Мицкоски им давал на сите подеднакво – освен на скопјани!

Фактите се неумоливи: Резултатот од досегашното владеење на ВМРО ДПМНЕ во Скопје може да се сведе на  синтагмата „Големи ветувања – нула резултати“.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

„Нема наши и ваши општини, сите добиваат еднакво“, рече Христијан Мицкоски, одговарајќи на критиките на ДУИ.

Звучи како совршен слоган за рамномерен развој, но кога ќе се свртиме кон Скопје, станува јасно дека зборовите немаат поткрепа.

А тука ќе биде политичката арена каде ќе се води најжестоката изборна битка на претстојните локални избори. Кој што направи во изминатиов период!

Но фактите се неумоливи: Резултатот од досегашното владеење на ВМРО ДПМНЕ може да се сведе на  синтагмата – Големи ветувања- нула резултати.

Во 2021, ВМРО-ДПМНЕ застана зад „независната“ Данела Арсовска со изборна програма преполна со ветувања за звучни проекти:

-100 нови автобуси – ниту еден не е набавен, а ЈСП едвај преживува.

– Подземни и надземни паркинзи – не постои ниту еден завршен проект, само прекинати тендери и скандали.

– Чистење на депониите и решавање на отпадот -проблемот не само што не е решен, туку Скопје се дави во ѓубре.

– Брз автобуски превоз- наместо да се продолжи BRT проектот на Шилегов, беше стопиран со поддршка токму од ВМРО.

– Нови мостови и булевари- останаа само тендери и прес-конференции.

-Наместо нови големи паркови – ни едно дрвце не засадија.

Оттаму, ВМРО ДПМНЕ ќе биде запаметена како партија што блокира, а не инвестира.

Наместо поддршка, Мицкоски и неговите советници ја претворија Арсовска во жртва на сопствени игри. Јавноста гледаше како ВМРО прво ја турка на власт, па потоа ја блокира во Советот, додека градот остануваше без најавените капитални зафати.

Така Метрополата остана заборавена како да е некоја провинциска турска касаба.

Денес, додека низ другите градови Мицкоски наведува примери за инвестиции и поддршка, Скопје е симбол за застој. Нема нови автобуси, нема нов транспортен систем, нема решен сообраќаен метеж, нема чист воздух. Само пропаднати ветувања и меѓупартиски кавги.

Од нив најзапаметени ќе бидат сочните афери за ,,рачињата во медот” на тогашниот директор на Водовод,  Златко Перински и ,,духовитата” метафора во одбрана од страна на претседателот на Советот на Градот Трајко Славески дека тој проверил и увидел дека Перински не е пчелар и дека рацете не му се замачкани со мед!

Кога ќе се спореди ветеното со реализираното, станува очигледно: ако ВМРО-ДПМНЕ навистина инвестира „подеднакво насекаде“, тогаш токму главниот град доби најмалку – или воопшто ништо.

Подеднакво? Само во реторика. И тогаш на реторика победи ВМРО-ДПМНЕ, но губитник беше- градот Скопје!

Зачлени се на нашиот е-билтен