Иако за Србија одамна е познато дека има развиено стратегија и операции за влијание во Северна Македонија, сега за првпат се споменува многу конкретно со концептот „Српски свет“ и тоа во институција на ЕУ од највисок ранг, се вели во оваа анализа на Институтот за медиуми и аналитика.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Северна Македонија и понатаму останува зона на интерес за странски влијанија. Иако тоа е одамна познато, таа тема повторно стана актуелна со Извештајот на Европскиот парламент за Северна Македонија што го подготви европратеникот Томас Вајц[i].
Она што посебно го привлече вниманието, не толку на општата јавност, колку на онаа стручната, којашто има развиено сетила за препознавање на малигните влијанија на трети земји во регионот и посебно во Македонија, е „новиот играч“ на влијанија – Србија, покрај „традиционално“ познатите Русија и Кина. Иако за оваа соседна земја на северот на Македонија одамна е познато дека има развиено стратегија и операции за влијание, сега за првпат Србија се споменува многу конкретно со концептот „Српски свет“ и тоа во институција на ЕУ од највисок ранг.
На странското влијание во земјава се укажува во седум пасуси во неколку поглавја во Извештајот на ЕП.
Во првиот, воведен, што го најавува Извештајот се вели:
„Северна Македонија останува цел на операции со странско злонамерно влијание, вклучително и напори за разбивање на општественото ткиво на земјата и претворање во оружје на анти-ЕУ расположението, особено преку таблоидите и медиумите на српски јазик, кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и уживаат значително влијание; Тоа што Северна Македонија протера 13 руски дипломати помеѓу 2018 и 2023 година поради активности некомпатибилни со нивниот дипломатски статус, укажува на континуирано присуство на тајни мрежи на влијание; Кина се обиде да го прошири своето влијание преку контрола на информациите, инвестициска дипломатија и присилни клаузули во договорите за заем за инфраструктура“.
Мрежи за влијание
Таблоидите и медиумите на српски јазик, кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ на посистемски начин беа разобличени минатата година кога францускиот сервис Вигинум како портал за структурирана и координирана борба со руската пропаганда на Генералниот секретаријат за одбрана и безбедност на Владата на Француската Република[ii] , како и европската мрежа за добра против дезинформации ЕДМО[iii], во своите извештаи темелно ја опишаа структурираната и координирана руска мрежа на сајтови кои шират дезинформации во Европа и други држави низ светот. Создадени по ист образец, порталите секојдневно публикуваат огромен број објави. А, објавите често се или преземена копија од ТASS или РИА Новости, или од други сомнителни извори. Текстовите неретко се полни со граматички, синтаксички или правописни грешки, што е знак дека се преведени грубо со помош на онлајн алатки.
Она што паѓа в очи од двата извештаи дека руската пропагандна машинерија постојано ја шири оваа мрежа и тоа е најчесто поврзано со големи и/или значајни процеси во ЕУ или во земјите со аспирации за членство во Унијата, што значи и земјите од Западен Балкан.
Ова е втора, паралелна мрежа, покрај онаа што во регионот се воспостави преку мрежата на Спутник веднаш после руската анексија на Крим и првата војна во Украина, кога Руската Федерација ја отвора Радио станицата Спутник во Србија, која нешто подоцна е дополнета со Агенцијата Спутник. Радиото и агенцијата Спутник делуваат како хаб за регионот со информативен сервис на српски јазик достапен во регионот, дополнети со мрежа од повеќе од триесет регионални станици. Содржините на радиото и на агенцијата се шират и низ локалните печатени и онлајн медиуми, вклучувајќи ги и високотиражните таблоиди и гледаните ТВ станици како што се Блиц, Курир, Информер, Вечерње новости и Б92.
Зоните на влијание на Спутник, освен Србија и Босна и Херцеговина со акцент на Република Српска, се протегаат и на Црна Гора, српското население во Косово и, во извесна смисла, Северна Македонија.
