Пет месеци од трагедијата во „Пулс“ – денеска осумнаесетти „Марш на ангелите“ во Кочани

Денеска во Кочани се одбележуваат пет месеци од трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“, во која животот го загубија 62 млади лица, а повеќе од 200 добија физички и психички повреди.

Во чест на загинатите, денеска ќе се одржи осумнаесеттиот по ред „Марш на ангелите“. Маршот започнува во 18:05 часот, симболично време кое ја означува доцната и, за жал, фатална институционална реакција на надлежните.

Граѓаните, семејствата на загинатите и пријателите ќе се соберат за да оддадат почит на загубените животи и да испратат јасна порака дека нема да се откажат додека не биде постигната правда за нивните деца.

„Маршот на ангелите“ има и континуиран карактер на повик до државните институции за одговорност, транспарентност и спречување на слични трагедии во иднина, истакнуваат организаторите.

На настанот се очекува да учествуваат голем број граѓани од Кочани и пошироката околина, со цел да се оддаде почит на жртвите и да се поттикне свеста за важноста од строгата примена на безбедносните стандарди во ноќните клубови и јавните простори.

Зачлени се на нашиот е-билтен