Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, им упати јавна покана на претставниците на студентското движење што со месеци организира блокади низ Белград: дебата пред вклучени камери на „сите телевизии и портали“, со претставници што самите ќе ги изберат. „Подготвен сум да влезам во дијалог, јавна дебата, со тројца или четворица кои размислуваат поинаку… Ова не е за да ги победувам во ТВ-дебата, туку за да најдеме заеднички решенија“, рече Вучиќ, додавајќи дека целта е „борба на визии, без конфликти и без насилство“. Поканата ја објави и на својот профил на „Инстаграм“, со порака дека проблемите треба да се решаваат преку демократски дијалог, а насилството да се осуди.
Одговорот следуваше брзо и остро. „Можеби кога ќе распишете избори!“, порачаа студенти од Земјоделскиот факултет во Белград. Од Филозофскиот факултет испратија подолга изјава: „Претседателот нè покани на јавна дебата. Очигледно е дека нема одговор на народниот бунт, па сега би сакал да разговара со нас, кои со месеци не’ нарекува терористи. Ќе дебатираме за визиите и програмите во предизборната кампања – кога ќе ги распише изборите“. Со тоа студентските групи фактички ја условија можната трибина со распишување избори и со јасни правила на игра.
Контекстот ја објаснува тензијата. Протестите почнаа по инцидентот со натстрешница во Белград и во старт беа мирни, со барање одговорност за несреќата. Потоа ескалираа – од локални барања се префрлија на пошироки политички теми, со чести блокади и нарушен сообраќај. Власта тврди дека блокадите ја казнуваат „немата“ мнозинска публика и нудат „недемократски притисок“, а организаторите возвраќаат дека улицата е последниот преостанат инструмент кога институциите не реагираат.
Што реално нуди дебатата, а што бараат студентите? Вучиќ се обидува да го префрли конфликтот во институционален, медиумски формализиран простор каде темите се артикулираат и каде тој, како претседател, ќе може да настапи со „план“ и „визија“. Студентите пак бараат изборна рамка – гаранција дека дебатата нема да се сведе на телевизиски спектакл без политичка последица. Нивното условување со распишување избори вели дека легитимитет за „борба на визии“ постои само кога е поставен датум и кога јавноста има можност да одлучи.
Дилемата, следствено, е класична: дали јавната дебата е вистинска понуда за деескалација и политика преку аргументи, или е тактички обид протестниот замав да се „канализира“ во контролирани формати, додека на терен продолжуваат приведувања и административни мерки? Истовремено, студентското инсистирање на избори звучи принципиелно, но носи ризик од застој: доколку изборите не се распишат, протестите ќе продолжат, а граѓаните ќе останат заложници на блокирани улици и медиумски ровови.
Неизвесноста околу форматот и условите останува клучна. Сè уште нема одговор дали студентските групи ќе ја прифатат дебатата, кои би биле модераторите, како би се гарантирале рамноправни услови и дали би имало публикa од различни универзитети. Ако поканата добие јасни гаранции – транспарентност, временска рамка, можност да се поставуваат прашања без ограничувања – тогаш дебатата може да стане вентил што ќе ја симне температурата и ќе отвори канал за конкретни решенија. Ако остане без тие гаранции, ќе биде доживеана како ПР-маневар.
За сега, пораките се јасни и од двете страни: власта сака дијалог „без насилство“ и симнување на блокадите; студентите бараат системски одговор – избори и соочување на програми пред гласачите. Политичката сметка ќе ја плати јавноста ако процесот остане во ќорсокак. Следните денови ќе покажат дали Белград ќе биде град на дебата или на нови барикади.