Кога на 92-годишна возраст го напушти овој свет, Џорџо Армани не остави само моден бренд. Остави цела империја вредна над 11 милијарди долари, граденa речиси седум децении со визија, стил и бескомпромисна контрола.
Но, поставувањето прашањето „кој ќе го наследи“ не е толку едноставно кога станува збор за човек што никогаш немал сопствено семејство, ниту деца. Армани го знаеше тоа. И затоа, уште во 2016 година, тивко и внимателно почна да подготвува план.
Од милански излози до светска слава
Армани не започна како моден магнат. Прво го напушти медицинскиот факултет, отслужи војска, а потоа работеше како декоратор на излози во миланска стоковна куќа. Судбината му се насмевна кога почна да дизајнира за Нино Черути, но вистинскиот пробив дојде со филмот „Американски жиголо“ (1980) – и од тогаш, патот кон врвот беше негов.
Во годините што следеа, брендот „Armani“ прерасна од модна куќа во симбол на италијанска елеганција, префинетост и луксуз. Од облека, преку парфеми, мебел и хотели, до сопствен кошаркарски клуб — Олимпија Милано.
Но кој го наследува она што го градел цел живот?
Иако во јавноста долго се шпекулираше, Армани веќе одамна ги постави основите на своето наследство.
Според документи кои Ројтерс ги доби уште во 2023 година, компанијата ќе ја наследат:
- Сестрата Росана,
- Неговите тројца внуци – Силвана, Роберто и Андреа Камерано, кои веќе работат во компанијата,
- Долгогодишниот соработник Панталео Делорко, и
- Фондацијата Армани, која игра клучна улога во долгорочната визија.
Компанијата „Giorgio Armani S.p.A.“ е поделенa во шест класи на акции – секоја со различни права на глас и одлука. Тоа не е случајно. Армани, познат по својата контрола, обезбеди дека по неговата смрт нема да дојде до хаос, продажби или агресивни преземања.
Компанијата не смее да излезе на берза пред да поминат најмалку пет години од неговата смрт, а и тогаш, тоа мора да биде одлука донесена со апсолутно мнозинство на директори. Нема простор за брзи игри на пазарот.
Во 2016 година, Армани ја основа и добротворната фондација „Fondazione Giorgio Armani“, слична на онаа што ја основал Ханс Вилсдорф, основачот на Rolex. Фондацијата нема моќ за директна контрола, но има симболичен удел и морална улога: да ја штити компанијата, работните места, и – можеби најважно – вредностите што Армани ги претставуваше.
„Модерен, елегантен и ненаметлив стил со голема посветеност на детали и функционалност.“
— вака гласи еден од клучните принципи во тестаментот.
До крајот на животот, Армани остана верен на независноста. Одбиваше да го продаде брендот, и особено беше гласен против идејата италијанските брендови да преминат во рацете на француски конгломерати – како што беше случајот со Gucci и Kering.
Дури и за идните аквизиции поставил строги услови: компанијата може да купува само доколку стекнува нешто што сè уште не го знае – нови пазари, нови технологии или канали на продажба. Не пари по секоја цена.