Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонско-бугарски односи: Никогаш не вели никогаш

Тони ПОПОВСКИ

Навидум македонско – бугарските односи се непоправливи, односно нанесена е непоправлива штета. Навидум се, но дали е навистина така?

Последните јавни анкети содржат наоди кои укажуваат на продлабочена антагонизација меѓу двете општества. Кај нас, сѐ повеќе Македонци ја чувствуваат Бугарија како закана, а од друга страна убедливо мнозинство на Бугарите изразуваат очекување за поостра надворешна политика на Софија кон Скопје.

Тргнувајќи од претпоставката дека оваа состојба во билатералните односи не е од полза за двете општества, нужно е да се побара точка на прекршување на овој негативен тренд. Потенцијал за пресврт во односите има уставната измена со која во нашиот Устав би се вградиле делови од други народи вклучувајќи го и бугарскиот. Придобивка е продолжување на процесот на преговори, имајќи предвид дека наредната Меѓувладина Конференција со ЕУ ќе се случи по автоматизам, односно не е можно вето на нејзиното одржување. На тој начин ќе се заокружи почетната фаза на процесот на преговори.  Резонско очекување е овој гест од македонска страна да биде пошироко поздравен во Бугарија но и кај нашите заеднички партнери и сојузници, и да придонесе за проширување и продлабочување на билатералната соработка на низа развојни теми кои се од непосредно социо – економско значење за двете општества, придонесувајќи за создавање на поволна атмосфера за конструктивно адресирање на почувствителните билатерални прашања кои се лоцирани во доменот на историјата и образованието.

Придонес кон пресвртница во односите треба да даде јавната дипломатија бидејќи располага со алатки за позитивно развивање на билатералните врски и влијае на мислењето на јавноста. Тие алатки се културната, економската и образовната размена.

Економската дипломатија цели кон ефективна економска размена и придонесува за решавање на конфликти и за подобрување на дипломатските врски меѓу народите. Впрочем, самото создавање на Европската Унија е првенствено триумф на економската дипломатија, не на претходната неуспешна дипломатија која беше вкопана во ровови на историско – политички недоразбирања и аспирации на сметка на другиот. Економската дипломатија употребува економски средства како трговска размена, директни инвестиции, финансиска и развојна помош, кои вообичаено резултираат со создавање на работни места и взаемен економски просперитет.  Во време на понагласена глобална политичка поларизација, економската дипломатија станува сѐ поважна во надворешната политика, не само за консолидирање на интересите во рамки на одреден сојуз туку и во смисла на превенција од безбедносни ризици кои неминовно го поткопуваат економскиот раст на спротивставените страни. 

Има неколку примери во нашите билатерални односи со Бугарија кои јасно го демонстрираат позитивниот ефект на економската дипломатија. Надмината е границата од една милијарда евра во трговската размена. Во декември минатата година беше одржан успешен бизнис форум во Скопје насловен „До една милијарда и понатаму“. Форумот беше организиран и придвижен од долу нагоре, со директна вклученост на стопанските комори и анимирање на стотина деловни субјекти од двете држави. Домаќин на овогодинешниот форум треба да биде Република Бугарија. Пред неполна седмица, Министерството за туризам  ја информираше бугарската јавност дека е започната серија заеднички иницијативи за промовирање на специјализирани форми на туризам во двете земји. Можностите за соработка се гледаат во проекти за развој на заеднички вински рути, развој во областа на рекламирањето во дигиталната средина, преку промоција на дестинации од страна на новинари и блогери, како и продлабочување на соработката меѓу двете земји и размена на корисни практики. Целта е бугарските и македонските туристи да ги искусат богатствата и особеностите на двете земји и да ги постават темелите за уште подинамичен иден развој на одржлив и еколошки туризам. Притоа беше нагласено дека во Бугарија и Северна Македонија има над 200 перспективни места каде туристите можат да уживаат во вкусот на квалитетно вино. Оваа објава на министерството наиде на интерес и поддршка во бугарската јавност.

Покрај економската дипломатија, нашите билатерални односи ги обликува и културната дипломатија која цели кон споделување на идеи, уметност, податоци и информации и други елементи на културата меѓу народите и нивните жители со цел да се подобри меѓусебното разбирање. УНЕСКО ги охрабрува земјите да ја користат културната дипломатија за да ја промовираат нивната културна посебност, со што се зајакнува глобалниот културен диверзитет, притоа отворајќи го патот кон соработка и дијалог. Друга функција на културната дипломатија е да промовира меѓукултурен дијалог, почит и толеранција, да создава можности за луѓето да учат за различните култури и да се изградат и зајакнат односите меѓу народите што е од клучно значење во меѓусебно поврзаниот свет.  

Примарни носители на културната дипломатија во нашите билатерални односи се Културно – информативните центри, кои делуваат во Скопје и Софија. Би можел да истакнам повеќе но да се задржам на два неодамнешни примери на ефективна културна дипломатија. Беше отворена колективната изложба наречена „Заедно“ на уметници од Бугарија и Северна Македонија во зградата на Европскиот Парламент во Брисел. На отворањето на изложбата покрај европратеникот Илхан Ќучук кој врши функција на Известувач за Северна Македонија, воведно обраќање имаше и претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Мецола која ги охрабри двете земји да го продолжат дијалогот и работата за заедничка европска иднина. Изминатиов викенд успешно заврши тридневната 14-та по ред Македонска книжевна визита во Софија – една од позначајните културни манифестации кои ги организира нашиот КИЦ со подршка на Министерството за култура и издавачката куќа “Макавеј” од Скопје. Во присуство на софиската литературна публика беа интерпретерани дела од реномирани македонски и бугарски поети. Наградата “Македонски книжевен Дедал” беше доделена на извонредната бугарска поетеса Роза Бојанова. Наскоро од страна на македонскиот КИЦ во Софија треба да се организира и традиционалната ликовна изложба „Конекции“, во чии рамки се остваруваат гостувања на најценетите македонски ликовни уметници во Софија. Можеби на прв поглед изгледа контрадикторно, но факт е дека и во периодов кој го одликува политичка тензија во односите, економската и културна дипломатија не се згаснати, туку напротив, придонесуваат за создавање и чување на простор за поцелосна и позитивна пресвртница во односите.

Зачлени се на нашиот е-билтен