Македонски баби и дедовци, дали чувствувате одговорност за климатските промени?

Секоја нова жешка ноќ и секој нов чадлив хоризонт се претвораат во прашање за совеста на генерациите што заминуваат и за иднината на оние што доаѓаат. Македонија го минува својот најжежок дел од летото со речиси секнодневни пожари, итни апели и евакуации на локалитети што до вчера беа само викенд-излети.

Во август, државните служби бележеа денови со повеќе од десет активни жаришта истовремено, меѓу кои и пожарот во „Јасен“ – најпредизвикувачкиот за екипите на терен.

Претходно, Центарот за управување со кризи известуваше за активни пожари кај Македонски Брод, Студеничани и Липково, додека дел од жариштата беа ставени под контрола и повторно разгорувани од ветерот. Само на 14 август беа регистрирани 19 пожари на отворено до пладне.

Ова не е „несреќен сплет на околности“. Климатската наука одамна предупредува дека Балканот се затоплува побрзо од глобалниот просек и дека топлотните бранови ќе стануваат почести и поинтензивни, со поголема веројатност за екстремни суши, бурами и шумски пожари. Европските механизми за итна помош веќе третa сезона реагираат во земјава – симболичен доказ дека климатската криза е тука и сега, не само во насловите од Калифорнија или Австралија.

Дали Македонците ја разбираат оваа промена? Јавните истражувања покажуваат дека грижата постои – но е насочена пред сè кон загадениот воздух, а помалку кон жештините и екстремите што доаѓаат со климатските промени.

Според „Balkan Barometer 2024“, дури 72% од испитаниците во Македонија го посочуваат загадувањето на воздухот како најголема еколошка грижа во својата заедница, додека 31% наведуваат „екстремни температури и промени во времето“, а 48% „екстремни временски појави“ како поплави и суши.

Светската банка бележи сличен шаблон: граѓаните најчесто ја доживуваат климатската закана преку здравствени и урбани ризици – загадување, топлотни удари и стрес за здравјето. Tоа сугерира дека свесноста расте, но разбирањето дека секое лето ќе биде подолгo, топло и пожешко, а пожарите поопасни – сè уште каска зад реалноста што ја живееме.

Кој е одговорен и има ли стратегија? Државниот завод за ревизија во најновиот извештај предупредува дека повеќе од пет години се чека на Законот за климатска акција. Оттаму произлегува и системска празнина: без закон нема јасни механизми за мониторинг и контрола на мерките од националните цели и долгите стратегии; не постои функционален систем за редовно следење и известување.

Ревизорите нотираат и дека државата сè уште нема Национален план за адаптација – документот што треба да каже како точно ќе се заштитиме од жештините, поплавите, сушите и пожарите – иако уште во 2017 се започнало со активности, а дури во октомври 2024 е одобрен грант за да се изработи.

Дополнително, официјалните емисии на стакленички гасови се објавени само до 2019 година, што ја отежнува проценката дали навистина се движиме кон сопствените цели.

Одговорноста не е само во едно министерство. Исто во ревизорскиот документ стои дека без Законот за климатска акција не е предвиден обврзувачки механизам кај секторите да известуваат што и како спроведуваат, додека Националниот комитет за климатски промени со години не заседавал – факт кој го пренесоа и национални медиуми повикувајќи се на извештајот.

Кога координацијата мирува, теренот го плаќа цената: доброволци, пожарникари и шумари што се борат со огнот, а понекогаш и соседни земји и ЕУ што испраќаат авиони и екипи за гаснење.

Сликата не е целосно црна

Македонија презеде амбициозни обврски: во засилениот НДЦ е наведено намалување на емисиите до 2030 година и постепено напуштање на јагленот до крајот на деценијата, поддржано со меѓународни инвестиции за праведна транзиција.

Но без закон, без ажурирани податоци и без план за адаптација, овие цели остануваат на хартија. Тоа е јадрото на ревизорското предупредување: ако не се воспостави јасен механизам за спроведување и надзор, државата не може да каже дали е на патот кон климатска отпорност.

И тука се враќаме на генерациското прашање. Дали бабите и дедовците – луѓето што паметат македонски лета со џамаданче во двор – разбираат дека денешните лета не се „како што биле“, туку нешто ново и поопасно? Вашите генерации се однесуваа неодговорно, земајќи ја македонската земја здраво за готово, климата како од „бога дадена“ и одбивањето да се однесувате одговорно за тоа што од „бога е дадено“. Сега земјата враќа назад, преполни депониии, загадени реки, лош воздух заради амин на инфраструктурата, неодговорно гласење кон неодговорни политичари итн…

Дека секоја незагасната цигара во шума, секое палење стрниште „за брзина“ и секое одложено законско решение оставаат држава со повеќе огнени појаси и помалку сенка за нивните внуци? Одговорноста е заедничка: институциите заради неисполнети обврски, но и сите ние заради секојдневните избори – од тоа како се грееме и што палиме, до тоа кого казнуваме или наградуваме на избори.

Граѓаните покажуваат дека знаат да се организираат и да бараат чист воздух и климатска безбедност. Но за летата што доаѓаат да не бидат хроника на нови евакуации и согорени шуми, потребни се мерки што не можат да чекаат: донесување и спроведување на Закон за климатска акција, функционален систем за инвентар и извештаи, национален план за адаптација што ќе диктира како ќе се градат сенки, зелени коридори и отпорни водоводи.

И, можеби најважно, културна промена што ќе ја свати жештината не како „петтата годишна доба“, туку како аларм. Во спротивно, одговорот на прашањето „што им оставаме на внуците“ ќе го даваат обгорените падини и рекордните температури, не архивите и законите.

Во меѓувреме, пожарникарите и шумарите се на терен. Денес. А секој ден без систем е уште една летна ноќ поблиску до пламенот.

Зачлени се на нашиот е-билтен