Штип ќе воспостави видео надзор со 146 камери низ градот

Таблите со содржина „Објектот е под видео надзор“ до крајот на годината ќе бидат поставени на 54 локации во Штип, како и на сите четири влезови во градот, каде ќе се снима 24/7. Распишана е јавната набавка на опрема за потребите на проектот „Safe City“ видео надзор на јавни површини, за што општината од својот буџет ќе издвои 10 милиони денари, пишува Локал Актив.

Со јавната набавка, која е отворена до 9 септември, покрај 146 камери, се набавуваат монитори, кабли, столбови, свичери, командни табли и друга опрема потребна за видео надзор. Десет од камерите ќе бидат со висока резолуција.

Командниот центар ќе биде во општината, каде шестмина вработени ќе мониторираат. Тоа значи дека во секое време, во четири смени, вработените на проектот ќе следат и снимаат се’ што ќе се случува на јавните површини, секое движење и настани. Снимките што од сите камери ќе се чуваат до 30 дена. Се’ што ќе се снима ќе се доаѓа во еден видеорикордер. За потребите на „Safe City“ проектот ќе има и апликација.

Десет од овие камери ќе бидат со висока конфигурација. Одлуката за воведување на видео надзор беше донесена од Советот на општината Штип на седницата во јули. Секретарот на општината, Вишна Шорова Ангелова го оправда со зачестеното уништување на оптинскиот имот, кршењето на детските и спортските игралишта, како и потребата од зголемена безбедност на граѓаните.

– Камерите ќе бидат поставени во сите градинки и училишта, во сите паркови и спортски игралишта, на пешачката патека, пешачката зона на улицата „Ванчо Прке“, на сите јавни површини на 54 локации. Камерите ќе се следат преку монитори од шест лица во просторија во општина Штип. Овие лица ќе добијат посебни сертификати, ќе бидат задолжени информациите да ги држат во тајност, рече Шорова Ангелова.

За видео надзорот изработен е правилник, повеќе формулари, вклучително и изјавите што ќе ги дадат вршителите на видео надзорот со кои се обврзуваат на службена тајна.

Општинските камери нема да бидат единствени што ќе снимаат во Штип. Покрај овие 146 камери, ќе има видео надзор и од Министерството за внатрешни работи. За потребите на МВР веќе се утврдени локациите, со цел да не се поклопуваат со општинските. Како што објасни Шорова  Ангелова, доколку МВР побара, општинските камери можат да бидат ставени на располагање на МВР.

Р.Л.

Преземено од Локал Актив, онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.

Локал Актив е основан во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење“, поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.

Локал Актив се надоврзува на активностите на Институтот РЕСИС за унапредување на комуникациските права на граѓаните на локално ниво.

Зачлени се на нашиот е-билтен