Ако Уставниот суд го поништи Протоколот, Владата ќе има сериозен домашен пи-ар ефект и ќе може да се прикаже како бранител на уставноста, но ќе отвори нов простор за дипломатска ескалација со Софија.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Барајќи излез од ќорсокакот во преговарачкиот процес, Владата како да тоне во сè подлабок дипломатски лавиринт, судирајќи се сопствените излезни решенија. Од една страна пред Брисел заговара отстранување на билатеризацијата во процесот на пристапувањето, а од друга страна цело време се вртка околу Бугарија и бара билатерлани излезни решенија. Наместоко целосно решението да го бара во Брисел, таа бара спас од Бугарија- која патем дел од министрите ја прават пуздер при секоја изјава.
Сега ВМРО ДПМНЕ почнува нова дипломатска иницијатива со домашни играчи, преку ангажман на Лилјана Поповска и Уставниот Суд.
Откако Уставниот суд на Република Северна Македонија најави дека ќе одлучува по иницијативата за уставноста на Вториот македонско-бугарски протокол, во јавноста се отвори дилема: дали станува збор за легитимен институционален процес или за вешто осмислен политички потег од кој Владата ќе извлече домашен пи-ар, а суштински нема да промени ништо во односите со Бугарија или Европската унија.
Лилјана Поповска, поранешна пратеничка, поднесе иницијатива со аргумент дека Протоколот е спротивен на Уставот и не е ратификуван од Собранието. Иако уште во 2022 година јавно предупредуваше дека документот е правно проблематичен, иницијативата ја поднесува дури сега, кога во меѓувреме се смени политичката власт. Тоа создава впечаток дека токму новата влада ѝ дава политичка поддршка ова да биде институционализирано.
Од една страна, постојат стручни мислења дека Протоколите се всушност записници во кои се констатира кои мерки за имплементација на Билатералниот Договор се усогласени меѓу двете земји и временската рамка и дека затоа не се ратификуваат.
Од друга страна пак има логика оваа иницијатива да се брани како правна корекција на нешто што било применувано без да ги помине домашните уставни процедури. Ако документот, пред се вториот Протокол, навистина содржи обврски што влијаат врз образование, историја или идентитет, а притоа никогаш не бил потврден во Собранието, сосема легитимно е да се постави прашањето: дали можеби е надвор од Уставниот поредок.
Ако Уставниот суд го поништи Протоколот, Македонија формално нема да излезе од Комисијата, бидејќи тој документ правно не ја создава Комисијата, таа постои според Договорот од 2017 година, но може да ја замрзне нејзината работа или да престане да применува препораки. Бугарија сигурно ќе го толкува тоа како едностран излез од механизмот, дури и ако правно Комисијата сѐ уште постои. Тоа повторно води кон политичка блокада, независно од тоа што било укинато внатре во Македонија.
Иронијата е што и самиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, неодамна изјави дека поништувањето на Протоколот „не значи автоматска промена на Преговарачката рамка“, бидејќи рамката била веќе усвоена во Советот на ЕУ и таму „никаков Уставен суд нема надлежност“.
Иако на прв поглед ова изгледа контрадикторно, можно е дека оваа порака е всушност упатена кон бугарската страна. Со таква формулација Владата всушност порачаува: „не ја доведуваме во прашање Рамката која е усвоена од Советот на ЕУ, го доведуваме во прашање само едностраниот билатерален протокол што произлегува од неа“.
Тоа е обид да се направи разлика меѓу официјалниот европски документ и политичките прилози на Бугарија. Практично, ваквата изјава е форма на дипломатско алиби: Владата сака да покаже дека не излегува од европскиот процес и дека судската иницијатива е внатрешна правна поправка, а не барање за ревизија на рамката.
Дополнително, Бугарија многу веројатно ќе продолжи да ги смета Протоколите како составен дел од својата надворешнополитичка позиција, а Европската Унија ретко се впушта во оценување на внатрешни уставни игри околу билатерални документи. Од аспект на Брисел, вакви постапки се третираат како домашна правна работа, сѐ додека не се менува Преговарачката рамка што веќе е изгласана со консензус. Со тоа, реакцијата на ЕУ ќе остане неутрална во стилот: “билатералните прашања да се решат меѓу двете земји”.
Од друга страна, не може да се игнорира впечатокот дека станува збор и за домашен пи-ар потег. Имено Уставниот суд се вклучува во политичка кампања со готова цел. Ако Министерот однапред ја продава оваа судска постапка како политички „тест“, се остава чувство дека пресудата е однапред дефинирана.
Она што останува како суштинска дилема е следново: ако Уставниот суд го поништи Протоколот, Владата ќе има сериозен домашен пи-ар ефект и ќе може да се прикаже како бранител на уставноста, но ќе отвори нов простор за дипломатска ескалација со Софија.
Ако судот ја одбие иницијативата, тогаш целиот однапред прогласен „тест“ паѓа во вода, а Владата ќе се соочи со прашањето зошто однапред се објаснуваше политичка стратегија врз нешто што Судот не го гледа како повреда? Така, Уставниот суд се претвора од идеален правен арбитар во инструментализација на дневната политика.
Без оглед на исходот, станува јасно дека македонско-бугарските протоколи не се само правен документ, туку и механизам за внатрешно легитимирање на различни политички позиции. Владата можеби ќе покаже дека „штетниот документ“ е укинат, но прашањето останува: дали тоа е доволно да се смени реалноста во преговарачката рамка или само потврдува нешто што и претходната гарнитура и европските дипломати одамна го знаат – дека проблемот со Бугарија е поширок и нема да се реши со една судска одлука.