Кој се плаши од декласификација на документите на АНБ

Кој се плаши од декласификација на документите на АНБ

Кој се плаши од декласификација на документите е прашањето во случаи каков што е актуелниот со Агенцијата за национална безбедност. Од познатите искуства, вообичаено е да се прави селективна декласификација, со учество на независна парламентарна комисија која ќе може да провери дали имало незаконско следење, а јавноста да добие резултат без да бидат загрозени безбедносни методи.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

2019–2024 е период во кој АНБ можела легитимно да има безбедносен интерес за клучните политички актери, особено поради НАТО, ЕУ, протестите и можните странски влијанија. Но дали таа работа се правела законски или со злоупотреби е суштината на сегашната афера.

Меѓу 2019 и 2024 година Северна Македонија помина низ неколку исклучително чувствителни процеси што од безбедносен аспект можеле да бидат предмет на интерес на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), како и на политичките личности што активно учествуваа во нив.

Влезот на земјата во НАТО во март 2020 година претставуваше еден од најважните безбедносни настани во новата историја, при што службите имаа обврска да следат можни странски влијанија и кампањи за дестабилизација, особено од актери кои традиционално се спротивставуваат на проширувањето на Алијансата.

Во исто време, пандемијата на COVID-19 го отвори прашањето за управување со кризата и за ширењето на дезинформации, што дополнително ја наметна улогата на АНБ во следење на ризиците поврзани со радикализација и јавни протести.

Политичките кризи и изборните процеси, од парламентарните избори во јули 2020 година до локалните избори во 2021 година кога Зоран Заев поднесе оставка, исто така претставуваа моменти на голема чувствителност. Внатрешните турбуленции во СДСМ и зацврстувањето на лидерството на Христијан Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ беа тесно поврзани со стабилноста на политичкиот систем, што од аспект на службите можело да биде повод за зголемено внимание.

Особено драматичен период беа протестите против т.н. француски предлог во 2022 година, кога десетици илјади граѓани излегоа на улиците, а дел од демонстрациите пред Собранието завршија со насилство и судири со полицијата. За АНБ тоа значеше потреба да се следат комуникации и групи што би можеле да предизвикаат дестабилизација, при што настаните беа директно поврзани со опозициските структури, но и со власта која ги туркаше уставните измени. Паралелно со тоа, се одвиваа и преговорите со ЕУ, при што беа активни високи политички личности како тогашниот премиер Димитар Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, чија улога во меѓународните односи и во односите со Бугарија особено ја ставаше под лупа нивната работа.

Во овој период дополнително се појавуваа и меѓуетнички тензии, поврзани со чувствителни прашања како пописот во 2021 година, интеграцијата на албанскиот јазик во институциите и редица локални инциденти што повремено доведуваа до судири меѓу младите од различни заедници. За една мултиетничка држава како Северна Македонија, овие настани природно беа безбедносен приоритет, а политичките лидери на македонската и албанската заедница, меѓу кои Али Ахмети и Артан Груби, често беа во фокусот на јавноста.

Во периодот до 2024 година дополнително се засилуваа и предупредувањата од НАТО и ЕУ за хибридни влијанија и дезинформациски кампањи во регионот, што ја правеше неопходна зголемената внимателност на службите. Во таков контекст, логично е дека клучните политички актери како Заев, Ковачевски, Маричиќ, Османи, Мицкоски, како и лидерите на ДУИ Али Ахмети и Артан Груби, заедно со претседателот Стево Пендаровски, можеле да бидат предмет на безбедносен интерес, без тоа автоматски да значи дека биле незаконски следени.

Периодот 2019-2024, значи, носеше повеќе настани кои објективно бараа внимателност од службите, од членството во НАТО и пандемијата, преку протестите и уставните измени, до странските влијанија и внатреполитичките и меѓуетничките тензии. Прашањето што денес ја отвора јавноста не е дали АНБ имала причина да следи одредени процеси и актери, туку дали тоа го правела во рамките на законските овластувања или преку злоупотреби што сега се посочуваат како можен нов скандал со прислушување.

