготви план за тоа оружјето да биде исклучиво во рацете на државата до крајот на годината. Веднаш наредниот ден, Хезболах и неговиот политички сојузник Амал соопштија дека ќе ја игнорираат оваа одлука и ја обвинија владата дека служи на американска диктатура.
Американскиот притисок за побрзо разоружување ги поставува основите за сценарио кое либанската влада се обидуваше да го избегне, поточно директен судир со Хезболах. Ако бидат загрозени, Хезболах би можеле да прибегнат кон сила за да го одбранат своето оружје.
Тековната влада е формирана по последната војна меѓу Хезболах и Израел, со силна улога на САД во тој процес. Ослабениот Хезболах веќе не можеше да го одржи ќор-сокакот кој ја остави Либан без претседател две години, па беше избран Жозеф Аун, поранешен армиски генерал и тоа под силен американски притисок.
Изборот на Аун, кој во својот мандат вклучи обновување на државниот монопол врз насилство, беше јасен знак колку се сменети состојбите во Либан и регионот.
Хезболах две децении доминираше во Либан. Почнувајќи како отпорничко движење „држава во држава“ прерасна во политичка сила која ја контролираше внатрешната и надворешната политика на земјата.
Но, по разорната војна со Израел, во која му беше уништено голем дел од раководството, илјадници борци беа убиени или ранети, а оружјето уништено, Хезболах го загуби силното влијание. Дополнителен удар беше и падот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, преку кого стигнуваа испораките од Иран.
Новата либанска влада внимаваше да не го провоцира Хезболах – не објавуваше видеа од запленети оружја во јужен Либан и се обидуваше да ја гради државата така што и поранешните членови на Хезболах и неговата база (главно шиити) ќе се чувствуваат вклучени, а не нападнати.
Официјалните лица беа свесни дека истите услови што доведоа до создавање на Хезболах во 1980-тите сè уште постојат: израелска окупација на југот на земјата и маргинализирана шиитска заедница.
САД, сепак, го сметаат бавниот пристап на Либан за одолговлекување. Либански функционери приватно се жалат дека САД не се заинтересирани за градење силна либанска држава, туку бараат веднаш да се разоружа Хезболах, дури и по цена на внатрешна нестабилност.
„Овој процес е многу опасен. Наместо да обедини, може дополнително да ја мобилизира шиитската популација зад Хезболах и Амал,“ вели Џозеф Дахер, автор на „Хезболах: политичката економија на Божјата партија“.
Секојдневните израелски воздушни напади врз Либан во спротивност со прекинот на огнот од ноември ја нарушуваат довербата во државата и го поткопуваат нејзиниот авторитет. Ден по најавата за планот за разоружување, 11-годишно дете беше убиено во израелски напад.
Либанската армија не реагира на ниту еден од илјадниците напади. Слабо опремена и недоволно обучена, таа не може да се спротивстави на израелска воена моќ со американски борбени авиони и модерно оружје.
Меѓународната заедница нема волја да ја зајакне либанската армија. Дури и барањата за поставување едноставни стражарски кули на границата со Израел беа одбиени.
„Како можете да барате од либанската армија да направи на Хезболах нешто што Израел не можеше да му го направи на Хамас – во помал простор, со авијација?“ прашува еден висок дипломат во Бејрут.
Сепак, меѓународниот притисок за разоружување на Хезболах веројатно ќе се зголеми. Сите големи сили се согласни околу едно:
„САД, Саудиска Арабија и ЕУ се на иста страна – прашањето повеќе не е дали Хезболах треба да се разоружа, туку како,“ вели истиот дипломат.