Делувањето на руските средства за информирање во Северна Македонија е регистрирано во повеќе наврати: „Аналитичар на „Спутник“ тврди дека Македонците не ги сакаат ЕУ и НАТО. Анкетите покажуваат поддршка од мнозинството“ (Sputnik Analyst Claims Macedonians Dislike EU and NATO. Polls Show Majority Support)[iv], #ElectionWatch: „Спутник“ заблудува во Македонија“ (#ElectionWatch: Sputnik Misleading in Macedonia)[v].
Новата мрежа има заедничко име – „Правда“, што алудира на некогашниот највлијателен весник од советската ера.
Мрежата „Правда“ се појави кога руските државни медиуми Раша тудеј (Russia Today) и Спутник (Sputnik) беа забранети низ Европската унија по руската инвазија на Украина во 2022 година, се вели во истражувањето на на Центарот за информации, демократија и државјанство (CIDC) на Американскиот универзитет во Бугарија („Disinformation Observatory Report – The Data Behind the Russian “Pravda” Disinformation Network“)[vi]. До почетокот на 2025 година, тој стана „глобален екосистем за дезинформации“ кој опфаќа околу 190 локации во 83 земји, емитувајќи руска пропаганда на десетици други јазици.
Следствено на тоа, никнува новата „Правда“ мрежа (на пример: Pravda-fr.com на француски јазик; pravda-en.com на англиски; pravda-de.com на германски итн).
„Правда“ страницата за Северна Македонија го носи ова име – north-macedonia.news-pravda.com, најверојатно заради тоа што pravda.mk пренасочува кон Министерството за правда на македонската влада.
Но тоа е помалку важно. Поважно е што сајтовите на мрежата „Правда“, освен што имаат слично име на доменот, имаат идентични технички карактеристики: заедничка IP адреса хостирана на сервер лоциран во Русија, иста HTML архитектура, иста графичка табела и рубрики, исти извори, пишува во извештајот на Вигинум.
Она што мора да се потенцира е активноста, односно количината на објави што ги имале овие сајтови. Вигинум ги мониторирале активностите на пет портали, во времетраење од само три месеци (од јуни до септември 2023). Во тоа време сите пет портали бележат над 152 илјади објави. Највисоката бројка на еден од избраните сајтови стигнала до 1.687 објави во еден ден. Ова е дополнителен показател колку е ефикасен процесот на масовно објавување, на сметка на квалитетот или точноста на информациите. Затоа, јасно е дека целта е да се преплават сајтовите и социјалните медиуми со овие објави и да се замати медиумскиот систем.
Ова кусо навраќање на руските пропагандни мрежи за манипулации со информации и вмешување од странство (ФИМИ, од Foreign Information Manipulation and Interference), повторно не носи на извештајот на Европскиот Парламент за Северна Македонија и тоа на поглавјето „Медиуми и граѓанско општество“.
Во ова поглавје се поздравува „постојаниот напредок на Северна Македонија во обезбедувањето слобода на медиумите“; сепак, во него се потсетува на потребата од континуирани реформи за да се обезбеди независен и отпорен медиумски пејзаж, вклучително и реформирање на законската рамка што ги регулира онлајн и офлајн медиумите за целосно усогласување со Европскиот закон за слобода на медиумите, справувајќи се со постојаните предизвици во транспарентноста на сопственоста на медиумите, откривањето на дигиталните медиуми и концентрацијата на медиумите; ја нагласува потребата од медиумска реформа што дава приоритет на мерките против концентрација за да се заштити новинарскиот интегритет.
Но она што е како посебност нагласено во овој дел е следното:
„Се нагласува итната потреба од борба против малигното странско влијание во медиумскиот пејзаж, вклучително и дезинформациите што ги шират актери поврзани со Русија и Кина“.