Во јавноста постои согласност дека АНБ има легитимна задача да следи ризици за државната безбедност, особено во контекст на НАТО, ЕУ преговорите и хибридните закани. Но прашањето што се наметнува денес е дали таа работа е вршена законски и транспарентно. Владата и премиерот Христијан Мицкоски тврдат дека постоеле масовни злоупотреби и дека биле следени не само опозициски политичари, туку и новинари и бизнисмени, што го нарекуваат напад врз демократијата. АНБ веќе достави три пријави до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција со индиции за незаконско постапување на поранешни раководители и вработени, а на 5 септември беше спроведен и увид во документацијата.

Од друга страна, поранешниот директор на АНБ Виктор Димовски јавно изјави дека Мицкоски воопшто не бил предмет на интерес во периодот 2019–2024 и дека не бил прислушуван, и побара декласификација на документите, што ја отвора дилемата дали сегашните обвинувања се делумно политички мотивирани. Дополнителни реакции доаѓаат и од СДСМ, кои ја обвинуваат власта дека намерно ја драматизира темата за да го покрие недостигот од резултати во други области.

Барањето за декласификација е многу чувствителен инструмент. Од една страна, е оправдано особено ако има сомнежи дека АНБ незаконски прислушувала политички лидери, новинари или бизнисмени, јавноста има право да добие барем делумна потврда дека постоела злоупотреба. Такво нешто би ја вратило довербата во институциите и би покажало дека државата е транспарентна во справувањето со евентуален скандал.

Но од друга страна, декласификацијата носи ризик. Документите на АНБ не содржат само информации за политичари, туку и за методи на работа, оперативни контакти и чувствителни податоци за трети лица. Ако сè се отвори без филтер, може да се наруши работата на службата и да се компромитираат доверливи извори. Затоа, вообичаено се прави селективна декласификација, со учество на независна парламентарна комисија која ќе може да провери дали имало незаконско следење, а јавноста да добие резултат без да бидат загрозени безбедносни методи.

Ако документите што би се декласифицирале покажат дека Христијан Мицкоски и други личности биле следени без судска одлука или без јасни безбедносни аргументи, тоа би значело класична злоупотреба на системот. Вакво откритие би ја потврдило тезата на сегашната влада за „напад врз демократијата“ и би можело да доведе до сериозни кривични постапки против поранешни директори и службеници на АНБ. Последиците би биле огромни и за довербата во институциите и за меѓународниот углед на државата, бидејќи Македонија веќе еднаш минуваше низ криза со масовно прислушување во 2015 година.

Ако документите покажат дека постоела формална и законска основа за следење на комуникации-на пример, поради сомнителни контакти или средби што службите ги оцениле како ризични, тогаш целата афера би добила сосема поинаков правец. Во тој случај, Мицкоски и неговите поддржувачи би биле изложени на прашања за природата на тие контакти, а сегашната влада би можела да се најде во незгодна позиција ако излегло дека се повикува на скандал кој правно бил оправдан. За јавноста тоа би значело нова дебата за границата меѓу приватноста на политичарите и јавниот интерес за националната безбедност.

Дополнителна дилема отвора и самиот начин на кој премиерот дознал за наводното прислушување. Ако сознанијата навистина дошле од директорот на АНБ или АР, тогаш тоа отвора прашања за политизација на службите и нивната улога-наместо преку институционален надзор, информациите стигнуваат директно до политичар. Ако, пак, изворот е неофицијален, тогаш целата афера добива уште поголема мистерија. Во вакви системи, информациите за тоа кој бил предмет на мерки се строго доверливи. Доколку се пренесуваат на политичари по неформален пат, тоа значи дека самиот систем се нарушува одвнатре.

Трето сценарио може да биде дека Мицкоски дознал од некаде на страна (странски партнери, поранешни функционери, или политички извори) и потоа јавноста го добива впечатокот дека станува збор за „информации од службите“. Ова би можело да објасни зошто и тој и Христовски внимателно го избегнуваат барањето за декласификација.

Зачлени се на нашиот е-билтен