„Аџибадем Систина“ контра Др. Кедев

Откако Кедев во гостувањето на Канал 77 изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и непотребни стентирања и операции, болницата „Систина“ побара од него да прецизира за која установа се однесуваат овие тврдења, предупредувајќи дека доколку тоа не го стори, ќе поднесе тужба за клевета и нарушување на угледот.

„Систина“ реагираше со соопштение во кое ја потенцира својата репутација како здравствена установа со 25-годишно искуство, дел од една од најголемите светски групации на болници, со мултидисциплинарен тим од 260 доктори. Болницата нагласува дека сите одлуки за третман се носат врз основа на медицински индикации и највисоки етички стандарди, и бара Кедев јасно да прецизира за која установа се однесуваат неговите тврдења.

Кардиологот Сашко Кедев објави дека добил најава за тужба од страна на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, но исто така тој изјави дека тоа ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство.

„Најголем дел од мојата консултативна работа е да ги одвратам луѓето од непотребни интервенции. Се соочуваме со непотребни постапки во приватни установи, кои се профитно ориентирани. Имаме докази дека одредени центри би требало да се затворат од медицински аспект“, изјави Кедев. Тој додаде дека ваквите практики, доколку се случуваат во други земји, би биле строго санкционирани.

Министерството за здравство соопшти дека веќе се координира за проверка на тврдењата, со вонредни надзори и стручен тим, за да се добие целосна слика за евентуални злоупотреби. 

Зачлени се на нашиот е-билтен