На оваа препорака се надоврзува следното потсетување, но и укажување:
„Одредени кинески дипломатски субјекти финансирале платени содржини и мислења во македонските медиуми без јасно етикетирање; потсетува дека анализата од 2023 година открила дека актери поврзани со Русија користеле српски медиумски посредници за да шират наративи непријателски настроени кон НАТО и да тврдат дека ЕУ врши притисок врз Северна Македонија да се откаже од својот идентитет“.
Радијацијата на „Српски свет“
И покрај тоа што Извештајот за напредокот на С. Македонија во себе содржи бројни препораки, пофалби, но и подрачја во коишто се очекува и се сугерира дека треба да има поголем напредок, сепак тие како да „пропаднаа“ во антизападните наративи и обвинувања против Европската унија, НАТО и Европската комисија за работи коишто не се реалност – „дека тие ги избришале македонскиот јазик и идентитет“. Сето тоа од страна на некои актери на социјалните мрежи беше искористено за да се промовира приближување кон Русија и БРИКС, а баш во извештајот на Европскиот Парламент, како што споменавме претходно, една од забелешките е загриженоста од влијанието на „Српски свет“ во Македонија и за влијанијата од Кина и Русија.
Тука само накратко ќе направиме една дигресија за да го објасниме со неколку реченици концептот „Српски свет“.
Иако за „Српски свет“ започна да се зборува порано и називот му се припишува на Александар Вулин, поранешен министер за внатрешни работи и вицепремиер во српската влада, како и директор на српската безбедносна агенција БИА, официјално концептот „Српски свет“ беше промовиран минатата година во јуни во Белград на таканаречениот Прв сèсрпски парламент „Еден народ, еден совет – Србија и (Република) Српска“.
Централниот настан на Сèсрпското собрание беше усвојувањето на Декларацијата од 49 точки за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ.
Декларацијата беше замислена како средство за постигнување на овие цели, како „мапа на патот“ за српските лидери во регионот и секој претставник на српскиот народ, каде и да живеат.
Декларацијата за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ го прогласува единството на сите Срби, промовирајќи ја идејата за колективен идентитет што ги надминува државните граници. Концептот на „српски свет“, кој долго време се сметаше за нешто чисто виртуелно, се материјализираше во Декларацијата во форма на формулирани реченици, почнувајќи да добива конкретна форма. Српскиот јазик, културата, традицијата, Српската православна црква и чисто српскиот поглед на историските настани, вклучително и модерната историја (на пр. „немаше геноцид во Сребреница“), се дефинирани како клучни маркери на припадноста кон српскиот народ, столбови на она што се нарекува „српство“[vii].
Една година подоцна, Извештајот на Европскиот парламент како да го тргна оловното ѕвоно па радијацијата од „нуклеарното јадро“ започна да инфицира еден сериозен дел од јавноста во Македонија, вклучувајќи и институциите и политичките претставници кои раководат со нив.
Се чини дека тоа беше со право поттикнато од делот на Извештајот на ЕП каде што во поглавјето „Регионална соработка и надворешна политика“ стои:
„ЕП изразува загриженост за таканаречениот проект „српски свет“ и дека некои претставници на Владата на Северна Македонија го застапуваат и го промовираат овој концепт; го осудува учеството на состаноци на кои се обидува да се воспостави сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот“.
Европскиот парламент, кога вели „некои претставници на Владата“, бездруго мисли на вицепремиерот Иван Стоилковиќ и министер за односи меѓу заедниците кој е автор на објава на социјалните мрежи каде што вели „Кому му е српскиот свет закана, Голема Албанија му е иднина“.[viii]

Иван Стоилковиќ оваа година, на 12 јуни, речиси во исто време кога во Стразбур Европскиот парламент усвои извештај за Македонија во кој предупредува дека претставници на владата ги промовираат вредностите на „Српски свет“ и дека имаат воспоставено врски со трети земји на влијание, присуствуваше на приемот по повод Денот на Русија во амбасадата на Руската Федерација во Скопје.
