Алармантно: Децата денес повеќе страдаат од дебелина отколку од глад

Светот за првпат се соочува со алармантна реалност – денес има повеќе деца со дебелина отколку неухранети, покажува големо истражување на детската организација УНИЦЕФ.

Според податоците, околу едно од десет деца на возраст од 5 до 19 години – односно приближно 188 милиони – се соочуваат со проблем на дебелина. Како главен виновник се наведува преминот од традиционална исхрана кон ултрапреработена храна – релативно евтина, но богата со калории, шеќери и нездрави масти.

Прекумерната тежина – нов облик на неухранетост

Во минатото, поимот „неухранетост“ најчесто се однесуваше на децата со недоволна тежина. Денес, тој го опфаќа и проблемот со дебелината, која носи сериозни здравствени ризици – од дијабетес тип 2, преку срцеви заболувања, па сè до одредени видови рак.

Иако во сиромашните земји и понатаму е присутна класичната неухранетост, паралелно расте бројот на деца кои се прекумерно тешки. Истражувањето покажува дека од 2000 година наваму, процентот на деца со премала тежина се намалил од речиси 13 % на 9,2 %, додека стапките на дебелина пораснале од 3 % на 9,4 %. Денес секое десетто дете е со дебелина, а едно од пет е со прекумерна тежина.

Глобален проблем

Дебелината ја надмина неухранетоста во сите региони, освен во Субсахарска Африка и Јужна Азија. Највисоки стапки се регистрирани во мали пацифички островски држави – Ниуе (38 %), Кукови Острови (37 %) и Науру (33 %).

Сепак, проблемот не ги заобиколува ниту богатите земји: во Чиле 27 % од децата се со дебелина, а во САД и Обединетите Арапски Емирати по 21 %.

„Во многу земји гледаме двоен товар на неухранетост – и застој во растот и дебелина,“ предупредува извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.

Последици и повик на акција

УНИЦЕФ предупредува дека економските и здравствените последици може да бидат огромни. Според проценките, до 2035 година глобалниот економски товар од прекумерната тежина и дебелината ќе надмине 4 билиони долари годишно.

Организацијата ги повикува владите да преземат итни мерки – од строги правила за означување и рекламирање на храната, до забрана на ултрапреработена храна во училишните мензи. Како можни решенија се наведуваат воведување даноци на нездрави производи, но и охрабрување на индустријата да ги рефорулира рецептите за да се намалат шеќерите, солта и заситените масти.

УНИЦЕФ бара и заштита на јавните политики од влијанието на индустријата за ултрапреработена храна, со забрана за нивно директно учество во креирањето на здравствените политики и обврска за транспарентност при секое лобирање.

„Секое дете мора да има пристап до здрава и хранлива храна. Ова е глобален предизвик кој бара итен одговор,“ порача Расел.

Зачлени се на нашиот е-билтен