По Руте и Макрон — Ако Украина побара НАТО ќе ја гарантира безбедноста со свои трупи

Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека 26 сојузнички држави изразиле подготвеност да распоредат копнени, воздушни и поморски контингенти во Украина веднаш по договор за прекин на огнот или мир, како дел од „коалицијата на подготвените“.

Целта е постконфликтно „обезбедување“ на теренот, а не директно учество во борби, изјави Макрон по самитот во Париз на кој учествуваа и украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот специјален пратеник Стив Виткоф.

Оваа најава следи по вчерашната порака на генералниот секретар на НАТО Марк Руте во Прага, дека Москва нема право да одлучува дали западни трупи ќе има во Украина: „Тоа е суверена држава, не е на Русија да решава,“ рече Руте на IISS Prague Defence Summit, додавајќи дека ако Киев побара сили за безбедносни гаранции како дел од мировен аранжман, тоа е одлука на Украина.

Вашингтон засега не говори за американски копнени сили, но испраќа позитивни сигнали за поддршка на европскиот аранжман со противвоздушна одбрана, разузнавање и надзор, а американскиот претседател Доналд Трамп во телефонска координација со европските лидери ги повика европските земји да ја намалат зависноста од руски енергенси.

Русија експресно реагираше дека „во ниеден формат“ не прифаќа распоредување западни сили на украинска територија, оценувајќи го концептот како неприфатлив, во индивидуални изјави на нивни претставници за Ројтерс и за Ал-Џезеира

Паралелно, Европската комисија веќе има предлог-патоказ за целосно напуштање на руската нафта и гас до крајот на 2027 година, како дел од поширокиот пакет за намалување на руските приходи и енергетската зависност на ЕУ.

Иако повеќето држави што се приклучуваат на планот се членки на НАТО, европските лидери нагласуваат дека се работи за коалиција на подготвените, а не за формална НАТО-мисија — во согласност со пораката на Руте дека клучно е почитување на украинскиот суверенитет и изградба на долгорочни гаранции.

Зачлени се на нашиот е-билтен