Како што ветивме, еве го одговорот на Министерството за финансии на нашите прашања поврзани со спонозираната објава, односно на платеното политичко рекалмирање, на социјалните мрежи на кандидатите за градо началници на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори:

На прашањата: Со чии пари министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го платила ова политичко рекламирање? Дали се работи за нејзини лични средства? Дали оваа спонзорирана објава е со средства од буџетот на Министерството за финансии?, од Одделението за односи со јавност на Министерството за финансии ни одговорија:
„Спонзорираната објава е платена со лични средства на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, без користење средства од Буџетот на Република Северна Македонија или од буџетот на Министерството за финансии. Сите спонзорирани објави во периодот од како е именувана, министерката ги финансира сама“.
Ова одговорот на статијата на Рацин.мк во која напишавме дека Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на три дена пред распипишување на локалните избори, во спонзорирана објава социјалната мрежа Фејсбук, информираше дека имала средба со кандидатот за градоначалник на Општина Карпош Сотир Лукровски, и пратеникот Тони Јаревски, двајцата, како и министерката, членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Според видливите податоци за спонзорираната објава, таргетирано е со сумата од 100 евра, пораката на министерката да стигне од 100.000 до 500.000 корисници на Фејсбук.
Одговорот од Министерството за финансии е јасен, но останува фактот дека Гордана Димитриеска-Кочоска, иако се работи за нејзини лични пари за политичко рекламирање, за таа цел таа ја употребила официјалната страна на Фејсбук во функција на министерка за финансии.
Би било многу посоодветно една ваква партиска средба да биде организирана во седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ, а не во Министерството за финансии.