Покрај Стоилковиќ, кај рускиот амбасадор се построи и еден сериозен дел од Синодот на МПЦ-ОА, од Архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, Митрополитот Преспанско-пелагониски Петар, Митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски Григориј, преку новопоставениот „прекуред“ Митрополит Дебарско-кичевски Георгиј, па до Епископот Хераклејски Климент.
Тоа не доведува до следната нишка од врските со „Српски свет“, онаа на Српската православна црква (СПЦ) со МПЦ-ОА преку Московската патријаршија или обратно, што е тотално сеедно.
СПЦ е уште еден клучен инструмент на влијание, кој има значајна социо-политичка моќ во земјите со претежно православно население – вклучувајќи ги Србија, Црна Гора, Северна Македонија и ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина. Русија се потпира на заедничкото словенско наследство и православните христијански традиции за да негува чувство на сродство, наратив кој често се засилува преку јавна дипломатија и медиуми поддржани од државата. Слоганот „Србите и Русите се браќа засекогаш“ служи како моќен симбол на оваа врска. Во текот на изминатата деценија, Москва стратешки се стреми да го „подигне статусот на православието“ во регионот, зајакнувајќи ги своите врски со локалните православни цркви[ix].
Како известуваа медиумите за извештајот на ЕП и споменувањето на „српскиот свет“
Извештајот на Европскиот парламент во кој Македонија е ставена во т.н. „српски свет“ отвори јавна дебата, којашто беше засилувана со медиумски придонес.
Дебатата ја разгоре изјавата на поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски дека оваа гарнитура на власт дава знаци за „српски свет“.
„Структурата што во 2017 дојде на власт, на чело со Заев, со сите мани што може да му ги припишете на тој човек, во делот на меѓуетничките односи направи крупни чекори, додека сега оваа политичка структура дава очигледни знаци дека тој таканаречен „српски свет“ или пошироко кажано „руски свет“, јас би го нарекол и регионално „унгарски свет“, воопшто не им е туѓ. Не може вие да тврдите дека сте за вистинските европски вредности и сакате да ја позиционирате Македонија во ЕУ, каде се знаат кои се вредностите, а да зборувате за специјални економски односи и партнерство со Виктор Орбан, кој е сè само не Европеец“, кажа Пендаровски во интервју за Лајм ТВ[x].
„Ние сме македонски свет“, одговори шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски[xi]. Според него, Владата работи на ширење на интересите на македонската надворешна политика. Тој е дециден дека не треба да има дилеми за стратешките правци на македонската надворешна политика.
Муцунски рече дека критиките доаѓаат од неколкумина поранешни функционери од претходната влада, за кои вели дека за време на нивните мандати имале рекорден број средби со нивните српски колеги. Како пример тој го наведе поранешниот претседател Стево Пендаровски, за кого рече дека во текот на петгодишниот мандат остварил девет средби со српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Поранешните претседатели на влади од редовите на СДСМ имале над 25 билатерални средби во период од седум години со нивните колеги од Србија. Активен на оваа тема, слушаме, е и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, во четири години 11 билатерални средби со неговите колеги во Србија. Јас не ценам дали тоа е добро или лошо како министер за надворешни работи, но ние треба да соработуваме со сите. Не може вие да критикувате ангажман со кој било наш сосед, а да имате историски бројки на средби токму со тие претставници“, рече Муцунски.
Инаку дебатата за „замешателствата“ на Србија во Македонија е речиси постојано присутна кај блокот на политички партии на Албанците. Во албанскиот политички блок често „српскиот свет“ и влијание се мешаат и поистоветуваат со „рускиот свет“.
