Името на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас повторно доминира во политичкиот дискурс во Атина: по месecи молк и фрагментирана левица, расте впечатокот дека тој подготвува силно враќање.
Политичката сцена е кревка, а простор има – но чергата не е црвена. Иако неговото окружување неофицијално демантира формирање нова партија и најавува книга до крајот на годината, како и настап на Меѓународниот саем во Солун на почетокот од септември, изјавата дека му недостига „активна политика и директен контакт со гласачите“ повторно ја разжешти машинеријата на шпекулации.
Ципрас го водеше периодот 2015–2019 кога Грција беше на раб на колапс: референдумот од јули 2015 донесе 61% „против“ понатамошна штедача, но на крај следуваше трет пакет помош од 86 милијарди евра како, како што тврдеше тогашната влада, единствено средство да се избегне хаос. Со текот на мандатот се смени и перцепцијата во Брисел – од „нарушител“ до „реформатор“ – а земјата официјално излезе од програмите за помош. Сепак, тежината на мерките го чинеше изборниот пораз во 2019, а по серијата следни порази Ципрас се повлече од лидерството на Сириза во јуни 2023.
Оттогаш, опозицијата се распарчи на мали леви субјекти без лидер што може да ја предизвика конзервативната Нова демократија. Сириза се сведе на околу 5% во анкетите, а ниту една фигура не успеа да ги обедини прогресивните гласачи против премиерот Киријакос Мицотакис. Во ваков вакум, локалниот печат пишува дека враќањето на Ципрас е „прашање на време“, можеби и преку нов политички проект.
Шансите за пробив ги хранат неколку фактори: ерозија на популарноста на владата, најави дека поранешниот премиер Антонис Самарас би можел да крева нова конзервативна опција што ќе го гризе просторот на десницата, како и тензии во надворешната политика – од споровите со Турција околу поморските зони и договорите со Либија, до дипломатските искри со Египет околу Манастирот Света Екатерина.
Дополнителен притисок е европската рамка: шефицата на европското јавно обвинителство Лаура Ковеси отвори чувствителни прашања за злоупотреба на европски средства, вклучително и околу трагичната железничка несреќа во која загинаа 57 млади луѓе, додека во Атина кружат најави за нови истраги.
Но „повратокот“ носи и тежок багаж. Антиципрасовото расположение во дел од општеството и мејнстрим медиумите е опипливо: критичарите потсетуваат на референдумот и последователната капитулација пред европскиот финансиски притисок. Дел од врвот на Нова демократија, пак, би го поздравил неговото враќање како начин да се реактивира „анти-Ципрас“ рефлексот кај средните гласачи. За да успее, ќе мора јасно да објасни што би било поинакво овој пат – и, можеби најважно, со кого. Минатите кадровски избори, како министерувањето на Јанис Варуфакис, политички скапо го чинеа.
Европската клима не е наклонета: десницата останува доминантна, со раст на крајната десница. Но токму тоа, велат леви европратеници, може да стане аргумент за обединување на прогресивните сили на континентот – а Ципрас, иако формално од левицата, со години одржуваше мостови и кон социјалистичкиот центар.
Доколку во Солун понуди кредибилен план и тим што сигнализира зрелост, враќањето „на голема врата“ нема да биде само медиумски наслов, туку нова фаза во грчката опозиција.