Православните христијани денеска го чествуваат празникот Успение на Пресвета Богородица. Светите отци на православието празникот уште го нарекуваат Пасха на летото, соодветно на зимската Пасхата, Велигденот кога се слави воскресението Христово, та според тоа, со нејзиното успение во висините на Царството небесно и Пресвета Богородица ја потврда победата над смртта и распадливоста, како што тоа го осведочи нејзиниот син Исус Христос.
Така, низ перспективата на православната догма со автентичното празнување на Успението Богородично, за верниците смртта го губи апсолутното значење и не претставува закана, туку премин од постоечкото кон суштински важното вечноста на Царството небесно.
За Богородица, светите преданија велат дека таа е мајката што го роди животот и светот.
Како што се наведува во својата беседа по повод празникот Упение на Пресвета Богородица епископот дремвитски Г. Давид, светите отци прават споредба на Богородица со прамајката на човечкиот род, со тоа што таа споредба за своја основа ја има следнава разлика: додека старата Ева стана носител на егоизмот и ароганцијата, Новата Ева, Богородица, мајката на новиот род е архетипот за послушание и смирение.
„Затоа светиот Кирил Јерусалимски ќе напише: ‘преку девствената Ева дојде смртта, преку Богородица Дева, односно, поточно речено, од Неа – се јави Животот’. Во Нејзината личност започна спасението на светот и обожението на човекот. Во Нејзиното, пак, успение, се претстави пред Животот, Мајката на самиот Живот и со Нејзините молитви ги избавува од смртта нашите души“, вели епископот Давид.
Животописот на Пресвета Богородица
Пресвета Богородица Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко и беше од племето Давидово, а мајка и од родот Аронов. Таа по татко беше од царски, а по мајка од архиерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Којшто од Неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник.
Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак. И семноќниот Бог Којшто гледа се ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа.
Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка, ги озари не само со привремена туку со вечна радост, раѓајќи го Синот Божји.
Марија била родена во Назарет, а после три години одведена во храмот ерусалимски. Подоцна се вратикла пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот архангел Гаврил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело.
Преданието вели дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во Книгата на пророкот Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануил”, возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот.
Во тој момент до неа се спуштил ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот:
„Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на Севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“.
Богородица е мајката што ја виде и смртта и воскресението на нејзиниот и син. Оттаму за неа се вели дека е утешителка на мајките и поткрепа на жените. Нејзиниот живот и подвиг се големо чудо, пројава на љубовта Божја и на послушанието на Богородица и пример дека човековата природа преку Богородица се покажува богородна.
За името на Пресвета Богоридица се врзуваат следните епитети и вредности: Благодатната Марија; Прославена меѓу жените; Храм на Светиот Дух; Олтар на Живиот Бог; Трпеза на небесниот леб; Кивот на светоста Божја; Дрво со најсладок плод; Слава на родот човечки; Пофалба на женскиот род; Источник на девственоста и чистотата.
Пресвета Богородица меѓу Македонците
Пресвета Богородица службено е светицата заштитничка на главниот град Скопје. Македонците отсекогаш негувале посебна почит кон Пресвета Богородица и секогаш ѝ се молеле за помош во тешки времиња и мигови. Македонскиот православен народ верува во чудата на Пресвета Богородица и затоа ѝ се моли за нови чуда. За Богородица има многу преданија, кои зборуваат за нејзините чуда, вклучувајќи ги и чудата во Македонија, поврзани со храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во центарот на Скопје, за кои скопјани и денес зборуваат.
Речиси нема населено место или град во Македонија во кој нема по еден храм посветен на мајката на Исус Христос. Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Секоја осма црква во Македонија ѝ е посветена на Пресвета Богородица, а секое петто семејство оваа светителка ја празнува како домашна слава. Од вкупниот број на цркви во државата, преку 200 цркви го носат името на Богородица, а повеќето од нив се посветени на нејзиното Успение.