Извештајот на ЕП беше добредојден шлагворт за опозициската ДУИ, кои реагираа дека во Владата има „српски свет“ што промовира руски наративи алудирајќи на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, кој е единствен владин претставник што присуствува на настани организирани од Амбасадата на Москва во Скопје
Во друго соопштение, ДУИ изразува сериозна загриженост за насоката во која се движи надворешната и внатрешната политика на земјата: „Во време кога на С. Македонија ѝ е потребна јасна ориентација кон Европската Унија и координација на активностите во рамките на НАТО, наместо зајакнување на врските со нашите стратешки партнери, се промовира реторика и практика што буди носталгија за опасни проекти како што е ’српскиот свет’, со отворени проруски и проунгарски тенденции“, се објавуваа ставовите на ДУИ во медиумите на албански јазик.
„Додека се зборува за „специјални економски односи“ со Унгарија и изградба на „заеднички регион“ со Србија, намерно се молчи за коридорот 8, стратешки проект што ја поврзува Македонија со Албанија и Бугарија, две земји членки на НАТО и ЕУ. Во исто време, приоритет му се дава на коридорот 10, кој ја турка земјата кон непријавена источна оска, туѓа на европските вредности и долгорочните интереси на нашите граѓани“, пренесуваа медиумите.
Според ДУИ, владејачката ВРЕДИ во изборната програма за 2024 година вети основање на Албанска банка со доминантен албански капитал, како гаранција за економско зајакнување на Албанците и рамномерен регионален развој. Оваа партија ги преплави медиумите со соопштенија и јавни настапи на нивните високи претставници, кои ја оценуваат ВРЕДИ како слуга на ВМРО, којашто ги отвори вратите за навлегување на „Српскиот свет“ во банкарскиот сектор на Северна Македонија преку „Алта банка“, наведува ДУИ во соопштение, што МИА го објави интегрално, а го пренесоа голем број медиуми.
Во одговорот на овие напади, владејачката коалиција на партиите на Албанците „ВРЕДИ“ го критикуваше Бујар Османи, кој за само четири години како министер „трчал 11 пати на средби во Белград, а ниту еднаш во Приштина“.
„Се сретна повеќепати со српските власти отколку со косовските. Во Скопје го пречека и рускиот министер Сергеј Лавров, а беше и редовна „кореографија“ на прошетките и вечерите со Александар Вучиќ. На Албанците им понуди само селфи-дипломатија, заглавени европски интеграции и маркетинг за себе“, возвратија од ВРЕДИ[xii].
За медиумите на македонски јазик доминантна беше темата „Кој ја стави Македонија во „српскиот свет“ во извештајот на ЕП?“, како што илустрира овој наслов во релевантниот портал „Независен.мк“[xiii].
Во кусата новинарска анализа на „Независен.мк“, бугарската офанзива во ЕП против Македонија, сепак, не се сведува само на јазикот и идентитетот, туку судејќи по амандманите, преку други прашања сакаат да го намалат кредибилитетот на нашата држава и да ја ослабнат нашата политичката позиција.
„’Српскиот свет’ пак е новиот фронт со кој Андреј Ковачев ја турка нашата држава во политичка констелација, која се оценува во моментов како авторитарна во Брисел, а особено од вчера кога српската полиција одговори со апсења на протестот на студентите. Практично, зад многуприсутната реторика за штетно српско влијание врз Македонија во извештајот стои бугарски интерес околу кој се собраа и европарламентарците на ХДЗ во ЕП. Меѓу нив е и поранешниот министер за надворешни работи во хрватската влада, Давор Иво Штиер“, заклучува Независен.мк.
И според други македонски медиуми, Андреј Ковачев од ГЕРБ и хрватски европарламентарци од ХДЗ ѝ кумуваа на оцената за Македонија како дел од „српскиот свет“[xiv].
„Српски свет“ ја разбранува политичката сцена
Колку и да се обидуваше да го игнорира прашањето за влијанието на „Српски свет“ во Македонија, Владата, односно некои нејзини претставници не можеа да ја избегнат темата.
