Резолуцијата на Филипче: предизборна тактика или враќање на ЕУ-патот во фокус?

Предлогот на Венко Филипче за собраниска резолуција може да се прочита како политичка финта во предизборен контекст, но отвора и поинаков агол: ако власта барем прифати расправа, темата за иднината на евроинтеграциите повторно ќе се врати гласно на јавната агенда, оценува „Вистиномер“.

Анализата на Теофил Блажевски ја пренесуваме во целост:

Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за предлог на опозицискиот лидер Венко Филипче даде одговор во чиј дел може да се препознае спин:

Спин: …„Ќе ги потсетам дека тие истите веќе имаа една таква декларација во Собранието, да не ги прифаќаат ултиматумите од Софија. Тие, за жал, прифатија сè…Тоа што на граѓаните и на Македонија и треба, и треба една јасна политика, јасна визија, една борба, борба со аргументи, стекнување пријатели, објаснување на нашите аргументи. Нашата позиција како влада ја знаете, не треба да ја повторувам, така што тој тип на итроштини ќе ги оставиме во минатото коешто е поразено..“

[ИзворТВ Сител/Јутјуб – Х. Мицкоски/изјава – датум, 01.09.2025]

Контраспин: Оценката на премиерот Христијан Мицкоски дека предлогот на Филипче за собраниски документ – резолуција, во кој партиите би ги истакнале црвените линии на земјата во преговорите со ЕУ е „тип на итроштини“, кои „ќе ги оставиме во минатото што е поразено“, е извртување на вистината, т.е. спин.

Извртувањето на вистината е во квалификацијата и во појаснувањето за тоа што ѝ е потребно на С. Македонија во врска со евроинтеграциите, а тоа е како што вели премиерот, „јасна политика, јасна визија, една борба, борба со аргументи, стекнување пријатели, објаснување на нашите аргументи“, наспроти расправа во Собранието за документ во кој ќе бидат посочени црвените линии на земјата.

Вистина е дека предлогот на Филипче даден ден пред оваа изјава (види околу 16 мин. од интервјуто), може да се нарече и оцени како „итроштина“, но со расправа за него всушност ќе се случи јавно и гласно отворање на прашањето за иднината на евроинтеграциите на земјата.

Факт е дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и пред да дојде на власт, и откако стана дел од извршната власт, се обиде да спроведе дел од ветеното во нејзината изборна програма, т.е. поинаков пристап кон евроинтеграциите. Најпрво преку обиди за промена на преговарачката рамка со ЕУ, но во тоа немаше успех. Исто така е факт дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште при крајот на 2024 година се обиде да направи пробив и да ги почне преговорите преку сопствен предлог за прифаќање на уставните измени со одложено дејство, т.е. стапување во сила на влегувањето на Бугарите во Уставот на денот на приемот на земјата во ЕУ. Но и тој предлог не успеа.

Откако ова стана јасно, премиерот уште на два-три пати со различни предлози (еден од нив беше вграден и во обидот кој заврши неуспешно, т.е. гласањето на извештајот за С. Македонија во Европскиот парламент каде беа избришани формулациите за идентитетот и јазикот), направи обид да направи пробив, но сè беше неуспешно и се сведуваше или на одбивање од Софија на кој било предлог и постојано потсетување од Европската комисија (Марта Кос на крајот од август), дека евроинтеграциите ќе продолжат откако земјата ќе ги исполни обврските од 2022 година, т.е. најпрво ќе го смени Уставот.

Практично, може да се каже дека на некој начин земјата стагнира во поглед на евроинтеграциите. Тука Филипче е во право кога вели дека земјите од регионот напредуваат, посочувајќи ги Црна Гора и Албанија, а дека ние стагнираме.

Оттука, иако предлогот на Филипче навистина може да се толкува и како итроштина, тој отвора и друга перспектива. Имено, иако зад него може да се крие мотив на опозицијата во предизборен период да се отвори оваа голема тема за да се игра на таа карта во кампањата за локалните избори. Но, сепак, со прифаќање дури и само да се расправа за предлогот ќе се постигне повторно јавно и гласно отворање на прашањето за иднината на евроинтеграциите. И дали е можно партиите да изградат јасна визија и заеднички став што понатаму во однос на ЕУ.

Ќе преговараме со Унијата и што ако не преговараме? Дали има или дали треба да се направи план Б и треба ли јасно да им се предочи на граѓаните да се изјаснат за него (прашањето за референдум)? Голото повторувањето дека остануваме посветени на европските интеграции и броењето на исполнетите обврски од Планот за раст на Западен Балкан не се соодветен одговор и не ги дава посакуваните резултати.

Затоа, отфрлањето на предлогот со аргумент дека е тип на итроштина кој не им требал на граѓаните, зашто СДСМ и ДУИ веќе имале вакви декларации и ги погазиле, а дека наместо тоа ни требале јасна политика, јасна визија, борба со аргументи, итн. е спин. Прашањето на евроинтеграциите на земјата е закочено и потребно е негово откочување, а до тоа може да дојде поуспешно преку расправа и дијалог на партиите и во Собранието, отколку без тоа. Дури и со оние партии кои власта денеска ги обвинува дека донеле избрзано решение и дека поради тоа земјата е во блокада.

Зачлени се на нашиот е-билтен