„Постојано се отвора прашање дали евентуално има таканаречена предвремена кампања. Согласно одредбите од член 69а од Изборниот законик предвремена кампања нема затоа што се уште нема поднесено листи на кандидати, нема учесници во изборната кампања и нема потврдени листи на кандидати. Нема основ против кој да се води некоја постапка. Согласно Изборниот законик, ДИК по службена должност не ја следи изборната кампања. Единствено може да реагира по приговор од учесник во изборна кампања. Ние се уште немаме учесници во изборна кампања и потврдени листи. Не знаеме кој ќе конкурира на изборите и на кој ќе му бидат потврдени листите, ако ги исполнува условите. Рокот за поднесување на листи е 35 дена пред избори, а изборната кампања почнува 20 дена пред избори. Во овој меѓупериод согласно законот, сите учесници дури имаат право да организираат по еден јавен настан за промоција на свои веќе потврдени листи на кандидати. Предметот на заштита единствено во Изборниот законик е трошењето на државни пари, за што се надлежни да водат контрола ДКСК и ДЗР. Таму не смеат пред почетокот на кампањата, учесниците кои отвораат посебна трансакциска сметка, да трошат од тие пари и тоа е предметот на заштита“, посочи Кондарко.
Во однос на Избирачкиот закон, потенцира дека ДИК го ажурира Избирачкиот список редовно четири пати годишно.
„Тој е поставен на веб-страната на ДИК. Граѓаните можат онлајн непрекинато да си ги проверуваат своите податоци. Согласно закон, податоците за Избирачки список ги доставува МВР, бидејќи таа е единствена институција во државата која го поседува регистарот на население. Откако ќе ги добиеме овие податоци, по член 43 од законот тие понатаму се обработуваат од Државниот завод за статистика. Што значи, дека избирачкиот список поминува низ повеќе институции, еден филтер на проверка. Досега не сме имале никакви проблеми со избирачкиот список. Јавниот увид ќе започне 15 дена по распишувањето на избори и ќе трае 20 дена во сите подрачни одделенија и канцеларии“, прцизира Кондарко.
Околу уредите за отпечаток на прст нагласи дека откако се воведени немале никакви проблеми во функционирањето.
„И во минатите изборни циклуси откако е воведен фингер принтот во 2021 година немаше никакви проблеми во функционирањето со уредите. Ние имаме ангажирано експертска група од ИТ лица, професори, ИТ лица кои работат од МВР кои на денот на изборите и на денот на доставувањето на резултатите се грижат за одржувањето и безбедноста на системот. Ги проверуваме, ги тестираме ИТ уредите. Во наредниот период ќе се избере комплетно нов состав на избирачките одбори. Ги тестираме батериите за секој случај, сукцесивно како потрошен материјал. Ќе обезбедиме целосна функционална примена“, истакна Кондарко.
Тој потенцира дека брзината на објавувањето на резултатите ќе зависи од брзината на составувањето на записниците во избирачките одбори. Се надева да нема да има никаков проблем со објавувањето на резултатите.