Опозицијата побара одговор кои претставници на Владата го застапуваат овој проект, по што следеа обвинувања од власта, преточени во бројки, за средби коишто функционери на СДСМ и ДУИ ги оствариле со колеги од Србија во изминатиот период додека биле на власт.
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски во одговор на новинарско прашање за забелешките дека Владата води надворешна политика, со која ја турка земјата кон „српски свет“, рече – „Ние сме македонски свет“[xv]. Тој е дециден дека не треба да има дилеми за стратешките правци на македонската надворешна политика.
Малку поширока елаборација на оваа тема даде неговиот заменик во министерството Зоран Димитровски.
Во интервју за „Само прашај“, Димитровски рече: Не гледам закана од Белград – Македонија има свои приоритети и национални интереси[xvi].
„Со заменикот министер за надворешни работи Зоран Димитровски зборувавме за наводите во извештајот на Томас Вајц за постоењето на некаков „српски свет“ во Македонија, кои ја вжештија дискусијата на домашен план. Тој смета дека нема сериозна аргументација за наводното српското влијание и дека напротив нашата држава „извезува македонски свет“. Македонија, вели тој, „целосно ја има усогласено својата надворешна политика со ЕУ кон Украина, членка е на НАТО, и не отстапува од курсот за евроинтеграција и оттука нема допирни точки со политиката на Белград“, пишува во воведот на ова интервју.
Но, она што е интересно кај Димитровски е образложението дека формулацијата за српски свет и за некакво српско влијание во извештајот на ЕП е ставена на барање на неколку бугарски европратеници.
„Инаку, автор на таа идеја дека во Македонија има српско влијание и дека сме ние дел или треба да бидеме дел од некаков српски свет, е условно речено бугарската врховистичка политичка елита која се обидува да наметне теза дека во Македонија сѐ што не е бугарско е српско. И тоа е идеја уште од времето на Санстефанска Бугарија. Во суштина бугарската и научна и политичка елита не може да прифати никаков македонски свет и никаков македонизам. Таму интензивно се работи на бугарски свет – официјална Софија, како што знаете, се обидува да пронајде и да регрутира етничко бугарско малцинство во Албанија, на Косово. Тоа е автентичен бугарски свет како што тие сакаат да го направат. Бидејќи Македонија отстапува од таа нивна матрица тогаш, тоа се припишува на Белград дека ние сме наводно дел од српскиот свет и остануваме заробени во таа српска матрица“, образложува Димитровски.
Во завршницата на оваа анализа, да не го заборавиме контекстот на седмиот пасус од Извшетајот на ЕП, во кој се спомнува странското влијание и тоа во поглавјето „Владеење на правото“.
Во овој пасус се вели:
„ЕП е длабоко загрижен што Северна Македонија и другите земји-пристапнички кон ЕУ во Западен Балкан се особено тешко погодени од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, нетранспарентни финансиски текови и принудни инвестициски практики, особено со потекло од Русија и Кина; ЕП е вознемирен од улогите на унгарската и српската влада во унапредувањето на геополитичките цели на Кина и Русија; во овој контекст го забележува ризикот од зависност од Кина предизвикан од асиметрични договори за заем, како и неодамнешниот заем од унгарската банка Ексимбанк, кој се чини дека е набавен од Кина“.
Дистракцијата и бучавата си ја постигнаа целта
Како заклучок од оваа анализа, може да се каже дека суштината на Извештајот на ЕП се „изгуби“ во бучавата што ја направи бранот антизападни наративи што беше предизвикан од тоа што се отвори прашањето дали македонскиот идентитет и македонскиот јазик ќе бидат или не дел од извештајот.
