Со тон на зачувана дистанца и внимателно избрани формулации, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денес порача дека каква и да биде одлуката на Уставниот суд за иницијативата околу вториот Протокол со Бугарија, (кој го поднесе Лилјана Поповска од ДОМ) — тоа не ја менува Преговарачката рамка со ЕУ. Според него, протоколот не е формално-правен дел од рамката и затоа не може да ја преформатира стратегијата за европска интеграција.
На директното прашање „што ако Протоколот падне“, Муцунски остана на линијата на правна воздржаност: постапката е пред Уставниот суд и секој јавен став би можел да се толкува како притисок. Но, токму таа воздржаност ја отвори дилемата — дали власта бега од политичка одговорност за сопствените договори или свесно ја префрла тежината на судот.
Во делот на односите со Софија, министерот призна дека „не се живеат најдобрите денови“, но уверува дека не треба да има потрес ни во билатералните односи ни во европскиот курс. Рецептот што го нуди е старо-нов: дијалог, проекти што обединуваат и практични теми пред идеолошки ровови.
Како пример за „практичност“, Муцунски го посочи Коридорот 8 — стратешки, безбедносен и економски приоритет. Истовремено, упати забелешка дека реториката што во последните месеци се слуша во европските институции „не доликува на земја членка на ЕУ“ — проценка што индиректно ја адресира и бугарската страна.
Пораката за домашната публика е јасна: Владата „делува европски, не анти-европски“. Но токму тука „пишман-патриотизмот“ излегува на површина — големите зборови за идентитет и историја се релативизираат со тезата дека не треба да бидеме обременети од прашања за историја, идентитет и јазик, додека реалната политика се турка низ инфраструктура и дневна дипломатија.
На крајот, останува суштинското прашање: ако Протоколот не значи ништо за преговарачката рамка, зошто воопшто беше политички воздигнат до симболична мерка, посебно во трката за парламентарните и претседателските избори, каде еден од главните адути беше токму наративот дека и проткололот ќе се поништи и дека ќе се преговара и бара повторно оти претходниот не е добар. Сега наеднаш протоколот е добар а Муцунски нуди мирен тон и повик на дијалог; јавноста, пак, ќе мора да пресуди дали тоа е зрел реализам — или уште едно тактизирање на тема за која до вчера се зборуваше со многу поголема самоувереност.