Зелен Хуман град: Власта почитува 0,95% од Уставот

Фото: Зелен хуман град
Фото: Зелен хуман град

Пратениците повторно одлучуваат во име на независните кандидати без да ги земат предвид нашите барања, обвинуваат од иницијативата Зелен Хуман град, од каде посочуваат дека инсистираат на измени на Изборниот законик кои ќе ја почитуваат одлуката на Уставниот суд.

„Новиот противуставен предлог повторно се сервира иако пред повеќе од два месеца до сите пратеници доставивме информации за бројот на потребни потписи во други европски земји, а им ги доставивме и меѓународните препораки за добри практики иако тоа се информации што веќе тие самите би требало да ги имаат“, велат од ЗХГ.

Тие посочуваат дека со претходниот закон за независно кандидирање се бараа 4.500 потписи за Градот Скопје, а со сегашниот предлог се бараат 4.430, што е незначително намалување. Тие сметаат дека измените на Изборниот законик се обид за лажно и привидно намалување на прагот кој е превисок дури и за држави со далеку побројно население од нашето.

„Ова е уште еден подмолен обид за целосно исклучување на граѓаните од политичкиот живот и обид за зацврстување на монополот на зацементираните партии кои повеќе од три децении буквално ги крадат нашето здравје, нашата среќа, нашите животи, а сега ни го крадат и правото на избор, велат независните кандидати.

Тие информираат дека ќе продолжат да собираат потписи за да формираат политичка партија, што ја формираат долгогодишни волонтери кои ги живеат принципите на заштита на животните, животната средина и социјална правда, со која планираат да настапат на претстојните избори.

Зачлени се на нашиот е-билтен