Дигитални права во Југоисточна Европа: Закани за приватноста и слободата на изразување

Од истекување на лични податоци и хакерски напади, до кампањи за дискредитација и заплашување на новинари, јулскиот извештај на БИРН за дигитални права открива загрижувачка слика за состојбата со приватноста и слободата на изразување во десет земји од Југоисточна Европа.

Истражувањето покажува дека податоците на граѓаните сè почесто стануваат предмет на политички злоупотреби и трговија, а новинарите, активистите и критичките гласови – цел на координирани напади.

Србија во центарот на вниманието

Во Србија, државната ИТ компанија „Информатика А.Д.“ претрпе масовен хакерски упад при што беа украдени 2,6 терабајти чувствителни информации. Протечените документи потврдија дека српската Безбедносно-информативна агенција со години користи софтвер на израелската фирма Cellebrite, познат по можноста за извлекување податоци од мобилни телефони. Иако компанијата демантираше врска со Cellebrite, случајот повторно отвори прашања за државното надгледување и нарушувањето на приватноста.

Големи казни во Романија и Хрватска

Регулаторите во Романија изрекоа казни на политички партии и компании за незаконско прибирање и несоодветна заштита на лични податоци. Крајнодесничарската партија АУР доби 25.000 евра глоба поради небезбедна мобилна апликација која овозможувала пристап до лични броеви и потписи. Во Хрватска, пак, спортска обложувачка компанија беше казнета со 175.000 евра, а Хрватското биро за осигурување со 101.000 евра поради протекување на податоци на повеќе од еден милион граѓани.

Хакерски напади во Турција и Унгарија

Турската компанија MANULAS, во сопственост на градот Маниса, беше цел на рансомвер напад во кој беа компромитирани податоци на 1,2 милиони граѓани, вклучувајќи здравствени досиеја и лични фотографии. Дополнително, протекоа податоци на над 140.000 клиенти на Louis Vuitton. Во Унгарија, апликација на голем трговски центар откри информации за повеќе од 160.000 корисници.

Регионални злоупотреби и медиумски притисоци

Во Албанија и Црна Гора медиумите и корисници на социјални мрежи јавно објавуваа чувствителни податоци на жртви на трагедии и кривични дела, со што се нарушуваше приватноста и достоинството на граѓаните.

Истовремено, независни медиуми и новинари низ регионот беа цел на координирани кампањи. Во Албанија, критички портали беа нападнати со клеветнички текстови и малвер напади. Во Косово, БИРН и неговата директорка Јета Џара беа мета на дезинформациска кампања. Во Србија, новинарите на телевизијата N1 добија сериозни закани со насилство, а уредничката Љиљана Стојановиќ беше заплашувана заради својата работа.

Во Турција, сатиричното списание „Леман“ беше подложено на апсења и забрани поради карикатура, а новинарот Тимур Сојкан беше уапсен поради критички објави на социјалните мрежи.

Ширење на дигиталната репресија

Освен медиумите, и академици, судии и активисти низ регионот сè почесто се соочуваат со закани и санкции поради изразени ставови. Во Србија, професорка беше повикана во полиција поради објава што повикувала на протести, а судијка доби смртни закани поради пресуда во корист на студенти.

Во Унгарија, високите владини функционери шираа анти-Прајд наративи и дезинформации, а во Србија ЛГБТИ+ организациите добија илјадници закани.

Турција блокира и глобални сервиси

Анкара го блокираше Grok, чатбот со вештачка интелигенција на платформата X, поради „навреди“ кон претседателот Ердоган и религиозни вредности. Забранет беше и сервисот Archive.today, алатка што често се користи за зачувување содржини што може да бидат цензурирани.

Зачлени се на нашиот е-билтен