Никој не ги издвои и афирмираше добрите пораки за Северна Македонија во извештајот собрани во овој пасус:
„Европскиот парламент ја поздравува континуираната посветеност на Северна Македонија на евроатлантската безбедност; ја пофалува активната улога на Северна Македонија во ОБСЕ, особено нејзиното претседателство со ОБСЕ во 2023 година во сложена геополитичка средина и значителниот придонес во мисиите и воените операции на ЕУ за управување со кризи; ја пофалува усогласеноста на земјата со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ, вклучително и нејзиниот јасен одговор на агресивната војна на Русија во Украина преку усогласување со рестриктивните мерки на ЕУ против Русија и Белорусија и обезбедување поддршка на Украина; го поздравува потпишувањето на безбедносно и одбранбено партнерство со ЕУ во 2024 година.“
Наместо да се нотираат и овие поенти, тие беа замаглени, забошотени, потиснати од бучавата за идентитетските прашања. Со тоа, третите земји си ја остварија целта за манипулации со информации и опструкции. Особено за опструкции, затоа што наместо да се зборува за вредностите нотирани во афирмативниот пасус, јавноста ја преплавија наративи коишто имаат за цел да ги доведат во прашање, да ги расколебаат и да го поттикнат сомнежот на граѓаните за патот по кој чекори Северна Македонија. Ако е така, се чини дека ја добија битката, но „војната“ не е завршена.
Извештајот на ЕП во светот на медиумите
Нема да биде изненадување ако во ова поглавје констатираме дека прегледот на медиумските известувања за Извештајот на Европскиот парламент за Македонија, уште еднаш потврди некои од хроничните слабости на новинарската индустрија во земјата.
Во делот на независноста и непристрасноста, длабоката поделеност на македонското општество се преслика и во оваа ситуација. Поголем дел од медиумите останаа во сферата на политички влијанија диктирани од партиските агенди, кои овој пат се мултиплицирани и од приближувањето на локалните избори, што и даде отскочна даска на темата „српски свет“, особено кај медиумите на албански јазик.
Она што остана како искуство и во овој случај, со одредени исклучоци, е дека еден сериозен дел од медиумите не одолеаја на искушението „еднократна вест“ или „мегафон“, па не видовме подлабоки анализи на темата, кои се повикуваат на претходни извештаи или на поширок контекст.
(авторот е долгогодишен новинар и уредник)
—
РЕФЕРЕНЦИ
[i] https://www.europarl.europa.eu/doceo/document/TA-10-2025-0157_EN.html
[ii] Viginum Portal kombat a structured and coordinated pro-Russian propaganda network
[iii] Russian disinformation network “Pravda” grew bigger in the EU, even after its uncovering, EDMO
[iv] Sputnik Analyst Claims Macedonians Dislike EU and NATO. Polls Show Majority Support
[v] #ElectionWatch: Sputnik Misleading in Macedonia
[vi] Disinformation Observatory Report – The Data Behind the Russian “Pravda” Disinformation Network, CIDC, 2025
[vii] Kuda ide “Srpski svet”?, Centar za studije zapadnog Balkana, 2024
[viii] Фејсбук објава на Иван Стоиљковиќ , вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците во Владата на РСМ
[ix] UNPOWERING RUSSIA – How the EU can counter and undermine the Kremlin, European Union Institute for Security Studies (EUISS), 2025
[x] Интервју на Стево Пендаровски за Лајм ТВ , јули 2025
[xi] Муцунски за критиките за „српски свет“: Ние сме македонски свет, Пендаровски за пет години имал девет средби со Вучиќ, МИА, јули 2025
[xii] ВРЕДИ: Бујар Османи одржал 11 состаноци во Белград, а нула на Косово, Фокус, јули 2025
[xiii] Кој ја стави Македонија во „српскиот свет“ во извештајот на ЕП?, Независен.мк, јуни 2025
[xiv] Македонија е македонски свет и самата ги развива односите со другите според сопствените интереси, Нова Македонија, јули 2025
[xv] Обвинувања за „српски свет“ ја брануваат политичката сцена, Дојче Веле, јули 2025
[xvi] Димитровски: Не гледам закана од Белград – Македонија има свои приоритети и национални интереси, Само прашај, август 2025