Поминаа точно 4 дена откако Рацин.мк испрати мејл до Министерството за надворешни работи дали како министерот Тимчо Муцунски ќе побара објаснување зошто во извештајот за човековите права на Стејт Департментот на САД за Бугарија го нема прашањето за правата на македонското малцинство во Бугарија и нивните права на слободно здружување.
За разлика од минатите години кога поглавјето „Слобода на здружување“ беше редовно во овие извештаи, во извештајот за 2024 година за Бугарија воопшто го нема, а со тоа ги нема и Македонците кои до 2023 беа редовно споменувани како малцинство на кое му се ускратени правата за политичко изразување и здружување.
Во извештајот за 2023 објавен лани, прашањето на правата на Македонците во Бугарија и правата на македонското малцинство на здружување и политичко делување беа единствена тема во делот „Слобода на здружување“ на Извештајот на американскиот Стејт департмент за човекови права кои се објавува секоја година
Во тој дел во ланскиот извештај пишуваше:
„Законот што го предвидува правото на слобода на здружување и владата (на Бугарија, н.з.) генерално го почитуваше.
Властите продолжија да одбиваат регистрација на етнички македонски активистички групи како што се Обединетата македонска организација – Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија – Жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 и Македонскиот културен клуб ‘Никола Вапцаров’ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека одбивањата ја кршат слободата на здружување на групите. Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден – Пловдив, врз основа на тоа дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонско етничко малцинство, се насочени кон поделба на нацијата и би создале услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“.
Така пишуваше лани, а оваа година, за состојбите во 2024, нема ништо на таа тема. Всушност во извештајот за Бугарија воопшто нема поглавје со наслов „Слобода на здружување“.
Според овој извештај, новата американска администрација не се занимава со правата на малцинствата во Бугарија, а со тоа ниту со правата на македонското малцинство. Не се споменуваат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.
Како исчезнаа Македонците во Бугарија и нивното право на здружување, сега засега не е јасно. Или ќе остане необјаснето дотогаш до кога македонската влада не побара објаснување зошто е тоа така.
До тогаш толкувањата можат да бидат различни. Од тоа дека бугарската дипломатија успеала да излобира кај државниот секретар Марко Рубио, до веќе општо познатиот став на новата администрација во Вашингтон дека малцинските права за нив не се важни, не само дома, туку и во странство
Ако станува збор за првото толкување, евентуалното лобирање на бугарските дипломати за ова прашање, тогаш станува јасно дека македонската дипломатија и највисоките функционери загубија еден силен адут во „битката со Бугарија“, каде важен дел се правата на македонското малцинство во соседната земја и почитување на одлуките на судот во Стразбур. Редакцијата на Рацин.мк испрати прашања во врска со ова до Министерството за надворешни работи и меѓународна трговија на Северна Македонија, но одговор на нашето прашање до денеска нема.